Нашето не беше љубов на прв поглед, но искрата нѐ донесе до ова што сме денес: Исидора, сопругата на Марио од 2Бона за Женски магазин

Таа е вистински пример дека љубовта може да биде и силна, и нежна, и вистинита – особено кога е изградена на почит, разбирање и поддршка. Исидора, сопругата на Марио од популарното дуо 2Бона, открива како започнала нивната љубовна приказна, која денес инспирира многумина. Во интервју за Женски магазин, зборува искрено за животот покрај јавна личност, за вистинската блискост што ја градат секојдневно, за својот баланс меѓу бракот, кариерата и личните соништа – и за тоа зошто најубавиот тренд што може да го следи една жена е автентичноста.
ЖМ: Исидора и Марио, вашата приказна инспирира многумина – како започна вашата љубов?
-Многу ни е мило на двајцата што нашата приказна е инспирација за прави вредности и вистинска љубов во ова денешно општество. Нашата љубов започна многу спонтано и неочекувано и сè се поклопи во вистински момент. Иако не беше љубов на прв поглед и имавме краток прекин, сепак од самиот старт имаше некоја искра која нѐ донесе до ова што сме денес.
ЖМ: Кога почувствувавте дека ова е „вистинската“ љубов?
- Па најверојатно уште од самите почетоци и еве до денес секој ден.
ЖМ: Што најмногу те освои кај него како човек, а не само како јавна личност?
- Искрено, фактот што беше јавна личност не беше една од работите кои ме освоија кај Марио, напротив, сѐ уште ме освојува неговата приземност, смиреност и амбицијата што ја видов во него. Таква жед и посветеност на своите соништа ретко се гледа, особено кај маж. До ден денес се фасцинирам кога го гледам со која пасија прави нова песна, снима или настапува. Уште нешто што дефинитивно ме освои кај него е фактот што за прв пат се почувствував сигурно да бидам своја и слободна пред некого.
ЖМ: Сега кога сте во брак – што се промени, а што остана исто во вашата врска?
- Мислам дека ние многу оддамна се однесувавме како да сме во брак, (се смее), така што мислам дека горе-долу си е исто, освен како што Марио сега вели, можеби почитта е на друго ниво.
ЖМ: Како изгледа еден ваш заеднички ден кога Марио не е на настап?
- Уживаме во такви денови, гледаме да се опуштиме максимално – вкусна храна, добар филм, шеткање со Тоше (нашето кутре). Ако е убаво времето, знаеме и да избегаме некаде на ручек, ама дефинитивно го преферираме комфортот на нашиот дом.
ЖМ: Велат дека љубовта бара компромиси – кои се вашите мали тајни за складен однос?
-Можеби звучи клише, ама многу почит, разбирање, комуникација пред сè и секако наоѓање време еден за друг по секоја цена.
Животот покрај јавна личност
ЖМ: Често го придружуваш на настапите и патувањата – како изгледа животот „позади сцената“?
- Колку што изгледа и е интересно, толку и е напорно. Многу пат, ненаспаност, брзање, ама мислам дека веќе ми е рутина спремање во половина час. Сепак јас сум само сопатник, така што за мене е уживање тоа што за него е работа.
ЖМ: Колку ти е важно да бидеш дел од неговиот музички пат, а колку зад кулисите имаш свои планови и интереси?
- Мило ми е што имам можност да бидам дел од таа сфера на неговиот живот и што тој ми дозволува да учествувам во сето тоа бидејќи ја знам важноста на музиката и кариерата за него. Често пати и работам и помагам на снимањата, така што веќе сум и дел од екипата. Но покрај сето тоа, јас имам свој бизнис на кој сум исто толку посветена и никогаш не ги запоставувам моите интереси.
ЖМ: Што е најубавото, а што најтешкото во тоа да си сопруга на познат уметник?
- Единствено нешто што некогаш е тешко е тоа што кога има хаотични периоди со многу настапи и снимања, како е периодов сега, повеќе сме соработници и немаме многу време за нас, ама на крајот од денот сето тоа се исплати. Инаку е прекрасно и навистина уживам во секој момент.
ЖМ: Дали славата на некој начин ви го менува секојдневието или успевате да останете „нормални“ во приватниот живот?
- Како што кажав во претходното прашање, некогаш ни е тешко да најдеме време за нас. Кога сме надвор често се случува да се сликаме со фанови и да нè препознаваат, така што нема простор за нерасположение, (се смее), меѓутоа сме сосема нормални бидејќи тоа што сме надвор сме и дома.
Социјални мрежи и автентичност
ЖМ: Многумина те следат на TikTok – што те мотивира да споделуваш дел од своето секојдневие?
