Потресна порака од семејствата на жртвите од Пулс: Панчо е 63-та жртва, болката не стивнува, правдата ја чекаме со години

Добивај вести на Viber

Силен бран емоции предизвика пораката што ја испратија блиските членови на семејствата на загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по смртта на пејачот Владимир Блажев – Панчо, кој стана 63. жртва на оваа трагедија

Нивниот активизам во борбата за правда го преточија во граѓанското здружение „Здружение на граѓани 16-ти Март“, кое повторно проговори со силни зборови исполнети со болка.

„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев – Панчо. Со длабока тага и солзи ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – талентиран пејач, полн со енергија и музика што допираше до срцата. Замина прерано, оставајќи празнина која не може да се пополни“, напишаа од здружението.

Тие потсетуваат дека оваа трагедија остави длабоки траги кај семејствата на жртвите и во општеството. „Како родители што ја почувствувавме најголемата болка – губење на дете – ја знаеме бездната на оваа тага. Вашата болка е наша болка, вашата загуба е наша загуба“, стои во пораката.

Здружението уште еднаш испрати и порака за правда и одговорност: „Ова не е број – ова е живот што носеше радост и надеж. Колку уште срца ќе бидат скршени? Колку уште семејства ќе страдаат? Правдата мора да се извојува – за Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен. Ние нема да молчиме!“

Пораката завршува со емотивни зборови: „Почивај во мир, Панчо. Пренеси им поздрав на нашите ангели – засекогаш ќе останете во нашите срца.“