„Занемари го стравот, имај доверба, најдобрата верзија од тебе допрва доаѓа“: Интервју со Мирјана Цветковска, генерална директорка на Инфинум Македонија
Интервју со Мирјана Цветковска, генерална директорка на Инфинум Македонија
Во индустрија во која често доминираат мажи, каде што сè се одвива со брзи процеси и многу бројки, ретко се среќава лидер кој внесува смиреност, емпатија, женска сила и енергија како што тоа го прави Мирјана Цветковска. Нејзиниот професионален раст, од HR асистентка до генерална директорка на Инфинум Македонија за само шест години е доказ дека лидерството не мора да биде агресивно за да биде моќно. Може да биде тивко и стабилно, но многу длабоко.
Нејзината улога денес е да води тим што создава дигитални продукти на глобално ниво, да го интегрира новиот тим по најновата аквизиција, да обезбеди чувство на припадност и безбедност, и да докаже дека и во ИТ, жените не само што припаѓаат, туку и одлично водат.
Во ова интервју за Женски магазин, Мирјана зборува за нејзиниот пат, лидерството со интегритет и транспарентност, новата аквизиција, идните планови и инспирацијата што сака да ја пренесе на сите жени кои се борат за свое место во бизнисот.

Вашата приказна почнува како HR асистент, а денес сте генерална директорка. Како изгледа ова патување, гледано низ вашите очи?
Цветковска: Позицијата HR асистент во 2019 година беше првото скалило во градењето на кариера во областа на човечките ресурси, но пред да ја направам таа кариерна промена, зад себе имав 9 годишно искуство во водење на меѓународни проекти од областа на претприемништво и регионален развој и бизнис консултантство во кој период имплементиравме низа проекти со партнери од Грција и Албанија со вкупно портфолио од пола милион евра, и изработени над 500 бизнис планови со кои невработени лица (меѓу кои и жени и лица од ранливи групи) успешно отпочнаа сопствен бизнис.
Мојот пат всушност ја одразува сликата како кога тргнуваш на патување, не знаејќи каде точно ќе стигнеш, но го правиш првиот чекор. Во моментот кога ги завршив магистерските студии по јавна администрација, не ни помислував дека кариерниот пат ќе ме одведе во човечки ресурси, а потоа и во менаџмент. Од позицијата HR асистент до денес, најмногу ме обликуваа моментите на неочекувани и брзи промени, кога требаше да се покаже храброст за преземање одредени чекори и одговорности, за кои не секогаш сте сигурни дека сте подготвени.
Само за пример, во првата ИТ компанија во која работев, околностите наложија преку ноќ од HR асистент да ги преземам сите одговорности на HR менаџер, бидејќи немаше друг во тимот. Дилемата беше “се впуштам во ова и давам најдобро од себе или се откажувам од сѐ”. Секако, имав моменти на колебање, беше стресно, беше застрашувачки како единствен HR во компанијата да се преземе одговорност за 200+ вработени, 15-тина средни менаџери и 5 луѓе во топ менаџмент, со доста отворени позиции за пополнување, без директна помош, моменти кога се прашував дали нешто треба или вреди да се направи. Но секогаш бев сигурна во сопствените знаења, способности и правилна проценка, секогаш реална за сопствените силни страни, но и областите за раст. Самата сатисфакција од фактот што успеав да го задржам континуитетот во работењето и никој не ја почувствува промената, за мене беше најубавото чувство, кога ја гледаш сопствената трансформација и како динамиката и тешките околности ти ја откриле твојата вистинска сила и границите на издржливост и можности за кои можеби не си бил свесен колку се големи. После тоа, само небото е граница.

Како изгледа да се биде жена лидер во ИТ индустријата? Кои се вашите најголеми предизвици – и најголеми победи?
Цветковска: Најголем предизвик е што често мораш да се докажуваш повеќе, дури и пред себе, посебно ако доаѓаш со не-техничка експертиза. Понекогаш „внатрешниот критичар“ е многу погласен од кој било надворешен. Но најголемата победа е тоа што секој ден гледам дека жените го менуваат просторот во кој работат: внесуваат емпатија, структура, аналитичност, перспектива и човечност.
Лично сметам дека женскиот стил на лидерство, отвореност, грижа, но и одлучност, упорност и градење доверба е огромна сила. И колку повеќе го покажуваме, толку повеќе правиме простор за други жени да се осмелат.
Аквизицијата и новите тимови донесоа големи промени. Како се чувствувате во овој момент?
Цветковска: Неодамна Инфинум стана мнозински сопственик на британската AMR Cyber security која носи експертиза од областа на сајбер безбедност, и тоа е четврта аквизиција по ред. Се чувствувам возбудено, но и одговорно. Ова е ново поглавје за Инфинум, но исто така и личен предизвик. Мојата задача е да направам сите да се почувствуваат како да се дел од тимот, да ја задржиме културата, а истовремено да ги вклучиме новите луѓе, а тука е предизвикот на културолошки разлики и менталитет. Исто така, стратешки да ги интегрираме најважните HR процеси, имајќи предвид дека двете компании имаат свои специфичности, но од тоа да извлечеме додадена вредност.
Најголемата награда е кога некој ќе дојде и ќе каже: „Се чувствувам слушнат, се чувствувам како да сум дел од нешто значајно и од една целина“. Токму тоа го прави лидерството вредно.

