Сите сме “посебни” и сите сме “обични”
“Некои луѓе се едноставно само оштетени и вие ништо не можете да сторите околу тоа, не можете да ги “средите”. Некои луѓе се сосем комотни во нивната дисфункционалност, бидејќи работењето на себе за да се сменат е потешко отколку да си останат таму каде што се. Не можете да очекувате емоционална зрелост, ниту да седите и да чекате да бидете одбрани за да ве сакаат. И не, не сте доблесни дека се обидувате, туку само не сте способни да се соочите со вистината дека не сте на истата патека....без оглед која е и каде е”.
Го видов ова видео од 19 секунди, во кои чинам дека е собрано сето она што било кој од нас го има доживеано, бивајќи еднаш од едната, еднаш од другата страна. Ако би можела да поправам/преправам нешто, тоа би било дека не се само некои луѓе оштетени, туку сите сме. Секој од нас низ животот минал сè и сешто, душите да ни се на мегдан веројатно би биле цели искасапени со ситни засеци, на места подлабоки или поплитки, но и такви кои не зацелуваат. Сите сме искусиле секакви ситуации, стресови, повредувања од кои сме излегле посиромашни за уште една идеја дека светот е убав и нежен, но побогати за искуството дека сè што лета не се јаде. Единствената разлика меѓу сите нас е во тоа кој како се справува со својата болка. Некои се затвораат како школки и не може човек збор да извлече од нив, ниту емоција. Некои сакаат да го зборуваат искуството, да го раскажуваат и прераскажуваат како залак во уста кој ако доволно долго се џвака, ќе се раскашави и ќе се голтне. Некои пак не се ни свесни дека во себе носат траума која им прави проблем одвреме-навреме, ама не до толку често и долго за да се соочат.
Колку сме сите различни и колку сме сите исти...фасцинантно. Колку сме сите посебни, но и толку едноставни и обични. Колку само исто боледуваме и за исти работи крвариме однатре и колку само се криеме едни од други, лажејќи дека ни е сè таман. Колку сме само уплашени од тоа дека нема да најдеме сродност со другите луѓе, за малку од малку да споделиме и арно и лошо. Научени сме да криеме, да си ја вовлечеме суштината на она што сме, во оклоп кој по ниту една цена не го симнуваме. Зошто? Од пусти страв дека некој ќе рече дека претеруваме, измислуваме дека ни е нешто, дека не се важи нашиот проблем оти мерен на некојси измислен кантар, тежи помалку од.....што?! А токму тие кои најмногу осудуваат ја носат болката дека кога се обиделе да споделат нешто што ги мачи, наишле на осуда. Каков без врска круг е тоа. Се откриваш некому-добиваш критика-се повлекуваш-стануваш огорчен-критикуваш. Тонч.
Порано се занесував дека сум несфатена. Бев помлада, бев убедена дека она што го мислам, чувствувам е нешто уникатно, посебно, ненадминливо. Стои тоа дека секоја наша емоција е уникатна, посебна и ненадминлива ама не е дека другите ги немаат, туку ги доживуваат работите на свој начин кој е исто така уникатен.....и да не редам. Кога почнав пред 10 години (просто не ми се верува дека годинава се навршуваат 10 години од Стави лајк на сопствениот живот) да вадам надвор сè што ме боли и кога во мене созреа тоа дека ако се преправам уште некое време дека сум супер веројатно ќе ме здрви срце, имав откровение. Мислејќи дека сум несфатена, сфатив колку има како мене. Интересно, нели? Гледаш реакции на луѓето, стануваш свесен дека она што мислиш дека само тебе те дроби, ги дроби сите однатре. Гледаш дека луѓето разбираат загуба, страв, некои размисли за животот и смртта, гледаш дека не само што разбираат туку и како да им олеснува што можат на глас да го кажат тоа.
Тогаш ми стана јасно дека не е дека сум била несфатена, туку не сум изговорила/напишала за да ме сфатат. И тука ми застана секоја илузија за мојата наводна посебност и дека како јас што ги доживувам работите, никој не може. Како не бе! Каква суета, м? По што би била посебна во емоцијата? И зошто би била посебна! Единствената разлика е во тоа дека сум била случајно одбрана да можем да го кажам на начин на кој ќе допре до луѓето. Ниту една дарба не е наменета за оној што ја има, без оглед дали пишува, создава музика, слика...дадена е за да ја дарува понатаму, да ја даде, да им покаже на луѓето дека не се сами. Песните кои ќе ги чуете на радио знаат да заболат, нели? Изгубената љубов нè треснува сите од земја, без оглед кој како знае да го извади тоа од себе. Сите што создаваат нешто всушност само ја потенцираат нашата сличност едни со други.
