Нејзиното дело е одликувано во светот, но не и во Македонија: Со своите дела Намичева испрати порака до светската јавност за единствената историска вистина од Македонија

Добивај вести на Viber

Првата асоцијација на музеите во Македонија е прст прашина, предмети кои се распоредени во стаклени кутии, мртва тишина која дозволува да го слушнете одекот на нечии чевли кои се движат во спротивната страна на долгите холови. 

За жал, музеите во Македонија се без публика, иако влезот во нив е целосно бесплатен. Каде лежи проблемот, дали е во недоволната заинтересираност на институциите да направат поинтересна презентација за посетителите, или едноставно немаме култура да посетуваме музеи е дискутабилно. 

Сепак колку и ситуацијата да е независна со музеите, менаџирањето на нивните капацитети и недостаток на кадар во нив, постојат луѓе кои со магичната формула љубов+мерак создаваат вистински чуда со кои ја испипуваат историјата на сопствениот народ. 

Јасминка Намичева е една од најпознатите кустоси во Македонија, професионалец кој со голема љубов ја работеше својата работа, како пензионирана и денеска е активна бидејќи како што вели има уште многу работи кои треба да се променат и донесат под светлосната сцена. 

Минатото е неистражен и огромен корпус под кој спаѓа она што веќе изминало, без разлика дали го сметаме како секунда, минута, час, вековна историја... Оттука и претставува голем предизвик. Но, минатото некогаш е важна нишка која ни кажува кои сме. Со свои неколку проекти, кои за жал за македонската јавност се малку познати, но публиката во Тел Авив ги гледала документарните програми кои произлегуваат од нејзината работа со што во светската јавност испратила јасна порака за историската вистина во моменти кога таа во регионален контекст се релативизира. 

Фото извор: Meta

1. Како некој кој го има посветено целиот свој професионален живот на музејската работа, какви се вашите оцени - дали луѓето доволно посетуваат музеи и колку пати според вас неделно или месечно треба да се посети музеј?

-Музеите во нашата земја во изминатите години се соочуваат со ерозија на бројот на публиката. Иако во најголемиот број музеи во државата, влезот е бесплатен, сепак освен на отворањето на изложбите публиката е недоволно присутна. 

За тоа постојат многу причини кои неодложно е неопходно музејските институции да ги анализираат и соодвето да ги менуваат досегашните практики за промоција и презентација на содржините кои ги нудат на публиката. 

Оттаму би се зголемил и интересот и потребата на луѓето за посета на музеите. Особено е важна грижата за најмладата публика за која мора да се креираат соодветни едукативни програми и современи алатки преку кои ќе се однегува интересот за посета на музејски поставки. 

Динамичната наспроти пасивната презентација на музејскиот материјал е неопходност на современата музејска интерпретација, бидејки од пресудно значење е наративот кој сакате да го претставите и на кој интерактивен начин  ќе биде вклучена самата публика во откривањето на приказната која треба да ја конзумираат како посетители.

2. Дали посетителите треба да имаат некои предзнаења кога одат во музеј или доволно е да имаа волја и да одвојат време, па при посетата да научат нешто ново?

- Предзнаењата се секако корисни но не и неопходни, при посетата на музеите бидејќи едукацијата на посетителите покрај грижата за експонатите е основната улога која музеите ја имаат. Затоа е исклучително важен начинот на интерпретацијата на  наративот кој на одредена изложбена поставка како тема е искреиран, за да биде доволно провокативна и да предизвика толкав интерес кај посетителот да одвои од своето драгоцено време за посета на музеј наспроти сѐ поприсутната консумација на одредени содржини преку дигиталните медиуми.

3. Првата претпоставка и асоцијација на луѓето е дека во музеите се чуваат само стари работи. Колку оваа претпоставка се заснова на вистината и дали во музеите често има нови работи? И како музејските работници гледаат на новите работи - тоа се артефакти кои имаат вонвременска вредност, археолошка врска со минатото или се предвесници за некоја иднина?

-Фактот дека вчерашниот ден и изминатиов миг е веќе наше минато, всушност, сѐ  што припагало на тоа минато е потенцијален музејски материјал. Затоа музеите се трезори на сѐ  што може веродостојно да презентира одредени настани или уметнички форми преку кои може да се објасни одредена тема независно во кој период од развојот на планетата и човештвото се случува. 

Најчесто ние музеите ги врзуваме со минатото, но постојат неверојатно голема разновидност на теми кои не се врзани само со минатото а се во фокусот на музејските презентации. Затоа музејските кустоси, не се само чувари на старите предмети туку се истражувачи и неизоставно сонувачи кои патуваат со временската машина, во потрага по нови парченца од мозаикот, независно дали фокусот им е свртен кон минатото или иднината, а при тоа споделувајки ги своите фасцинации со музејската публика. Токму затоа вредноста на постоењето на музеите е вонвременска.

