Би имало и повеќе разводи ако паровите имаат пари да платат адвокати: Финансиските аспекти ги држат паровите заедно иако бракот е нефункционален

Добивај вести на Viber

Предпразничната сезона обично носи радост, семејни средби и купување подароци, но за некои брачни парови овој период е дополнително тежок. 

Зад насмевките и украсените домови, некои размислуваат дали токму новата година ќе биде моментот кога ќе се разделат.

Според истражување на Универзитетот во Вашингтон, месец март е врв на поднесување барања за развод, но адвокатите забележуваат дека зголемен интерес за ова прашање се јавува уште од почетокот на јануари. 

„Многумина чекаат празниците да поминат“, објаснува адвокатката Кристен Ширин, специјалист за разводи од Северна Каролина.

Freepik

Финансискиот аспект – главната пречка

Една од најчестите причини зошто паровите го одложуваат разводот е токму недостатокот на финансиски средства. 

Разводот е скап процес – не само поради адвокатите, туку и затоа што семејството мора да финансира два домаќинства наместо едно. Многу често, партнерот кој сака да се раздели не ја покренува постапката бидејќи нема доволно пари.

Како да се подготвите ако дојде до развод

Адвокатите советуваат дека пред било каков чекор, треба да се запознаете со законите во вашата земја или регион. Секоја држава има различни правила – колку време треба да бидете раздвоени, како се дели имотот и што се смета за заедничка сопственост.

Важно е и двајцата партнери да знаат кои финансиски средства ги поседуваат. Се препорачува однапред да се соберат банкарски извештаи, имотни листови, извештаи за кредити и даночни пријави. Ова не само што ќе ја олесни постапката, туку и ќе спречи непријатни изненадувања.

Финансиските советници често помагаат на паровите да направат реален буџет за живот по разводот – да ги проценат приходите, трошоците за домување, осигурувањето и евентуалните обврски за издршка на деца. Без јасна слика за финансиската состојба, невозможно е да се донесат стабилни одлуки.

Што не треба да правите

Адвокатите предупредуваат дека пред развод не треба да се прават големи финансиски потези – да се префрлаат пари, да се продава имот или да се земаат нови кредити без знаење на партнерот. Таквите постапки може да се сметаат за нарушување на довербата и да предизвикаат дополнителни правни последици.

Корисен совет е и отворање нова е-пошта за приватна комуникација со адвокат или медијатор, со што ќе се избегне дополнителен емоционален притисок.

Иако празниците се време на љубов и заедништво, тие истовремено можат да бидат и момент кога некои парови сфаќаат дека нивниот однос се истрошил. Сепак, експертите предупредуваат – најдобро е секогаш да се обидете да го спасите бракот, бидејќи разводот секогаш носи болка, неизвесност и големи финансиски трошоци.

Овој текст не охрабрува разводи, туку нуди практични совети „за не дај Боже“ ситуации – кога љубовта веќе не може да ги надмине реалните животни предизвици.

Извор / Freepik