Ана Бегова (11) од Гевгелија е новата ѕвезда на македонската атлетска сцена: Истрча 5 -километарската трка за 22 минути
Ана Бегова (11) од Гевгелија е новото име што блеска на македонската атлетска сцена. Иако има само единаесет години, веќе неколку сезони наназад реди успеси на различни трки и маратонски настани.

На маратонот „November Run“, кој викендов се одржа во Гевгелија, младата атлетичарка уште еднаш ги покажа своите способности. Ана ја истрча 5-километарската трка за одлични 22 минути, резултат што ѝ го донесе 12-тото место во вкупниот пласман, меѓу далеку поискусни и постари натпреварувачи.
Настанот беше дополнително обележан и со емотивната објава на нејзиниот тренер, Игор Јакимовски, кој ја пофали Ана и целата атлетска заедница за трудот, посветеноста и духот што го носат:
„Во овој спорт мора да уживаш за да успееш. Тоа е мојата најголема животна водилка,“ порача Јакимовски, нагласувајќи дека поддршката на младите атлети и развојот на кралицата на спортовите остануваат негов главен мотив.
„Новембер Ран има неверојатни приказни, а онаа која мене ми е број 1 од оваа година е ова слатко девојче и идна шампионка Ана Бегова. Сега додека ја пишувам објавата за неа уште не ми е верно нејзиното постигнување на трка од 5 км со постигнат резултат од неверојатни. Замислете... Девојче родено 2014 -та година , односно на 11 години возраст трча во сабота 1 км за 03.53 и победува во својата категорија на детските трки, а веќе следниот ден храбро трча 5 км со возрасни за финиш време од точно 22 минути (04.24 пејс) и внимавајте...Освојува 12-то место во генерален пласман !!! Просто неверојатно за девојче на 11 години возраст. Видовте, слушнавте, прочитавте за Ана некаде ? Го забележа некој овој момент од цела наша атлетска фела во Македонија ? Ако не, тогаш сите заедно да и помогнеме на свој начин за најголемиот бисер и иднина на македонската атлетика. Браво за Ана, браво и за тренерите во АК 7 -ми Ноември“, напиша тренерот Јакимовски.
Тој додаде дека „November Run“ е посебен настан за него, во кој секоја година вложува голема енергија – од организација, поддршка на тимовите, детските трки, па сѐ до учеството во главните дисциплини.
Младата Ана, пак, со својот резултат уште еднаш потврди дека Гевгелија расте нов спортски талент, кој допрва ќе го освојува вниманието на поголеми натпревари.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук