Жената што ја менува свеста – Данијела Остоиќ ја носи својата мисија во Скопје

Скопје на 25 октомври ќе биде домаќин на уникатна конференција за ментално здравје под наслов „Промени балканска уверувања“, зад која стои Данијела Остоиќ, познатиот клинички психолог. Таа веќе години наназад патува низ регионот, држејќи предавања кои инспирираат и охрабруваат илјадници луѓе да се соочат со стравовите, предрасудите и длабоко вкоренетите навики што ја кочат личната среќа.
„Конференцијата е наменета за сите – жени, мажи, адолесценти и семејства“, објаснува Данијела. „Кога почнав со оваа мисија, на моите конференции најбројни беа жени, затоа што тие на Балканот се посвесни и повеќе мотивирани за лична промена. Но брзо сфатив дека морам да најдам начин да допрам и до мажите. Ако сакаме вистинска промена, тогаш мора да ја подигнеме свеста за менталното здравје кај целото општество.“
ЖМ: Данијела, Скопје ќе биде следната станица на твојата конференција. Што можат жените да очекуваат на 25 октомври?
- Конференцијата за ментално здравје е наменета за сите – жени, мажи, адолесценти, семејства. Вистина е дека кога го започнав овој пат, на моите конференции најчесто доаѓаа жени, најверојатно затоа што токму жените на Балканот се посвесни и повеќе мотивирани за лична работа. Многу брзо сфатив дека морам да најдам начин да ги инспирирам и мажите за промената да биде видлива. Зашто, ако навистина сакаме суштински промени на Балканот, тогаш неопходно е да се подигне свеста за менталното здравје на целото општество. Денес на моите предавања има и мажи – и тоа во голем број. Неизмерно сум благодарна за тоа. Она што може да се очекува се 4-5 часа едукација на тема ментално здравје, преку мое лично искуство и практика со луѓе од Балканот, алати и техники кои ќе помогнат подобро да ги разберете сопствените реакции и да пронајдете начин како да ги промените. Добра енергија и безбеден простор. Резултатите од претходните конференции и благодарноста од луѓето кои секојдневно ми пишуваат, се мојата најголема награда и мотивација.
ЖМ: Зошто токму темата „балкански уверувања“? Што подразбираш под тоа и како тие влијаат на нашето ментално здравје?
-Ова прашање детално го обработувам на предавањата затоа што е важно да се разбере суштината на проблемот, да се признае и прифати, а дури потоа да се бара решение. Ние како општество сме некаде на половина пат. Сè уште имаме внатрешен конфликт меѓу признавањето на балканските грешки во воспитувањето, очекувањата, начинот на размислување – и конкретната акција за промена. Постојат неколку типични модели на живеење на Балканот кои се деструктивни и директно влијаат на менталното здравје. За нив ќе зборуваме, и секогаш се радувам на отворените дискусии.
ЖМ: Кои се најчестите реченици или ставови што жените на Балканот ги слушаат од мали – а подоцна им стануваат кочница во животот?
-Најчесто тие се поврзани со намалена лична вредност, одредени „женски“ улоги кои мора да ги одиграат, времето кога „мораат“ да се мажат и да раѓаат, забрани за автентичност и притисок од општеството врз нивната слобода. Сето тоа доведува до емоционално потиснување, а подоцна и до различни форми на ментални проблеми.
ЖМ: Како твојата лична приказна те инспирираше да ја започнеш оваа мисија? Имаш ли момент кога сфати дека „нешто мора да се смени“?
- Тој момент почна да се развива уште во моето детство и адолесценција – што е природен период за бунт и преиспитување. Веќе тогаш сфатив дека нешто не е во ред и дека постојат „правила“ кои за мене не беа логични. Почнав да поставувам прашања на кои многу често не добивав задоволителни одговори. Тогаш веќе во општеството ме нарекуваа „со долг јазик“, не знам дали и во Македонија го користите овој израз. Подоцна, за време на студиите по психологија почнав да разбирам што се уверувања, општествени очекувања и како целиот тој процес настанува, се развива и се одржува. Веројатно сè ме водеше кон оваа мисија – и кој знае, можеби навистина ќе успееме да направиме суштински промени на Балканот.
ЖМ: Менталното здравје сè уште е табу-тема кај нас. Зошто мислиш дека е толку тешко отворено да се зборува за анксиозност, депресија, стравови...?
- За жал, во право сте. Но морам да кажам дека сепак нешто се менува. Веројатно и социјалните мрежи придонесоа за подобро разбирање и за намалување на стигмата околу менталното здравје, за разлика од порано кога не можеше никаде да се слушне ништо за депресија или анксиозност. Најголемиот проблем е системски – образовниот систем кој сè уште не го препознава значењето на менталното здравје. Кога тоа ќе се промени, тогаш ќе можеме да зборуваме за вистинско отстранување на предрасудите и табуата. Но, пред нас е долг и исцрпувачки процес. Токму затоа ваквите конференции се шанса да учиме.
ЖМ: Која е најголемата порака што сакате жените во Скопје да ја понесат од оваа конференција?
- Нема универзална порака – постои само индивидуално отворање кон себе и разбирање на сопствените механизми и уверувања поради кои живееме така како што живееме. И прифаќање на фактот дека од нас зависи многу повеќе отколку што мислиме.
ЖМ: Во што ја гледаш надежта и силата на жените на Балканот? Што е тоа уникатно што го носиме со себе, а треба да го негуваме?
- Секоја жена има посебна моќ да биде тоа што е – само треба да ѝ се помогне да го согледа тоа и да се охрабри на својот пат. Кога ќе вложи доволно труд да се почитува себеси, тогаш во нејзиниот живот ќе влезат и луѓе кои ќе ја почитуваат. Секогаш треба да ја негуваме љубовта – затоа што само така можеме да изградиме подобро општество.
ЖМ: Имаш ли личен совет или мал трик што секоја жена може да го практикува дома за подобро ментално здравје и мир?
Не сакам да давам такви совети, бидејќи тие не постојат. Она што е поважно од трикот а има поголем ефект е прашањето: „Што ми е потребно денес, а не правам ништо за да ја задоволам таа потреба?“
ЖМ: Што те мотивира секој ден да ја водиш оваа борба за промена на свеста?
-Стотиците луѓе кои ми пишуваат и ми се заблагодаруваат што им се променил животот, моето семејство кое секојдневно ме поддржува и надежта дека мојата работа ќе придонесе за создавање поздраво општество на Балканот.
ЖМ: И за крај – зошто никој не треба да ја пропушти оваа конференција во Скопје?
Поради сè што кажав до сега.
Ирена Ставрова