„Не заборавајте да кажете: те сакам, благодарам и извини“: Аманетот на Панчо и Андреј кој ни го оставија

Добивај вести на Viber

„Не заборавајте да кажете: те сакам, благодарам и извини“ – така завршуваше пораката што ни ја оставија Панчо и Андреј. Денес, кога нив веќе ги нема, овие зборови болат повеќе од кога било.

"Фала" – беше последната заедничка песна на дуото ДНК. Последната емотивна нота пред трагедијата која го замолкна еден од највлијателните музички гласови на Македонија. Андреј прв го напушти овој свет во трагичниот пожар во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани, каде што животите ги загубија 62 млади луѓе. Седум месеци подоцна, замина и Панчо – како да не можеше да ја издржи тишината без својот музички брат.

Сцената засекогаш ги изгуби ДНК, но нивната музика, нивната љубов и нивниот отпечаток остануваат живи.


Токму "Фала", објавена само три дена пред трагичниот настан, денес звучи како предвесник, како збогување. Како аманет напишан со срце и солзи. Текстот што го напиша Панчо денес добива сосема нова димензија. Како да претчувствувале...

„Ако утре ме нема, немој да ме жалите…“

Стих што сече како нож низ срцето. Стих што одекнува меѓу илјадници гласови што некогаш ја пееја нивната музика со рацете кренати високо.


Беа повеќе од музичко дуо. Беа браќа. Совладоа многу – од почетоци полни со сомнежи и недоверба, до распродадени арени, клубови и аплаузи што одѕвонуваа како победа над сите пречки. Во 2022 година, ДНК прослави 20 години постоење со спектакуларен концерт во „Борис Трајковски“. Тогаш, во таа порака до фановите, ја отворија душата:

„Никогаш не верувавме дека ќе издржиме 20 години… Премногу сопки, неправди, хејтери... Но љубовта кон музиката нè водеше секогаш. Сè што направивме, го направивме сами. Без менаџери, без богати пријатели. Само со срце и со поддршка од вас – публиката.“

И додека фановите и музичката сцена уште ги пеат нивните песни, тишината по нивното заминување е најгласна.

Но тие нè научија на нешто повеќе од музика.

Не заборавај да кажеш „те сакам“.

Не заборавај да кажеш „извини“.

Не заборавај да кажеш „фала“.

Тоа беше нивната порака. Нивниот аманет.

ДНК не беше само група. Беше чувство. Беше глас на една генерација. Панчо и Андреј – имиња што веќе се врежани со златни букви во историјата на македонската музика.

Нека почиваат во мир. Нивната музика ќе живее вечно.

Г.Д.Г