4. Како некој што ги има организирано поголемиот дел од најзначајните ликовни изложби во Македонија, каков е вашиот коментар на уметничкото творештво денеска? Дали е вистина дека има хиперпродукција, но нема институционална можност целата таа продукција да се осмисли, биде забележана од уметничката критика и на крај да се чува соодветно и да се прикажува пред публиката?

-Квалитетот на уметноста не се мери со количината на продукцијата, напротив сметам дека хиперпродукцијата е корисна бидејки има поголема компетитивност а со тоа и поизострен критериум за вредноста на делата. 

Кај нас има квалитетна уметничка сцена, но за жал немаме доволно уметнички критичари кои ќе ја вреднуваат соодветно и на тој начин ќе ја изоструваат селекцијата, но секако и ограничениот пазар на уметнички дела е дел од истата приказна. Бројот на галериските простори кај нас е прилично скучен, со што се оневозможува и на уметниците но и на кураторите да делуваат со полн капацитет. 

Затоа во нашите институции најдолгиот период на поставеност на една изложба не е подолг од два месеци, а најчесто е по дестина дена. Тоа дава впечаток на претрупаност и несоодветен презентациски квалитет. 

Користењето на алтернативни изложбени простори, за оние поставки за кои тоа е возможно се едно од можните решенија. Македонија е земја која е благословена со многу надарени уметници од сите области, но за жал условите кои им ги создаваме за работа се многу оскудни. 

Со години мечтаеме за пренамена на некои напуштени индустриски објекти во Скопје, кои како што гледаме во светот најчесто се место за галериски изложби но и место каде ќе им се овозможи на младите уметници соодветен простор за работа или презентација на своите дела. Самиот факт дека и нашиот најголем уметнички колектив- ДЛУМ до неодамна талкаше во потрага по свој изложбен простор е вистинскиот показател за итноста на решавањето на проблемот.

Фото извор: Freepik

5. Која е улогата на кустосот во музејот и дали според Вас има доволно кустоси низ музеите во Македонија или сметате дека нивниот број треба да се зголеми?

-Кога им објаснувам на најмладите што е тоа кустос во музеј, најчесто ја користам „Алиса во земјата на чудата“, бидејки токму како Алиса кустосот треба да ги одведе посетителите преку својата приказна во некој чудесен свет од минатото. Но тие не се само „сонувачи“, тие мора да имаат и истражувачки дух, но и голема одговорност бидејки се грижат за соодветното правилно чување на музејските предмети, со тоа што ги истражуваат, анализираат и датираат, соодветно ги заштитуваат и складираат, за да во одреден контекст преку изложби кои ги осмислуваат, презентираат пред публиката различни теми. 

Всушност, кустосите треба да бидат секогаш „љубопитни деца“ кои постојано трагаат по откривање на нови парченца од историјата на човештвото и тие „приказни“ да ги споделуваат со музејската публика. За жал, недостатокот на нови кадри сериозно го наруши амбиентот на музеите. Со оглед на тоа што во континуитет не се дополнува кустоскиот кадар во музеите, се најдовме во ситуација последните десетина години, да заминат во пензија неколку генерации без при тоа да можат да ги пренесат искуствата на помладите колеги. 

Затоа и многу музејски збирки останаа практично без специјалист кој ќе ја продолжи работата. Таквиот генерациски јаз доведе и до намалување на капацитетот на изложбената продукција, додека за истражувачката дејност е уште по драстична состојбата. Затоа имаме музеи кои во последните неколку години конкурираат со многу мал број на проекти за средства во Министерството, кое е главен финансиер на културната сцена во државата. 

Од друга страна, имаме неискористени млади колеги кои имаат неверојатно високи капацитети и знаење, но немаат можност институционално да делуваат, па се сведени на работа во невладини организации преку кои не можат ниту од далеку да го реализираат својот капацитет, или пак што е уште пострашно работејќи со години сосема други работи за да си обезбедат егзистенција сосема се откажуваат од својот сон. 

Ние во Музеј на град Скопје бевме сведоци на таква една група од 10 тина археолози кои уште како студенти почна да ги обликува и менторира праисторичарот Милош Билбија,кој од нив создаде брилијантни специјалисти, но за жал од целата група, само еден успеа да ја добие шансата да се вработи како кустос, додека другите талкаат повеке од 15 години како „сезонски“ археолози по археолошките локалитети, без реализиран ниту ден стаж, со скудни средства за живот бидејки се платени како наемни физички работници, но, затоа пак најголемиот број од нив пишуваат научни публикации кои им ги објавуваат најреномираните светски списанија. 

