Македонците масовно одат на шопинг во Косово – но дали навистина се исплати?
Македонците последниве години сè почесто одлучуваат викендите да ги поминат во соседството, особено заради шопинг. Најпосетувани дестинации се Врање, Приштина и Урошевац (Феризај) – места кои се блиски, достапни и привлечни поради понудата во трговските центри и продавници. Сепак, покрај купувањето, туристичките водичи постојано потсетуваат дека Македонија носи огромен туристички потенцијал кој сè уште не е доволно истражен.
Токму на тоа укажува и туристичкиот водич Спасе Манев, кој со години ги истражува домашните убавини. Тој апелира до граѓаните:
„Што е можно повеќе да ја истражувате Македонија и да ги посетувате туристичките места“, нагласувајќи дека нашата земја е „преубава со многу неистражени локации“ и дека со правилен развој на туризмот може да стане атрактивна дестинација и за домашните и за странските посетители.
Дали се исплати шопинг-тура до Приштина и Урошевац?
Спасе Манев
неодамна отпатувал во Приштина и Урошевац, со цел да го спои корисното со
пријатното – посета на туристички знаменитости, но и набавка на облека,
следејќи препораки од пријатели кои честопати шопингувале таму.
Prishtina Mall – голем, модерен, но со високи цени
Првата станица му бил Prishtina Mall, еден од најголемите трговски центри во регионот. Тој го опишува како:
* многу голем,
* модерно дизајниран,
* внатрешно широк и просторно уреден,
* со бројни продавници на неколку нивоа.
Манев забележал дека трговскиот центар е „многу поголем, поубав и побогат со продавници од скопските“. Паркингот во сабота е бесплатен, а низ молот може да се сретнат и многу Македонци кои биле дојдени на шопинг.
Но, впечатокот не бил целосно позитивен – цените во ексклузивните продавници биле значително повисоки од оние во Македонија, а најголем дел од понудата билa за купувачи со „подлабок џеб“.
Урошевац – град познат по шопингот, но со неквалитетна понуда
Втората дестинација била Урошевац, град што одамна важи за место со ефтина облека. Продавниците таму не се во центарот, туку на една подалечна улица, со големи згради на два до три ката, една до друга, секоја со сопствен паркинг.
Манев го посетил овој дел навечер околу 18 часот и таму го дочекале големи сообраќајни метежи.
На почетокот влегол во аутлет продавници, но веднаш бил разочаран – квалитетот на гардеробата не ги исполнувал неговите очекувања.
Потоа преминал во продавници со наводно брендирана облека, со логоа на познати светски брендови. Цените биле ниски – од 10 до 20 евра – но квалитетот бил идентичен со оној во аутлетот, што кај него предизвикало исто разочарување.
„Иако не очекував екстра квалитет, очекував барем нешто пристојно. Но, не најдов ништо што вреди“, вели Манев.
Посетил повеќе продавници, но впечатокот останал ист.
Исплатлив ли е шопингот во Приштина и Урошевац?
Спасе Манев наведува дека секој може да има поинакво искуство, но според него – шопинг-тура до Приштина и Урошевац не се исплатeн избор, барем не кога се бара квалитетна гардероба.
Сепак, тој останува на ставот дека патувањето е добредојдено – но повеќе како туристичка тура отколку како шопинг-екскурзија.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук