„Ѕвонам на вратата и бегам, а во сандачето најубавата картичка“: Како децата си покажуваа меѓусебна почит на празниците преку новогодишните честитки
Начинот на кој денес се слават новогодишните и божиќните празници открива колку длабоко се променил социјалниот живот на децата во последните две децении.
Порано, празниците беа симбол на блискост, дружба и мали ритуали што создаваа вистинска магија. Денес, таа магија сè почесто се заменува со дигитални пораки и екрани.
Пред дваесет години, децата со возбудени насмевки ги посетуваа новогодишните базари заедно со своите родители. Тогаш внимателно избираа најубави новогодишни и божиќни картички за своите пријатели.
Секоја честитка имаше посебно значење – колку поубава картичка некој добиеше, толку поблиско беше пријателството. На задната страна, со шарени пенкала и несмасни букви, се пишуваа најискрените желби: „Среќна Нова година, да бидеш здрав, весел и да добиеш многу подароци!“
Испраќањето на честитките беше авантура сама по себе. Наместо преку пошта, најчесто се оставаа пред врата или во поштенско сандаче – детето ѕвонеше, ја оставаше честитката и трчаше да се скрие. Таа тајност и моментот на изненадување го правеа празникот уште поволшебен.
Денес, меѓутоа, традицијата на хартиени честитки е речиси исчезната. Децата празнуваат преку интернет апликации, честитаат преку пораки, емоџи и дигитални слики. Брзината ја замени топлината, а личниот допир – кликот на екранот.
Иако технологијата носи практичност, таа ретко може да ја замени радоста на детска рака што напишала „Среќна Нова година“ со срце. Можеби е време повторно да се потсетиме дека вистинската празнична магија не доаѓа од екранот, туку од вниманието, љубовта и времето посветено на другите.
М.С.К