Виктор од Скопје стигна до врвот на светските крузери: Раководи со 112 готвачи и 10.000 оброци дневно од најубавите дестинации во светот
Да се помине целиот свет, да се готви за илјадници луѓе секој ден, да се води тим од повеќе од сто готвачи, а сето тоа далеку од домот – ова е животот на Виктор Настески, човек чија професија е истовремено авантура, дисциплина и огромна лична жртва. Роден во Скопје, денес 47-годишен сопруг и татко, Виктор повеќе од две децении го живее својот сон на најголемите светски крузери, а зад себе има кариера што личи на филмска приказна. Неговиот пат започнува во 2001 година со само една авионска карта за Мајами и сонот да ги спои готвењето и патувањето. Денес е Executive Chef на престижната англиска компанија P&O Cruises, човек кој секојдневно е одговорен за 10.000 оброци , беспрекорни стандарди и тим што функционира 24 часа.
Но, зад блескавите титули стои и еден многу подлабок дел – разделбите. Виктор е сопруг и татко кој со месеци е далеку од своите најблиски и искрено признава дека болката од одвоеноста е најтешката цена што ја плаќа за својата професија. Сепак, неговата приказна не е само работа и патувања. Таа е исполнета со романтични моменти, како запросувањето на сопругата на Бахамите, но и со едно од најемотивните животни поглавја – среќавањето со сестрата во Канада и запознавањето на братот, за чие постоење со години не знаел.
Во продолжение, ви ја пренесуваме неговата искрена приказна – од првото качување на брод, до најубавите и најтешките моменти што го обликувале како човек, татко и професионалец.



„Моето патување започна во 2001 година, каде на 23 години купив авионска карта за Мајами и одлучив да се качам на првиот крузер, со цел да напредувам во професијата и да го видам светот“, ja почнува приказната за Женски магазин Виктор Настески. „Денес, повеќе од две децении подоцна, сè уште патувам по морињата со истата љубов и посветеност го живеам мојот професионален сон.“


Освен готвењето, Виктор признава дека е „голем љубител на спортот, особено на ракометот и фудбалот“, и страствен навивач на Вардар и Барселона. Со својот син редовно присуствуваат на натпревари – моменти кои за него се особено емоционални и вредни.
Кариерата на крузери
Виктор веќе пет години работи како Executive Chef во англиската компанија P&O Cruises. „Мојата крузерска приказна започна уште во далечната 2001 година. Тоа се покажа како една од најдобрите одлуки што сум ги донел во својот живот. Пат што ми овозможи да растам професионално, да стекнам огромно искуство и да го изградам она што денес со гордост го нарекувам своја кариера“, вели тој.

„Моментално раководам со бригада од 112 готвачи и 65 хигиеничари, за кои сум одговорен буквално 24/7.“
Денот му почнува во 7 часот, а веќе во 7:30 е во кујните. „Првите триесет минути секогаш ги посветувам на обиколка, проверувам дали е сè подготвено на време и дали функционира беспрекорно.“
Следат магацини, состаноци со менаџмент, административна работа, инспекции и обуки. Но најкреативниот дел е дегустацијата во 16:30. „Секое јадење го пробувам, проверувам дали е според стандардите и давам одобрување или насоки за корекција.“

Разликата со работа на копно е огромна. „На брод се работи по 10 до 12 часа дневно, без слободни денови, готвиме за околу 2.200 гости и 840 членови на екипажот.“ Тоа значи околу 10.000 оброци дневно. А логистиката е посебен предизвик. „На море не можеш само да купиш тоа што ти недостасува – сè мора однапред да биде испланирано.“
Слободното време – кога го има

Кога бил помошник готвач имал „два до три часа“ за прошетка. Денес, како шеф на кујна, има повеќе простор. „Секое слободно време го користам за прошетки. Шетањето ми носи мир, инспирација и енергија.“




Вели дека посетил над 350 дестинации ширум светот.
„Ги имам поминато сите континенти, освен Антарктикот“, раскажува Виктор. Најголем впечаток му оставиле Скандинавија и Исланд.
„Плавата Лагуна, норвешките фјордови, Северните светла… тоа останува засекогаш во сеќавање.“









Но неговиот личен „рај на земјата“ е Бора Бора. „Мир, тишина, песочни плажи и тиркизно море – вистински рај.“





Семејството – најголемата жртва
„Тоа е најтешкиот и најболниот дел од мојата професија – разделбата од семејството“, признава Виктор. Последниве години има пократки ротации (2 месеци на брод, 2 дома), што полесно се издржува.




