Нивниот стан има само 7 квадрати, а внатре дури и сауна: Сѐ се склопува и расклопува во една минута и изгледа како дом од иднината
Во време кога многумина тешко наоѓаат пристапно место за живеење, една архитектка од Ротердам успеа да покаже дека и најмалиот простор може да стане совршен дом.
Беатрис Рамо, заедно со својот партнер, купила мала просторија од само 7 квадратни метри, која првично била означена како остава — и ја претворила во функционален стан со дневна соба, кујна, спална зона и дури сауна.
Парот, кој живеел во истата зграда, го забележал овој простор на седми кат и бил изненаден што има приклучоци за вода, струја и греење, како и голем прозорец со поглед кон градот.
Просторот го купиле за 11.000 евра, а со дополнителни 10.000 евра инвестиција направиле неверојатна трансформација.
Проектот го нарекле „El Kabanon“, инспириран од прочуената дрвена колиба на Ле Корбизје — симбол на минималистички живот. Со помош на столар и уметник, секој агол бил внимателно осмислен: склоплив мебел, скриени полици и функционални прегради овозможуваат просторот да добие четири различни зони без чувство на теснотија.
За визуелен ефект, ѕидовите биле украсени со шпански плочки со 3D текстура, а во бањата е вграден црн мермер, купен како остаток по симболична цена.
Овој минијатурен стан, вреден вкупно 21.000 евра, брзо го привлече вниманието на светските медиуми како пример дека функционалноста и креативноста можат да го заменат луксузот и квадратурата.
„Денес е поважно од кога било да создадеме домови кои се паметно искористени, без разлика на нивната големина,“ вели Рамо – докажувајќи дека топол дом не зависи од метри, туку од визија.