Како изгледаа свадбите пред 10 години, а како изгледаат денеска: Бракот се доживува како патување, не како обврска што мора да се „одработи“
Пред десетина години свадбата беше настан на кој се славеше не само љубовта, туку и целото семејство, традицијата и обичаите.
Денес, свадбата е интимен чин на двајца луѓе кои сакаат да ја споделат својата приказна на свој начин. Разликите меѓу „тогаш“ и „сега“ се огромни – и тоа не само во изгледот, туку и во духот на прославите.
Од „земање невеста“ до заедничко пристигнување
Низ времето, свадбената традиција ја губи својата обредна тежина. Пред 10 години беше незамисливо сватовите да не одат по невестата во нејзиниот дом – церемонија полна емоции, песни и симболика. Денес, голем број парови веќе живеат заедно, па на свадбата пристигнуваат заедно, во сопствено возило, без големи воведни церемонии.
Од свадба пред крштевање – до свадба со дете
Порано, редоследот беше јасен – најпрво свадба, па потоа дете. Денес, сè повеќе двојки ја гледаат свадбата како прослава на веќе создаденото семејство. Многумина ја комбинираат со крштевка или прв роденден, правејќи емотивен настан што ја обединува љубовта, родителството и пријателството.
Од велови и бидермаери – до едноставен минимализам
Пред една деценија, невестинскиот изглед значеше часови на подготовки – од фризер до маникир. Веловите и бидермаерите беа задолжителни, а фустаните со богат тул и кристали беа симбол на „совршена невеста“. Денес, невестите се почесто бираат едноставност – удобни кроеви, природен изглед и детали што ја изразуваат нивната личност, не традицијата.
Од 300 гости до интимна прослава
Порано свадбата значеше минимум сто гости, па и повеќе. Денес, се почесто се избираат интимни прослави со најблиските – педесетина луѓе, добро вино, избрана храна и внимателно одбран амбиент. Важен е квалитетот на моментот, а не бројот на седишта.
Од истиот ден – до години разлика
Некаде во минатото, граѓанскиот и црковниот брак беа дел од истиот ден. Денес, многу парови се венчаваат граѓански, а потоа – кога ќе почувствуваат дека е вистинскиот момент – и во црква. Бракот се доживува како патување, не како обврска што мора да се „одработи“.
Кумовите и старосватовите – од одговорност до чест
Некогаш кумовите и старосватовите имаа клучна улога, финансиски и организациски. Денес, младите ги ослободуваат од тие обврски – нивното присуство е чест, не товар. Наместо роднини избрани од традицијата, сведоците сè почесто се најблиски пријатели – луѓе со кои младите го градат својот живот и надвор од обичаите.
Старосватица – новиот симбол на рамноправност
Денес, старосватица сè почесто ја заменува класичната машка фигура – блиска пријателка на невестата која со своето присуство го балансира односот меѓу двете семејства.
Така, свадбите добиваат нов, модерен облик – онаму каде што рамноправноста и љубовта одат рака под рака.
М.С.К / Фото извор: EPA