Едно видео, илјадници реакции: Ана и Мане ја оживуваат Преспа во есен (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Авантуристичкиот пар Ана и Мане, добро познат по нивниот патувачки профил Adventura.mk, повторно го привлече вниманието на јавноста. Преку нивните динамични видеа и фотографии тие постојано потсетуваат дека Македонија е земја исполнета со недопрени местенца, совршени за автентични доживувања. Овој пат, фокусот го насочија кон Преспа, дестинација која најчесто ја поврзуваме со лето, плажи и свеж планински воздух.

Но Ана и Мане ни покажаа нешто поинакво – есенската Преспа, тивка, мирна и збогатена со неверојатни бои. Нивното ново видео, кое за само неколку дена стана вистински хит на социјалните мрежи, ја прикажува природата во најтоплите есенски нијанси и ја претвора Преспа во сцена што изгледа како од документарец.

„Преспа нема урбани нешта, но има јаболка, кози и школки“

Токму ова го напишаа под својата објава, додавајќи дека за време на престојот ги дочекала мирна вода, чисто небо и топли сончеви зраци, совршена комбинација за магично есенско кампување. Тоа што „случајно или не, останале заглавени цел викенд“ ни кажува доволно за тоа колку ја уживале природната атмосфера – без брзање, без метеж, без потреба од урбана удобност.

„Треба почесто да патувате локално. Имаме многу убави места“, порачуваат Ана и Мане, а нивното видео е најдобар доказ за тоа.

Есенска Преспа – дестинација што не смееме да ја заборавиме

Иако долго време Преспа се смета за класична летна локација, оваа видео-приказна покажува дека секоја дестинација има своја специфична убавина во секое годишно време. Есента ја претвора Преспа во тивко засолниште, со погледи што смируваат и пејзажи кои ги исполнуваат очите.

Токму оваа несекојдневна перспектива го направи видеото вирално, собирајќи илјадници реакции, споделувања и позитивни коментари. За многумина, ова е потсетник да ја погледнат Македонија со свежи очи и да ги откријат местата кои често ги земаме здраво за готово.

Со секое ново патување, Ана и Мане ја исполнуваат својата неформална мисија – да инспирираат, да повикуваат и да покажуваат дека авантурата не мора да биде далеку. Понекогаш е само еден викенд, една идеја и едно езеро доволно за да се создадат спомени што траат.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/ Инстаграм