Бојлерите за вода стануваат нов луксуз за граѓаните: Ако ви се расипе - тешко дека ќе можете да купите нов

Добивај вести на Viber

Милиони граѓани низ Европа би можеле да се соочат со проблеми при снабдување со бојлери и повисоки цени, откако Европската комисија по грешка ги изоставила двата клучни метали – хафниум и циркониум – од листата на одобрени супстанци што се користат во производството на бојлери, пишува Financial Times.

Овој пропуст се случил при ревизијата на законите за заштита на животната средина, а последиците би можеле да бидат сериозни. Лобистичката група за домашни апарати Applia проценува дека над 90% од бојлерите би исчезнале од пазарот на ЕУ доколку овие материјали не бидат признати како безбедни за употреба во домаќинствата.

Проблемот произлегува од новите правила за вода за пиење што стапуваат на сила во 2027 година, при што Комисијата, изгледа, заборавила дека бојлерите исто така содржат вода за пиење, што ги доведува производителите во ризик од санкции.

Хафниумот е апсолутно безбеден материјал“, изјави Паоло Фалќони, директор на Applia, истакнувајќи дека се користи повеќе од еден век во емајлирани резервоари и топлински пумпи. Алтернативните материјали како челик или бакар, според него, се четири до пет пати поскапи, што директно ќе ги погоди потрошувачите.

Европската комисија ја префрла одговорноста на земјите членки, кои досега не побарале одобрување на овие метали. Индустријата, пак, предупредува дека процесот за токсиколошки процени би траел предолго и би ги ставил европските производители во неповолна положба во однос на конкуренцијата однадвор.

„Недостатокот на регулаторна јасност може да ги одврати инвеститорите и да го забави враќањето на производството во Европа,“ предупреди Фалќони.

Извор / Фото: Pexels