Ексклузивно од Хајдидорф: Местото каде што ќе го оживеете детството и ќе ги сретнете Хајди, Петар и козичките

Добивај вести на Viber

Приказната за малата, весела девојка Хајди, напишана од Јохана Шпири во 1880 година, само на едно место добива вистинска форма. Во Хајдидорф, Швајцарија. Таму се наоѓаат куќата на осамениот дедо Алм, неговиот свет исполнет со тишина, кози и непрегледни алпски пасишта. Сè е поставено така што посетителите можат да го почувствуваат животот од страниците на книгата.


-Хајдидорф се наоѓа на само час и половина возење од Цирих. Патувањето до таму е спој на убавините од живописниот кантон Граубинден и сопствените детски спомени. Познатиот регион Хајдиленд, опкружен со величествени алпски врвови, го отвора погледот кон седумте планински гиганти на Кезерруг. Величенствени алпски врвови кои измамуваат воздишки. Се искачив и Хајдиленд го гледав таму негде од височина. Толку многу се високи, што имав чувство дека се толку блиску, што ако ја подадам раката дека ќе ги дофатам . Се нижат природни убавини и сите како да се сконцентрирани на едно место : водопади високи 2000 м , езерото Вален, пространи зелени ливади и крави кои пасат на нив . Рај !  Сè е толку чисто, природна  хармонија- вели Соња Симоновска за Женски магазин, која ужива во патувањата и посетила многу атрактивни земји и места од целиот свет.


-Кога пристигнав во Хајдидорф, ме дочекаа Хајди, Петар и козичките на самиот влез. Пространо зеленило, чист воздух, птичји поj, срнички, козичк Сè околу мене беше како рај. Пет до седум минути пешачење и почнав да навлегувам во бајката Куќата на Хајди е првата што го поздравува секој посетител. Тука, босонога трчала, ги носела козите на пасење, играла со Петар и ги полнела деновите со чиста, детска безгрижност. Во непосредна близина се и шталата со козите на Петар, старата коњска кола со која Хајди патувала до Мајнфелд, како и современи аудиовизуелни инсталации кои го оживуваат животот на алпското девојче- посочува Симоновска.

Посетителите можат да ја видат и оригиналната училница од 19 век, сместена во Градското собрание. Токму таму, пред 145 години, Хајди и Петар ги учеле своите први букви.
Во селото се наоѓа и најмалата пошта во Швајцарија, шармантно катче каде што туристите испраќаат разгледници со ликовите од омилените детски јунаци.


На плоштадот меѓу куќичките слободно шетаат кози и кокошки, желни за внимание. „Децата ги обожуваат, а и јас како да се вратив во годините кога го гледав цртаниот филм и со Хајди, трчав по зелените ливади,“ додава Соња.

Во Хајдидорф може да се видат и традиционални занаети: правење сирење, обработка на лековити билки и изработка на природни креми. Посетителите дури можат и сами да се обидат да подготват свој мал производ, уште една мала авантура во ова волшебно село.


На крајот на патеката се наоѓа колибата каде што Хајди и Петар ги молзеле козите на дедото. Ова е место кое ја заокружува приказната.

-Овде можете да го замислите животот како што го живееле: едноставен, чист и неоптеретен. Кога шетав низ Хајдидорф имав чувство како да се враќам таму каде што некогаш сум била. Татко ми ми ги купуваше сите сликовници. Немаше ниедна што ја немав. Зимските распусти ми беа најубави: надвор врне снег, дома топло, а јас ја гледам Хајди. Кога таа трчаше низ ливадите, трчав и јас со неа. Посебно силно се сеќавам на моментот кога Хајди мораше да оди кај Клара. Болував со неа, а кога се врати во селото, како да се вратив и јас. Сè стана полесно, како и за Хајди - дополнува таа.


Токму поради тие спомени, нејзината посета на Хајдидорф не е само туристички излет, туку доживување што го отвора срцето и ги буди најубавите години од детството.


С.А.Н