Онлајн играчки полни опасни хемикалии: Скриената опасност во Тему, Шеин и АлиЕкспрес – предупредување на европратеничката Јовева

Добивај вести на Viber

Фото: Pia Schaefer

Европратеничката Ирена Јовева, која има македонски корени покрена апел за заштита на потрошувачите. Упати јавно предупредување до граѓаните во врска со опасните производи што се продаваат преку онлајн платформите Тему, Шеин и АлиЕкспрес. Особено загрижувачки, посочува таа, е тоа што дел од детските играчки на овие платформи содржат т.н. „вечни хемикалии“ – PFAS, супстанции поврзани со сериозни здравствени нарушувања.

Според Јовева, PFAS хемикалиите најчесто се познати како составен дел на нелепливи премази кај садови за готвење, но алармантно е што истите се пронаоѓаат и во детски играчки. Таа истакнува дека овие хемиски супстанции можат да влијаат врз хормоналниот систем, дишењето и развојот кај децата, а постојат и докажани поврзаности со одредени видови рак и автоимуни заболувања.

„Овие хемикалии НЕМААТ место во играчките,“ порачува европратеничката.

Покрај хемиските ризици, Јовева предупредува и на физичките опасности – мали и необезбедени делови, остри рабови, батерии и магнети кои децата може лесно да ги голтаат.

Иако Европската Унија има една од најстрогите регулативи за безбедност на играчки во светот, опасните производи и понатаму стигнуваат до европските домови. Причината, објаснува Јовева, е тоа што постојната директива е стара 16 години и е создадена во време кога продажбата главно се одвивла во физички продавници. Интернет-пазарите не биле предвидени – ниту нивната способност да донесат производ директно до европските потрошувачи без контрола.

„Слушам од платформите дека тие сериозно ја сфаќаат безбедноста. За жал, реалноста е поинаква,“ додава таа, укажувајќи дека опасните играчки пристигнуваат затоа што правилата едноставно не важеле за нив.

View this post on Instagram

A post shared by Irena Joveva (@ijoveva)

Тоа, сепак, се менува. Европскиот парламент го усвои ажурирањето на директивата за безбедност на играчки, која носи три клучни промени:

* забрана на опасните хемикалии и во онлајн-производите,

* обврска за платформите да ја проверуваат безбедноста на играчките,

* засилени царински контроли и задолжителна следливост на производите.

Иако новите правила ќе се применуваат постепено, Јовева апелира дека родителите можат веднаш да дејствуваат.

„Проверете ја CE ознаката пред да купите. Таа е единствениот сигурен доказ дека производот ги исполнува безбедносните стандарди на ЕУ.“

Како мајка на четиригодишно девојче, Јовева истакнува дека ова прашање е лична борба.

„Не сакам да живеам во свет каде морам да се надевам дека играчката е безбедна. Сакам да бидам сигурна дека е безбедна затоа што мора така да биде.“

Со новите правила, додава таа, ЕУ има одговорност и избор – а кога станува збор за заштитата на децата, изборот е јасен.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото:Pia Schaefer