„Ништо не е недостижно ако навистина го сакаме“ – Интервју со дизајнерката Моника Коцарева по освојувањето на Париз

Со естетика што спојува сензуалност, самоувереност и гламур, Моника Коцарева за само неколку години го издигна својот бренд Atelier Kocareva од македонско ателје до светска модна писта. Неговата кулминација се случи во Париз – градот на модата и сонувачите – каде нејзината колекција Fleurs du Mal предизвика огромни реакции и восхит кај публиката и критичарите. Зад тој успех стои храбра приказна за визија, работа и љубов кон уметноста на облекувањето. Коцарева не само што ја претстави Македонија на една од најпрестижните светски модни сцени, туку покажа дека талентот и трудот можат да ја пробијат секоја граница.
Почеток и инспирација
ЖМ: Моника, модната приказна „Atelier Kocareva“ денес е препознатливо име, но како започна сè? Кој беше моментот кога знаеше дека модата е твојот пат?
-Оваа моја приказна започна во 2016та година со голема поддршка од мојот партнер. Модата уште од дете беше моја пасија. Кога бев при крај со моите студии, почнав да се запрашувам за мојата животна професија, па со голема верба во себе и своето познавање на модата знаев дека ќе го направам вистинскиот чекор.
ЖМ: Кој беше најголемиот предизвик на почетокот – да создадеш колекција, да најдеш публика или да изградиш свој стил?
-Да најдам добар тим за работа беше најголемиот предизвик. Бидејки јас веќе имав свој стил кој го изразував низ колекциите што ги создавав во еден здив, а публиката сама по себе го препозна мојот талент низ креациите.
ЖМ: Како би ја опишала својата естетика во три зборови?
-Сензуална, самоуверена и гламурозна.
Париз – сон што се оствари
ЖМ: Париската модна недела е врв за секој дизајнер. Како дојде до тоа токму твојот бренд да се најде на Paris Fashion Week?
-Презентирањето на мојот бренд на PFW беше со намера за претставување на брендот Коцарева во престолнината на модата. Самиот град Парис ја отелотворува беспрекотната женственост и безвременскиот гламур врз кои се изградени моите колекции. Сакав својот бренд да го развијам и на глобално ниво во модната индустрија, па така решив да го направам и овој голем чекор, за кој воопшто не погрешив.
ЖМ: Колекцијата „Fleurs du Mal“ („Цвеќиња на злото“) беше главниот момент на твоето претставување. Што те инспирираше да ја создадеш токму оваа тема?
-Во самата колекција гледате дуализам рефлектиран во самите дизајни. „Цветовите“ кои се наши сензуални елементи во колекцијата се појавуваат во поголем дел од креациите. Тие се изработени од чипка, тул, мунистри, пердуви и сл…
„Злото“, се изразува преку по-острите елементи: конструкциите на корсетите, острите кроеви, неочекуваните модни волуменозни додатоци.
Самоуверената, малку бунтовна жена е она што ја инспирираше оваа колекцијата да биде толку гламурозна.
ЖМ: Како изгледа процесот – од идеја до ревија? Колку време трае создавањето на една колекција што ќе ја види светот во Париз?
- Идејата и ангажманот започна минатата година. А создавањето на колекцијата и изработката, неколку месеци пред ревијата.
ЖМ: Какви беа реакциите на публиката и модните критичари во Париз? Дали очекуваше таков прием?
-Реакциите беа навистина огромни, на најдобар можен начин. Енергијата во салата беше многу возбудлива, уште од излегувањето на првиот модел на пистата.
За гостите, верувам дека колекцијата навистина се изрази на емоционално ниво. Мојата естетика која е сензуална, самоуверена и гламурозна - е повеќе од само облека, станува збор за чувство. И на тоа реагираа многу луѓе.
Многу од гостите и уредниците коментираа за наративот на колекцијата и како нашата модерна интерпретација на „Fleurs du Mal“ беше толку јасно преведена преку облеката. Им се допадна контрастот помеѓу нежните, женствени елементи и посилните, посмели детали.
ЖМ: Што значи за тебе лично тоа што твоето име стои покрај светски дизајнери во градот на модата?
-За мене претставува престиж и кредибилитет. Ова е непроценлив чекор за градење доверба кај клиентите, ширење на пазарот и привлекување нови клиенти кои сакаат да се запознаат со бренд кој ја докажал својата вредност.
Креативниот процес и визија
ЖМ: Твоите креации секогаш имаат уметнички и емоционален потпис. Каде ја наоѓаш инспирацијата – во уметноста, во природата, во луѓето...?
- Инспирацијата ја наоѓам насекаде околу себе. Дури многу често и самите материјали ме инспирираат за дизајните на креациите.
ЖМ: Кој е твојот омилен дел од креативниот процес – скицирањето, изборот на материјали, или моментот кога моделот ја облекува креацијата?
-Моментот кога ќе оживее креацијата.
Гледајќи го процесот од скица до финален производ е најбозбудливиот дел во мојата работа.
ЖМ: Колку е тешко да се одржи автентичност во време кога трендовите се менуваат секоја недела?
-Веќе брендот си има свој стил и не секогаш ги следиме трендовите кои се наметнуваат. Ги прифсќаме и ги имплементираме со задржување на нашиот печат, меѓутоа не по секоја цена.
ЖМ: Кои материјали, форми или симболи најмногу ја претставуваат твојата визија за женственост?
-Мојата визија за женственост оживува преку употреба на контрастни елементи.
Луксузни и лелеави материјали, остри и моќни структури и сложени и деликатни елементи.
Македонија и светот
ЖМ: Колку е тешко да се пробиеш на светската модна сцена кога доаѓаш од мала земја како Македонија?
Пробивањето на светската модна сцена од мала земја како Македонија е навистина тешко, почнувајќи од конекциите до кој треба да дојдеме за да сме дел од еден ваков настан, па се до претставувањето во вистинско светло, наоѓајќи се помеѓу доста големи имиња во модната индустрија, но благодарение на дигиталните платформи денес животот е олеснет и на некој начин полесно може да ги презентираме нашите квалитети.
ЖМ: Дали чувствуваш дека модната индустрија кај нас се движи напред – и што би сакала да се промени?
- Мое мислење е дека кај нас модната индустрија се движи во нагорна насока, и доста се следат светските трендови. Можеби треба да се обрне повеќе внимание околу e-commerce…
ЖМ: Како ја претставуваш Македонија преку своите креации пред странската публика?
- Лично и визионерски
ЖМ: Ако треба да ја опишеш оваа ревија во една реченица – што би рекла дека претставува за тебе?
- Ревијата во Париз за мене претставува доказ за нашиот постојан раст и за еволуцијата на брендот .
ЖМ: Што научи од ова искуство во Париз – не само како дизајнер, туку и како жена?
- Научив дека ништо во животот не е недостижно ако навистина го сакаме, целиме кон тоа и неуморно работиме.
ЖМ: Какви се твоите следни планови – нова колекција, нова ревија, можеби соработка со меѓународен бренд?
- Моментално сум посветена на својата колекција за венчаници за 2026та година.
ЖМ: Дали сè уште постојат неостварени соништа – или ова беше само почеток на нешто поголемо?
-Мислам дека секој човек има постојано неостварени соништа. Да се надеваме дека ова е само почеток.
ЖМ: И за крај – што би им порачала на младите македонски дизајнери кои сонуваат да стигнат таму каде што ти си денес?
-Мојот совет за успех до помладите дизајнери се сведува на две клучни работи: бидете неуморни визионери и бидете доживотни ученици. Упорноста и неуморната работа секогаш резултира со успех.
Ирена Ставрова