- Искрено, никогаш не мислев дека ќе бидам тиктокерка, а одсекогаш сум сакала да правам нешто што инволвира зборување пред камера. После подкастот кај Лазаров почувствував толку убава енергија и поддршка од луѓето што и моето снимање си дојде природно. Сега баш уживам во тоа, секогаш кога снимам се чувствувам како да сум на кафе со публиката.
ЖМ: Колку е важно за тебе автентично да се прикажеш, без филтри и позирање?
- Многу е лесно секогаш да сум нашминкана, со направена фризура и извежбани гримаси, меѓутоа сум си ветила на себе дека ако некогаш почнам со јавен живот или живот пред камера ќе се трудам максимално да бидам автентична и реална. Сакам да се прикажам пред публиката исто како што сум и дома, со моите родители, пријатели, со Марио итн. Најмногу уживам да бидам во пижами, без шминка, со убаво кафе до мене, па затоа истото го правам и пред камера.
ЖМ: Кој тип на содржина луѓето најмногу ја сакаат кај тебе?
- До сега сè што сум пласирала било интересно, сеуште сум нова во овој свет и немам некој правец бидејќи сакам да го споделувам секој аспект од мојот живот – дали влог од денот, дали нова песна на ДваБона или пак правење кафе со мене. Мислам дека за секој контент има публика.
ЖМ: Дали некогаш си се соочила со негативни коментари и како се справуваш со тоа?
- Секако, ако ги нема нив, значи нешто не е како што треба, (се смее). Искрено, не ме допираат. Кога веќе решив јавно да зборувам за мојата најдлабока и интимна тајна, бев спремна на сè и се изненадив од позитивата која ја добив. Некогаш знам и да вратам на некој лош коментар бидејќи има доста креативни и навистина ме смеат.
Стил, убавина и самодоверба
ЖМ: На социјалните мрежи секогаш изгледаш негувано и со стил. Како би го опишала својот моден вкус?
- Се трудам да се фокусирам на нега на кожа, skincare ми е слаба страна. Сакам лесна секојдневна шминка и едноставни, удобни аутфити. Сметам дека е побитно како го носиш парчето облека од тоа какво е. Сакам убави чанти, голем фанатик сум за патики и накит.
ЖМ: Имаш ли некој „signature look“ или парче облека што најмногу те претставува?
- Мислам дека црната боја е мојот signature, (се смее). Црното е едноставно, но сметам дека за да изгледа бомбастично треба да знаеш како да го искомбинираш правилно. Исто така, мислам дека сум препознатлива по накитот кој го носам, бидејќи штом ми се допадне нешто, тешко да го тргнам од рутина.
ЖМ: Кои се твоите секојдневни ритуали за убавина – нешто без кое не го почнуваш денот?
- Skincare и многу вода! Не излегувам од дома без SPF, и бидејќи не се шминкам секојдневно, без да посветам време на лицето и косата.
ЖМ: Дали следиш трендови или повеќе се водиш по личен стил и чувство?
- Никогаш не сум сакала трендови ниту да имам нешто што сите го имаат, иако знам некогаш да подпаднам на некое парче што е вирално, но треба навистина да ми се допаѓа многу. Си имам комфорт зона од која не шетам многу.
ЖМ: Што за тебе претставува вистинската женственост – изглед, став или енергија?
- Енергија пред сè, дефинитивно. Многу верувам во енергии и многу си ја штитам својата. Секако, и ставот и изгледот на една жена се битни, меѓутоа сето тоа кратко трае без енергија. Сите три се рецепт за моќна жена.
Вредности, инспирација и планови
ЖМ: Што те мотивира и одржува позитивна во денови кога не ти оди сè по план?
-Има многу денови кога не оди ништо по план, кога расположението и мотивацијата ми се на нула, и во тие денови се трудам да се сакам себеси повеќе од вчера, да си дадам време и да не се форсирам со ништо. Одам на пилатес и тоа ми е како therapy session, знам и да направам онлајн шопинг за да си го подобрам расположението, (се смее). За сè има време – се трудам да се потсетам себеси дека животот е многу краток и треба да го живееме полека и со уживање. Секогаш има нов ден. Само со љубов према себе.
ЖМ: Дали има нешто што би сакала да направиш како личен проект – можеби нешто поврзано со жени, мотивација или мода?
ЖМ: Има многу работи што сакам да ги направам, но гледам да одам чекор по чекор за да не си направам хаос во главата. Прво имам проект околу мојот салон, нешто ново и многу возбудливо, како и голем чекор за мене, а потоа ќе се фокусирам на сите останати планови.
ЖМ: Што би му порачала на секој што денес ја чита оваа приказна и верува во љубовта како вас двајца?
- Животот е многу интересен, секогаш сè се случува во вистинско време. За секого има по еден Марио – најбитно е да уживате и да ги правите сите работи со љубов и истрајност. Соништата навистина се остваруваат.
Ирена Ставрова