Беше една од „Грациите“, ја споредуваа со Весна Змијанац: Почина фолк-пејачката Бади Бекир
Македонската фолк сцена вчера изгуби уште една уметница, почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.

Пејачката со турско потекло беше едно од најистакнатите имиња на народната музика од осумдесеттите наваму. Повозрасните генерации со љубов ја паметат како убавата русокоса чиј глас ги исполнуваше сцените ширум поранешна Југославија. Настапуваше како солист, но остави белег и како дел од „Четирите грации“, заедно со Благица Павловска, Росана Сариќ Тодоровска и Адријана Алачки — состав кој беше симбол на моќниот женски фолк во тој период.
Небахат уште како дете ги направила првите музички чекори, негувајќи го и македонскиот и турскиот фолклор. На сцената првпат се појавила во 1985 година, а нејзиниот глас подеднакво силно одекнуваше на турски, албански и македонски јазик.

Нејзината најуспешна етапа беше за време на големите југословенски турнеи, кога нејзините настапи собираа публика ширум регионот. По распадот на Југославија, таа целосно му се предаде на македонскиот фолклор, создавајќи нови песни, настапувајќи на фестивали и соработувајќи со бројни автори. Следеа фестивалски настапи, соработки со бројни автори и турнеја во Австралија во 2002 година.

Во 2004 година стана дел од „Грациите“, а само две години подоцна со гордост ја прослави својата јубилејна 20-годишна кариера. Поради бојата на гласот и стилот, јавноста често ја споредуваше со српската пејачка Весна Змијанац, споредба која само го потврдуваше нејзиниот квалитет и препознатливост.

Со заминувањето на Бади Бекир, фолк музиката изгуби еден од своите најтопли женски гласови.
РЖМ