„Држел перница во рака и пукал во неа“: Две години од убиството на Вања Ѓорчевска –трагедијата што го обедини народот во болка и барање правда

Добивај вести на Viber

Утрината на која 14-годишната Вања Ѓорчевска тргна на училиште, никој не можеше да претпостави дека државата ќе биде сведок на еден од најпотресните криминални случаи во поновата историја. Низ целата земја се почувствува страв, болка и неверување, а грижата за безбедноста на децата стана тема што ја обедини јавноста во осуда и барање правда.

Младата Вања исчезна на 27 ноември 2023 година, а нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември истата година. Како што подоцна открија надлежните институции, киднапирањето било однапред планирано со цел изнуда, но Вања била убиена уште истиот ден. Четворицата лица вмешани во случајот во јуни 2025 година беа обвинети, а подоцна и осудени на доживотна казна затвор.

Според официјалната истрага, Вања била киднапирана пред својот дом во утринските часови на 27 ноември. Напаѓачите ја внеле во возило марка Цитроен, кое претходно било украдено. Истрагата утврди дека групата планирала да ја искористи девојката за финансиска изнуда, но намерата брзо прераснала во трагичен исход. Обдукцијата потврди дека смртта била предизвикана од проектил од огнено оружје.

Телото на Вања, како и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес — кој исто така бил жртва на истата група — беа пронајдени во различни локации околу Скопје и Велес во текот на декември 2023 година. Обвинителството утврди дека двата случаи се поврзани и извршени по идентична методологија.

Во рамки на истрагата беа анализирани снимки од системот „Сејф сити“, форензички траги, податоци од мобилни уреди и сведоштва од повеќе лица. Пред судот се најдоа Љупчо Палевски – Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, кои во 2025 година ја добија најстрогата казна за кривичните дела -д доживотен затвор.

Во раната фаза од истрагата под сомнение се најде и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, но тој подоцна беше целосно ослободен поради недостиг на докази за негова вмешаност.

Трагичната судбина на Вања и Панче предизвика длабоко чувство на жал, гнев и беспомошност кај граѓаните на Македонија и регионот. Случајот повторно ја отвори дебатата за безбедноста на малолетниците, потребата од поефикасна полициска соработка и реформите во правосудниот систем кога станува збор за организиран криминал и киднапирања.

РЖМ