Најтажниот ден за борбата против семејното насилство: „Ни згаснаа пет животи, а државата и понатаму нема стратегија“
На Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените, адвокатката и активистка Катерина Котеска Стисниовска објави потресна порака која за миг го привлече вниманието на јавноста. Таа вели дека денешниот датум – 25 ноември – за неа е „најтажниот ден“, ден во кој се бројат жртвите наместо победите во борбата против семејното насилство.
„Оваа година имаме пет жртви“, пишува таа, наведувајќи ги градовите каде трагично завршиле животите на жените: Кавадарци, Неготино, Шуто Оризари – Скопје, Штип и Велес. „Нека Господ им даде мир и спас на небото, затоа што на земјата не им го дадовме.“
Адвокатката остро укажува дека институциите не ја испорачуваат заштитата што ја ветуваат. Новиот извештај на Државниот завод за ревизија, вели таа, само ја потврдува алармантната состојба на која укажувала со години.
Од 52 активности од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција (2018–2023), реализирани се само 22. Дваесет не се реализирани воопшто, а десет – само делумно. „Тоа не е ни половина. Пет години – и ни половина!“, додава адвокатката.
Таа изнесува уште посериозни податоци: веќе две години државата нема Национална стратегија за спречување и заштита од насилство. „Влегуваме во трета година без стратегија. Нема насока, нема план, нема државна политика.“
Посебно алармира фактот што Центрите за социјална работа не спровеле реорганизација поради „отсуство на функционална анализа и стандардизирани процедури“. Тоа, вели таа, значи дека дел од институциите работат без јасни правила, без систем, без методологија.
„Ревизорите утврдија и дека најмалку едно засолниште за жртви престанало да работи бидејќи договорот за закуп истекол. Да, засолниште – затворено поради административна небитност“, додава со горчина.
Катерина предупредува дека секојдневната ноншалантност на институциите, судовите и органите за безбедност придонесува кон раст на фемицидите. Во држава со едвај два милиона жители, една жртва на секои два месеци – според неа – е сценарио како од „хорор серија“.
Таа остро критикува и новоотворени „центри за дискретни услуги“ кои, како што истакнува, повеќе служат за профит отколку за поддршка. Судовите, пак, често одбиваат предлози за мерки, па Апелација ги преиначува по два до три месеци – време во кое жените остануваат изложени на опасност.
„Со толку висок процент на фемициди, станува сè повообичаено да се стравува дека следните жртви можат да бидат и деца, сестри, браќа, братучеди...“, предупредува таа.
Адвокатката ја завршува пораката со јасен апел што треба да одекне гласно:
„Сите против семејното насилство!“
Никогаш во животот нема да се плашам да издејствувам и да се борам за правда колку и тоа да е ризично: Адвокат Катерина Котеска Стисниовска за Женски магазинЖените го пријавуваат семејното насилство и бараат заштита од институциите, но тие не ја нудат соодветно: Адвокат Катерина Котеска за Женски магазин
РЖМ/Ирена С.