Додека моите пријатели играа на полјана, времето го поминував на часови по пеење и на настапи: Дорис Ди за почетоците во музиката

Добивај вести на Viber

Понекогаш, музиката не ја бираме ние – таа нѐ избира нас. Така започнува приказната на Дорис Димовска, 16-годишната девојка со голем глас и уште поголемо срце, која уште од мала пеела не знаејќи ни за себе, додека нејзините најблиски ги зачувувале тие први ноти како спомен на еден искрен и природен талент. Денес, таа веќе има настапи на европски и домашни сцени: Италија (performance cup), Шпанија(Bravo festival),Хрватска(Voice of the stars), „Охрид фест“ 2024, Скопје (Waf contest2024/25) и Гостивар (Park festival2025).

На годинешната манифестација „ Ангел си ти“ во спомен на Тоше Проески во Круешво, ги отпеа „Ако одам во Битола„ и “Море Сокол пие“. Тоа е доказ дека со еднаква страст и искрена уметничка емоција ги изведува композициите од најразлични музички жанрови.

На неодамна одржаниот фестивал „Охрид фест 2025“ настапи во дует со Наум Бумбаровски, а нивната песна „ Ден и ноќ“ освои трето место од публиката. Низата на композиции ќе ја надополни со „Кога не ме сакаш“ која ќе ја отпее на годинешниот „Макфест“.

За Дорис, ученичка во СМУГС др.Панче Караѓозов, музиката не е само хоби – таа е начин на живот, избор од душа. Нејзиниот пат не е брз, но е сигурен – пат во кој секој чекор е внимателно избран, секој соработник важен, а секоја песна е огледало на нејзината автентичност.

Ја сакам музиката... поради тоа што и музиката ме сака мене. Не знаејќи дури ни за себе, јас пеев. Доказ за тоа се видеата кои ги имаме зачувано, кои неретко ги пуштаме и се шалиме на нивна сметка.

Мојот музички пат наликува на... една сложувалка која ја сложувам со луѓето со кои соработувам, луѓето кои веруваат во мене, кои ми помагаат и ме поддржуваат, без притоа  да брзам, но не и да пропуштам нешто што ми се нуди во моментот.

Наградите на Охрид фест ги доживувам ... како една голема отскочна даска за мене. Тие се  мојот професионален почеток, мојот елан и мотивација за во иднина.

Настапот на „Макфест“ за мене значи... многу. Прво значи среќа. Многу сум среќна што на 16 години ќе учествувам на „Макфест“. Второ, значи предизвик. За мене навистина е предизвик да се учествува на овој фестивал. Итрето значи самодоверба, со оглед дека сум исполнета, горда и целосна.

Патот кон музиката го градам ...чекор по чекор, а најголема поддршка ми се моите родители и брат ми, посебно мојата мајка која е мојата доверба, креативност и мојот така наречен Chat gpt хахаха.

Во музиката сакам да соработувам со ...луѓе кои веруваат во моите квалитети, ми помагаат да успеам во полето на музиката, со оглед дека на нашите простори многу е тешко тоа да се постигне.

Мојот имиџ би го дефинирала како... се уште не дефиниран, бидејќи сум млада и се уште го немам изградено за да би се произнела по однос на него…Мислам дека времето ќе покаже.

Најраните сеќавања од детството ми се поврзани со... Гостивар и само Гостивар. Го обожавам мојот роден град…До скоро им велев на моите родители, запишете ме во училиште во Гостивар само за да би можела да живеам таму.

Тинејџерскиот период би го опишала како... почеток на мојот музички перформанс. Додека моите пријатели во тој период излегуваа на полјана, јас времето го поминував на часови по пеење, а во исто време и на настапи….

Омилен јунак од приказните ми е... Херкулес, бидејќи на почетокот на неговата приказна никој не веруваше во него, за разлика од крајот, во кој тој успева во животот со најмалата поддршка околу него.

Пријателство во оваа професија постои, но ...сепак во истото постои мала завист, конкуренција…Јас сепак сум на моите почетоци од мојата кариера и не можам да кажам дека имам конкуренција. Доколку постигнам нешто во мојата кариера, дополнително ќе се произнесам по ова прашање…..

Реагирам на критики... многу ретко. Критики имало и ќе има дури и на најдобра изведба и на најголемо достигнување. Секогаш ќе се најде некој кој би кажал по некој лош збор за мене.

Кај луѓето најмногу почитувам... искреност, бидејќи иако искреноста на почетокот боли и е нелагодна, сепак поминува за кратко време без никакви последици.

Особина која најмногу ја сакам и ја поседувам е... искреноста.Иако мојата искреност ги нервира некои луѓе, сепак тоа што сум го кажала било со најдобра намера.

Неостварена професионална желба ми е ...да ја претставувам Македонија на Евровизија. Но, Евровизија каква што беше во минатото, каде што се избираше убава песна, добра интерпретација и секако сценски настап согласно нормалните човечки вредности.

С.А.Н