„Но, најголемиот товар го носи мојата сопруга. Да останеш сама дома со две деца, тоа е навистина огромен предизвик. Таа е мојот херој, мој титаниум.
Сè и должам неа и од срце и благодарам за силата, истрајноста и безусловната поддршка“.






Нивниот син Леонид како бебе често патувал со него. А на едно од тие патувања , направил посебно изненадување и ја запросил сопругата – на Paradise Island, Бахами.

„Тој момент за нас остана незаборавен и секогаш ни буди најубави спомени.
Потоа се појави пандемијата, а со тоа стана речиси невозможно да ги качам повторно на брод. Сега, со уште една ќеркичка, организацијата е уште покомплексна, но верувам и ќе направам сè повторно да ги качам на еден од бродовите. Да бидеме заедно и да ја доживеат магијата на патувањето со тато“, низ емоција ни раскажа нашиот соговорник
Кој готви кога Виктор е дома во Скопје...
„Се трудам што помалку да се вртам во кујната, но тоа е невозможно“, се смее Виктор.





Кога ќе се врати, автоматски ја презема улогата на главен готвач дома. „Леонид понекогаш готви со мене, тоа ни се најубавите моменти.“

Често објавува рецепти, а и споделува рецензии за ресторани – искрено и без заобиколување.
Неговото омилено јадење? „Сарма.“
Каков рецепт би препорачал?

„Супа од тиква, сервирана во цела печена тиква. Визуелно впечатлива, ароматична и совршена за есен.“
Поглед кон иднината
За десет години Виктор се гледа на копно – иако не би се откажал од патувањата.
„Се гледам на тропска плажа, со коктел во рака, идеално со семејството, можеби Барселона или Коста Брава.“

Виктор ја има и една од најемотивните приказни во неговиот живот-ги пронајде сестрата и братот
На социјалните мрежи во една прилика нашиот соговорник сподели нешто што допре многумина – дека по многу години ги пронашол братот и сестрата .
„Тоа е дел што е болен, ама и прекрасен. Да живееш без татко не е лесно. А потоа да дознаеш дека имаш брат и сестра за кои не си знаеш тоа е бурно, но и благословено“, додава тој.
„Прекрасно е што конечно ги запознав и што ден денес ги имам покрај себе.“
Имено, Виктор на 31 година, ги запозна својата сестра Александра, актерка и моделка, која веќе неколку години живее во Канада, и брат му Зоран Настевски, еден од основачите на здружението „Гратис гушкање – Македонија“.
Откако бродот на кој пловел Виктор се расипал, тој бил прераспределен на друг брод што крстосувал кон Канада и Алјаска – промена што ќе му го смени животот. Од поранешната девојка која по некоја случајност исто така пловела на бродот каде работел Виктор, дознал дека неговата сестра живее во Ванкувер, па веднаш ја побарал на „Фејсбук“. По три децении разделеност, договориле средба што Виктор ја опишува како најемотивниот момент во неговиот живот. Иако имале само неколку часа заедно, чувството било како да се познаваат отсекогаш. Набрзо дознал и дека брат му Зоки го контактирал, што дополнително ја зголемило возбудата пред неговото враќање во Скопје, каде конечно требало да се сретнат сите тројца.
Александра за Виктор дознала уште пред една деценија, кога од случајна љубопитност во домот открила парче хартија што ја водело кон вистината за нејзиниот изгубен брат. Љубопитноста ја натерала со месеци да се распрашува, да ѕвони на неговата адреса и со лажен идентитет да се обидува да стапи во контакт со него – како да е дел од филмска приказна. Кога конечно се сретнале во Ванкувер, емотивниот момент бил толку силен што Александра за малку не се онесвестила. Средбата изгледала како сон што конечно станал реалност. Набрзо се договориле да го вклучат и Зоран, третиот брат, со кој планирале повторно обединување. Денес, вели Александра, нивното семејно поврзување е најубавата работа што можела да им се случи.
Но, таа филмска приказна која е најличното и најдрагоцено „патување“ во животната кариера на Виктор ќе ви ја раскажеме во наредното интервју со Виктор.






ИРЕНА СТАВРОВА