ЕМОТИВНА СРЕДБА НА ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИТЕ ДЕЦА И НИВНИТЕ ХЕРОИ – 15 ГОДИНИ НЕОНАТАЛНА ИНТЕНЗИВНА НЕГА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

Добивај вести на Viber

По повод Светскиот ден на предвремено родените, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ организираше емотивна средба на предвремено родените деца, нивните семејства и тимот на Одделот за неонатална интензивна нега, одбележувајќи 15 години посветена работа, успешни приказни и најсовремена грижа за најмалите пациенти.

Ден исполнет со силни емоции, детски насмевки, силни прегратки и солзи радосници. Ден кога предвремено родените дечиња, нивните родители, докторите и медицинските сестри повторно се обединија во заедничко славење на животот. Предвремено родените дечиња заедно со тимот што се грижел за нив од првиот ден поминаа низ порта од балони во боите на предвремено родените – симбол на заедничката борба, надеж и победа уште од првите мигови по раѓањето. Многумина од овие малечки херои денес се веќе тинејџери, на исто толку години колку што функционира и оваа неонатална интензивна нега во „Аџибадем Систина“.

„15 години неонатална интензивна нега – првата приватна интензивна нега во регионот. Почнавме скромно, со само три интензивни места и огромен ентузијазам, а денес израснавме во современ оддел со 13 интензивни места. Во нашата болница се родиле речиси 25 000 новороденчиња, од кои околу 13 % биле предвремено родени под 37. гестациска недела, а 10 % од нив имале потреба од интензивна нега. Секое од овие бебиња носи уникатна приказна и претставува дел од нашето големо NICU-семејство“ – изјави д-р Симонида Спасевска, шеф на Одделението за неонатологија.

Во еден од најемотивните моменти од настанот, докторите ги прегрнаа своите мали пациенти, денес веќе големи деца – жив доказ дека борбата вреди.

„Ова е еден од најсреќните денови во мојата кариера – 15 години поминати на Одделот за неонатална интензивна нега. Прекрасен јубилеј, а вие децата сте нашата најголема инспирација и причина да го сакаме ова што го работиме. Ќе продолжиме и понатаму со истата љубов и жар. Секој момент, секоја непроспиена ноќ, секој вложен труд – вредеше, гледајќи ги сите овие насмевки денес“ – изјави прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, шеф на Одделот за детски болести.

Одделот за неонатална интензивна нега е место каде што секој ден се случуваат чуда. Тимот на медицински сестри, кои се на првиот фронт на грижата, со нежност и посветеност ги придружуваат најмалите пациенти и нивните родители.

„Да се биде сестра на Одделот за неонатална интензивна нега значи да се грижиш за најмалите, а најголеми борци; да ги држиш најнежните рачиња со најголема сила; да веруваш во чуда; да ја делиш радоста со родителите; да учиш од бебињата што навистина значи љубов и надеж. Нашата работа и посветеност ќе бидат светлина за сите предвремено родени бебиња“ – изјави Весна Атанасовска, главна сестра на Одделот за педијатрија.

Силни беа и приказните на родителите, кои со благодарност се потсетуваат на најтешките, но и нанајхрабрите денови од својот живот.

„Никој од нас не е подготвен да стане родител предвреме… да ја напушти болницата со празни раце… да се врати дома и да го погледне празното бебешко креветче. Михаил се роди во 27. гестациска недела, тежок само 1 килограм. Во тие најтешки моменти, надеж ми даде моето семејство, а најголема утеха ми беше сознанието дека го оставам Михаил во сигурни, стручни и топли раце. Цели 46 дена тој добиваше беспрекорна медицинска нега од овој тим. Им благодарам, од срце, на сите нив“ – изјави Ангела Нушева, мајка на Михаил.

Со силни приказни, искрени насмевки и голема благодарност, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште еднаш ја потврди својата посветеност: секое бебе заслужува шанса, љубов и надеж – од првиот здив, па сè до првите чекори и понатаму низ животот.

По повод овој ден, болницата воведува нова бенефиција во пакетите за породување – прв бесплатен третман и обука за сензомоторна стимулација за бебињата родени пред термин, дополнителна поддршка за нивниот развој и напредок.

ПР објава