Четири дена работа, три дена живот: Дали Македонија е подготвена за револуцијата на модерното работно време?
Светот веќе сериозно размислува за нов начин на работа – пократка недела, повеќе одмор и помалку стрес. Последната студија објавена во Nature Human Behaviour открива дека четиридневната работна недела носи низа придобивки: помалку прегорување, подобро физичко и ментално здравје и поголемо задоволство од животот.
Во пилот-програмата што опфати 141 компанија во шест земји (Австралија, Канада, Ирска, Нов Зеланд, Велика Британија и САД) вработените работеле само четири дена неделно, без намалување на платата. Резултатите биле изненадувачки – стресот се намалил, спиењето се подобрило, а продуктивноста останала иста.
Дури и една година подоцна, фирмите не се вратиле на старото. Напротив – повеќето ја задржале скратената недела, а вработените пријавиле подобро расположение и повисока мотивација.
Колку треба да работи Македонецот?
Во Македонија, просечната работна недела сè уште изнесува помеѓу 40 и 48 часа, што е повеќе од европскиот просек (36 часа). Дополнителните прекувремени часови, неделните смени и ниските плати создаваат хроничен замор кај многумина.
„Македонецот не прегорува затоа што работи премногу, туку затоа што ретко има време да се одмори – а уште поретко чувствува дека неговата работа е вреднувана“, вели д-р Елена за Женски магазин.
Експертите сметаат дека идеалниот модел за Македонија би бил 35 до 37 часа неделно, односно четири до четири и пол работни дена, со задржување на платата. Тоа би донело не само поголема ефикасност, туку и подобар баланс меѓу работата и приватниот живот – нешто што особено им недостига на жените, кои најчесто ги носат и домашните обврски.
Помалку работа – повеќе живот
Социолозите кои ја спроведоа студијата укажуваат дека токму чувството на контрола и одмор е најважно за здравјето. Луѓето кои работеле пократко, имале помалку проблеми со спиењето, помалку замор и подобро ментално здравје.
„Ова не е тренд, туку потреба. Жените особено би имале корист – повеќе време за семејството, себе и личен развој“, велат експертите.
Додека Холандија и Шпанија веќе воведуваат работна недела од 32 до 37,5 часа, Македонија сè уште се бори со застарени навики. Но, промената е можно сценарио – ако општеството конечно сфати дека среќниот и одморен вработен е и најпродуктивен.
РЖМ/Ирена С. - Фото: Женски Магазин/Вангел Тануровски