Кои нови можности ви се отворија со проширувањето на тимот и аквизицијата?
Цветковска: Оваа промена донесе многу инспиративни моменти. Сега имаме шанса да учиме едни од други, да комбинираме различни искуства и да креираме проекти кои порано не беа можни. Аквизицијата создава нови значајни можности за вработените во двете компании. Тимот на AMR преку Инфинум добива пристап до глобална мрежа на колеги, поголеми и поразновидни проекти, овозможувајќи им да ги развиваат своите вештини и кариери на меѓународна сцена, а луѓето од Инфинум имаат можност за директна соработка со акредитирани професионалци за сајбер-безбедност, отворајќи можности за учење, развој на интердисциплинарни вештини и практично искуство со напредна работа во областа на сајбер-безбедностa.
За мене како одговорна за интеграцијата на HR процесите и тимовите ова значи голема одговорност, бидејќи од успешно спроведениот процес зависи задржувањето на вредните таленти, посебно во аквизираната компанија, но воедно и огромна професионална сатисфакција и интересен предизвик да се надминат границите на класичниот HR и да се направи значаен импакт. Тоа ми дава енергија и ме потсетува дека секој предизвик носи со себе нешто убаво и значајно.
Што значи за вас наградата „Најдобар работодавач“?
Цветковска: Оваа година Инфинум во Македонија за прв пат го доби признанието Најдобар работодавач, а глобално компанијата е осумкратен добитник на оваа награда. Тоа е признание дека културата, условите и процесите што сме ги создале функционираат. Но за мене лично, значи одговорност да продолжиме да ја одржуваме, да ја зајакнуваме, водејќи со грижа и одлучност, транспарентност и доверба секој ден.
Секој член на тимот е дел од таа награда, тоа не е само моја заслуга, туку заслуга на сите што веруваат во заедничката визија.
Оваа награда ни даде обврска, секој нареден чекор да биде уште поквалитетен, а има посебно значење бидејќи се заснова на анонимниот фидбек од самите наши вработени. Нема подобар брендинг како посакуван работодавач од тоа самите вработени да ја препорачуваат компанијата во која работат.

Како го балансирате личното со професионалното?
Цветковска: Тоа е секојдневен напор, но едното не оди на штета на другото кога уживате во она што го правите. Сепак, колку и да си ја сакате работата, мора јасно да се разграничи времето за работните обврски и времето за семејството, пријателите и лично за себе. Без разлика каков е денот секогаш издвојувам барем еден час за работи кои ме прават среќна и исполнета (добра книга или филм) или макар за да испијам шолја кафе во мир и тишина.
Исто така, со искуството доаѓа и сознанието дека не е слабост да признаеш дека не можеш сè да направиш самa. Јас барам поддршка, делегирам и имам доверба во тимот.
И тоа е уште една лекција за жените: не мораме да бидеме супер-жени во секој момент. Во ред е кога треба да дадеме приоритет на личното, тоа да бидеме луѓе и во мир со себеси, прави да бидеме подобри професионалци и лидери.
Кои се вашите идни планови, како лидер, жена и професионалец?
Цветковска: Плановите се да се продолжи со градење тимови во кои луѓето ќе работат добро и ќе се чувствуваат добро, интеграцијата на двете компании, одржување и понатамошно етаблирање на Инфинум како добар работодавач, како и создавање на што повеќе можности за жени во технологија, преку менторства, програми и активизам во ИТ заедницата. Овие денови се финализира и моето приклучување во советодавниот борд на организацијата Women in Tech, што е уште еден начин да придонесам за зајакнување и охрабрување на улогата и влијанието на жените во светот на технологијата.
Исто така, продолжувам со професионално усовршување кое оди паралелно со работните обврски и на кое ставам исклучителен фокус бидејќи само така се задржува актуелност во знаењата и вештините и се стекнуваат нови. Секоја година настојувам да заврпам барем една едукација или сертификација, а оваа и наредната година фокусот е ставен на сертификацијата за меѓународен HR експерт за преземања и аквизиции.
И искрено сакам повеќе да зборуваме за женската сила во бизнисот. Не агресивна, туку автентична, промислена, човечка, емпатична, но цврста.
Кога гледате назад – што би ѝ порачале на младата девојка која некогаш била HR асистент?
Цветковска: Би ѝ рекла: „Занемари го стравот. Имај доверба. Најдобрата верзија од тебе допрва ќе се појави. Биди амбициозна, реализирај го својот потенцијал, но задржи ги секогаш твоите принципи, етика и интегритет. И нема да мораш да се менуваш за светот, можностите ќе дојдат кога ќе престанеш да се трудиш да го промениш по секоја цена.“
Да не чека „совршен момент“. Совршени моменти не постојат – постојат само храбри чекори и носење одлуки.
Секој пат што води напред почнува од една мала, но важна одлука: да веруваш во себе. Да, со реализам и здрава доза на самокритичност и свесност за себе, но секогаш имајќи доверба во сопствениот капацитет и потенцијал.