„Сонуваме.Менуваме“ vol.7: Стопанска банка објави повик за доделување грантови за асоцијациите на лица со атипичен развој
Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, Стопанска банка АД - Скопје повторно објавува повик за доделување грантови за асоцијациите на лица со атипичен развој, насочени кон реализација на конкретни проекти со кои се поттикнува инклузијата и се подобруваат условите во средината во која учат и живеат лицата со попреченост. Грантовите се дел од општествено одговорниот проект на Банката, „Сонуваме.Менуваме“, кој годинава ќе го има седмото издание.
Јавниот повик е отворен за сите асоцијации, здруженија или проекти со фокус на лица со попреченост. Притоа, се очекува барателите да аплицираат за грант со конкретни проекти кои опфаќаат повеќе лица, овозможуваат континуирана работа со нив преку нови едукативни, инклузивни или физиотерапевтски методи или пак овозможуваат нивна поголема слобода при движењето и извршувањето на секојдневните активности.
Проектите со кои асоцијациите и здруженијата аплицираат треба да содржат информации за целната група, времетраењето на проектот, целта и очекуваните резултати, буџетот за реализација, како и за носителот на проектот (апликант, асоцијација, здружение и сл.). Барањата, заедно со контакт податоците, треба да се испратат на адресата csr@stb.com.mk , со назнака „Предлог проект за грант: Сонуваме.Менуваме 2025“, најдоцна до 30 ноември 2025 година.
Посебно формирана комисија во Стопанска банка ќе биде задолжена за евалуација на пристигнатите барања за грант, а избраните проекти кои ќе добијат финансиска поддршка ќе бидат објавени на 3 декември 2025 година.
Особено нѐ радува што оваа година музичко-театарските претстави кои традиционално се дел од кампањата „Сонуваме.Менуваме“, покрај во Скопје, ќе се прикажуваат во Битола и Велес на 5 и 16 декември, ширејќи ја низ земјава пораката за значењето на инклузијата.
Како и во изминатите години, актерската екипа во претставите ќе вклучува и деца со попреченост, а инклузијата ќе биде главната инспирација.
ПР објава