Пред некој ден, се најдов на исто место и во исто време со плејада луѓе кои беа секој во свој филм. Едни, помлади од мене по 15-20 години, па тука некаде со возраста, но и постари од мене 15-20 години. И муабетам со сите, застани кај едни, застани кај други. И кај сите ја видов онаа убава искра која носи надеж, кај сите видов страв од губење на блиските, кај сите видов по една бразда од промашени моменти. И на крај завршувам во муабет со една дама која е секогаш пиц-пец и која има една таква енергија која искри, што секој пат одново и одново ме воодушевува. Таа дама има минато сито и решето, од номадски живот до култни места полни разврат. И во еден момент ме фаќа за рака и ми вели: “знаеш Ана, промените кои ги гледам на себе не се воопшто огледало на тоа што го имам внатре. Однадвор гледам жена полна брчки, на која и’ треба сè подолго време за да излезе од дома средена, ама однатре јас сум истата девојка од пред 40-45 години, полна живот и желба да вкусам сè”. И додека ми го зборуваше тоа со една таква меланхолија и тивка, убава тага јас можев во очите да и’ ја видам таа девојка за која ми зборуваше. Тоа беа очи гладни за убост и живот, кои не беа згаснати, ниту уморни. Таа жена имаше очи во кои младоста никогаш не кренала бело знаме.
И кога направив едно резиме од вечерта во која се видов и муабетев со луѓе од различни професии, афинитети, со различни животни приказни, различни желби и потреби, сфатив дека во еден единствен момент сите бевме само еден човек. Човек кој даваше и впиваше љубов. Сите наши посебности, демек различности и илузии дека “како моите емоции нема други”, паднаа во вода.
И пак ќе се вратам погоре, на почетокот. Има луѓе кои сакаат да бодат очи со тоа дека се несфатени и посебни. Не, не сте...ако се отворите, ќе видите дека ама ич не сте сами и дека такви како вас има секаде. Има луѓе кои сакаат да глумат несфатени и посебни, оти тоа е единствената вода во која знаат да пливаат. Ако, секогаш сум била за тоа дека секој мора да си го најде иљачот за да преживее во овој свет. Без врска е само тоа што таквите знаат и да изманипулираат, ама и тоа е за луѓе. Има луѓе кои знаат да се изборат со тоа што го носат во себе, а им прави проблем...но има и такви кои не можат или не знаат како. И повторно, сите сме еден човек. Сум била со илузија дека сум посебна, сум глумела несфатеност и сум повредила, сум работела на себе и некаде сум успеала да одраснам а некаде не, сум разговарала со психолог и сум се затворила во себе скроз. Сум била и како овој и како оној, сум била секој од вас, исто како што секој од вас бил јас во одреден миг.
Завртете се околу вас, имаме многу тоа за учење. Пружете рака, можеби токму дланката која сега во моментов ќе ја подадеме ќе е некому излез од одредена ситуација. И пред било кој од нас да помисли со надменост дека “мене ова никогаш нема.....”, да се потсетиме дека животот е маратон, во кој некогаш си на прво, ама некогаш си на последно место. И не е до медаљата како парче метал, туку во спокојот како парче љубов кое ќе го споделиме и кое ќе ни остане додека сме тука.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Мирисот на утрото
Свежо кафе во постела со две перници
Стуткани соништа кои не се паметат
Испеглани брчки
Спастрени мисли
Скроени емоции по свој терк
Очи полни сонце кое се’ порано заоѓа
И грст пожолтени лисја во дланките
Ги оставам зад себе думите за утре
Ги погребувам тагите од вчера
И спокојно го дишам пулсот на денес
Та се потсеќам дека не треба многу
Или ако повеќе милувате
Дека малку треба да е човек среќен
Сосем малку за насмевка
Можеби само неколку напишани редови
Или песна од која кожата се морничави
Поспано чедо кое има вкус на љубов
И неколку капки живот
А потем денот почнува
Некогаш мирен како езерска вода наутро
Или ко небо без ниту еден облак
А некојпат ко брод кој едвај плови
И железни сеќавања кои удолу го влечат
Та си велам дека и овој ден ќе мине
И нов секако ќе осамне
А во него мудроста лежи
Да се научам да живеам без она што го имам
И да го љубам она што в рацете ми е
Без аздис да барам она што не ми треба
И она што само бол в коски ми тера
И не знам дали умна сум станала
Или староста полека ме навјасува
Ниту знам дали пак јанѕа ќе ме јаде
За она по што душава ме боли
Ама знам дека и денес причина ќе најдам
За да се кикотам ко дете
И да врзам неколку песни
Кои веднаш ќе ги заборавам
Да бидам своја во зборот
И твоја во умов
Та среќата во себе ќе ја барам
Како цвет ќе ја полеам со милост
И ќе почекам коренчиња да пушти
Та со мене секаде ќе го носам
Оти таквите цветој само во душата се садат
И со љубов кон себе се натопуваат
Од плевелот на злоба кроце се чистат
Оти плевел кај што има
Таму ниту трева расте
Малку треба за да ти цути убост
И малку треба за да те голтне црното
Малку треба за чоек да знае како среќен да биде
И малку треба за утробата да си ја погреба
Земи го денов
И стори го свој
Стори го она што си ти
Цвет нежен со силен корен
За да трае
За да ти трае