Македонски генијалци триумфираа на меѓународен натпревар: Освија 5 златни медали и добија највисока награда во Дубаи
На 15-тиот Меѓународен Brainobrain натпревар, што викендов се одржа во Дубаи и собра над 1.800 деца од 16 земји ширум светот, младите учесници од Македонија постигнаа историски успех и ја направија државата горда.
Единаесетте претставници од Охрид, Тетово и Скопје се вратија дома со вкупно 6 трофеи - највисоката награда и 5 златни медали – резултат што ги поставува меѓу најуспешните учесници на ова глобално натпреварување.
Дополнителен впечаток остави и брзината со која македонските натпреварувачи го решија предизвикот: тестот го завршиле за помалку од три минути, демонстрирајќи исклучителна концентрација, дисциплина и ментална подготвеност.

Организаторите го опишаа настанот како „глобална прослава на талентот“, а македонската екипа уште еднаш покажа дека може рамноправно да се натпреварува со најдобрите во светот.

Од Brainobrain Македонија истакнуваат дека овој резултат е плод на посветената работа на децата, континуираната поддршка од родителите и квалитетната образовна програма што ја следат. Посебна благодарност упатуваат до едукаторите, чиј труд, енергија и посветеност – како што велат – стојат зад секој освоен трофеј.

„Горди сме до небо. Браво деца, вие сте нашата мотивација!“ – порачуваат од тимот.
Македонските таленти уште еднаш покажаа дека границите се само предизвик, а успехот – навика.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Brainobrain Macedonia Facebook