Тие колеги исклучително ги почитувам и им се воодушевувам, бидејки и покрај својата крајно тешка финансиска состојба, одбиваа да бидат вработувани под услов да се откажат од својата етничка припадност и да бидат „мимикрични специјалисти“. Затоа,  повеќе од неопходно е излегување од матрицата на партиско вработување, туку мерит системот мора да профункционира за да обезбедиме квалитетните кадри да ја „ресетираат “ зачмајаната атмосфера која за жал владее во институциите.

6. Што е првата работа што сметате дека е нужно да се подобри низ музеите и со какви предизвици сте се соочила Вие лично при презентирање на културното наследство пред посетителите на музјеот и јавноста пошироко?

-Првата работа е да се вработат најквалитетните кадри со кои во моментот располагаме во државата, и да се воспостави соодветен систем на  верификација на постигнатите резултати, но и еден вид „норма“ за работа, бидејки вака како што се сега оставени „на совест“ работите, видовме дека нема задоволителни резулатати. 

Исто така, немаме изградена сериозна концепција кон легатите од  уметниците кои зад себе оставиле непроценливи збирки и чии што семејства би сакале да ги донираат на државата кога би им биле понудени соодветни услови за чување и презентација. Го знам размислувањето на пример на семејството на Владимир Георгиевски, но и борбата на Росица Лазеска за оставнината на Борко Лазески. 

За стотиците уметнички дела од светски и домашни уметници, кои биле создавани низ годините при најразличните уметнички колонии, би требало барем да се сложат во еден заеднички централен регистар и бездруго да бидат сопственост на државата онаму каде таа се појавувала како финансиер.

Голем предизвик ми беше да отпочнам истражувања за генезата на еврејските заедници во Македонија, за што во 2000 година и добив грант од Фаре програмата на ЕУ. Со тој проект реализиравме за прв пат во музејот дигитална база на податоци достапна на веб страница, од која понатака се изроди голема изложба на која за прв пат беа во оригинал прикажани најстарите трагови на постоењето на Евреите од античкиот град Стоби, како и 1.100 портрети на луѓето кои завршиле во логорот Треблинка.

Тие мои истражувања ме доведоа покасно до откритие на специфични архивски документи, кои ја покажаа вистинската улога на шпанскиот амбасадор Хулио Паленсиа, кој во 1943год. со голем ризик за својата дипломатска кариера но и живот, создава услови и спасува 20тина еврејски семејства ослободувајки ги од логорот во Монополот во Скопје. Оваа „сторија“ беше  неколкупати објавувана во опсежни статии во Ерусалим Пост, со што конечно пронајдовме и дел од наследниците на преживеаните, за што Бернард Дишек-режисер од Тел Авив сними и документарен филм. Ете, тоа ни покажува колку далеку на патување низ историјата, може да не одведе навидум и најобичен стар лист хартија.  

Фото извор: Meta

7. Дали љувота кон работата која ја докажувате со вашиот секојдневен труд и низа иницијативи, се пресудни за работење на музејската работа и што човек освен тоа треба да разбере за музеите како предуслов да ја работи музејската работа?

-Честопати звучам „де моде“ но сакам понекогаш да споменувам некои кодови кои мојата баба Јорданка ги втиснала во мојата домашна едукација. Таа имаше еден мал бележник, исполнет со рецепти за колачи испишани со калиграфски ракопис, каде на крајот на секој рецепт таа прибележила„ ако не додадеш МЕРАК, колачето не ќе го биде“. 

Токму тој мерак за се што почнувам да правам ми е многу важна „состојка“ во мојата музејска работа, но и воопшто. Таа енергија и „љубопитноста на Хакл Бери“ ми се пламенот кој ми ја подгрева и одржува атмосверата при работата.Така сега иако сум веке 3та година пензионерка, јас продолжив да работам, овој пат под „знамето“ на невладината Архифакт, па така,  во изминатите две години организирав повеќе од 30тина изложби во различни градови низ Македонија. 

Тоа е еден волонтерски проект , со кој  во градовите надвор од Скопје, се трудам да однесам квалитетни изложби на уметници, бидејќи сметам дека не смее да биде привилегија само на граѓаните на Скопје да имаат пристап до квалитетна уметност. Иако без средства од државата, заедно со колегите кои се вмрежени во таа наша неформална мрежа на музеи и домови на култура - Музеум Линк, успеваме да функционираме и да реализираме завидна програма. 

Не знам како се вика тоа „будалаштина“ или чиста љубов? Но знам само едно дека за оние народи кои сакаат да знаат кои се, од каде се и кон што треба да целат и да си го споредат капацитетот во однос на исчекорите на сите останати народи на планетава, вистинскиот трезор за сите одговори се музеите и архивите.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов