„Старите луѓе често во мене гледаат личност на која можат да се потпрат“: Мила Тодоровска за работата во старски дом и грижата за здравјето на лицата од трето животно доба

Први октомври секоја година во различна тематска целина се обележува Меѓународниот ден на старите лица.
Светската јавност секоја година се потсетува на основните постулати за достоинствено стареење, како нераскинлива компонента од современите демографски состојби во Европа.
Европа се соочува со феноменот „стареење на население“ што значи дека секоја година се бележи статистики поголемо учество на старите лица во вкупната популација.
Старите лица, или граѓаните од трето животно добар стануваат важен дел од општественото функционирање и нивната инклузија и општествен придонес треба да бидат приоритети на националните држави. Животот не завршува по пензионирањето, а голем дел од старите лица се вклучени во економските аспекти на домаќинството, играат важна улога во одгледување на децата - сопствените внуци и обавуваат други значајни домашни работи.
Мила Тодоровска е млада медицинска сестра која секојдневно го посветува своето внимание, труд и енергија во нега на старите лица и грижа пред сѐ за нивната здравствена состојба. Вели дека оваа професија не би ја менувала за ниту една друга, бидејќи делата што ги прави ги прави со многу љубов и топлина, што ја прават оваа професија една од најблагородните и најхуманите професии во нашето општество. Сепак свесна е дека предрасуди во нашето општество постојат за многу професии, вклучително и за работата во старските домови.
И додека голем број медицински сестри од Македонија истата професија ја работат надвор, а не би ја работеле во Македонија, таа вели дека е горда што има можност да ја пружи својата нега на оние на кои им е најпотребно бидејќи тоа е суштината на животниот циклус. Старите лица се грижеле за нас кога ние сме биле деца и немоќни, редно е ние да се грижиме за нив, кога од тоа тие имаат потреба.
За „Женски магазин“ Тодоровска откри и повеќе за својата професија, каков однос гради со старите лица за кои се грижи, но и зошто се одлучила да ја работи токму оваа работа.
1. Што е убавината на твојата работа и што најмногу те исполнува? Дали грижата за старите лица е благородна и хумана дејност?
-Како медицинска сестра, убавината на мојата работа ја гледам во тоа што секојдневно можам да се грижам за луѓе кои имаат најмногу потреба од внимание, медицинска поддршка и човечка топлина.
Исполнета сум кога ќе видам дека со мојата професионална грижа и со еден топол збор сум им го разубавила денот. Верувам дека грижата за старите лица е една од најблагородните и најхуманите дејности, бидејќи тие луѓе заслужуваат достоинствена и спокојна старост.
2. Дали човек треба да ги сака старите луѓе и да ги разбира за да работи со нив? Дали тие што биле опкружени со баби и дедовци полесно се снаоѓаат во комуникација со лицата од трето доба?
-Да, љубовта, разбирањето и трпението се неопходни. Без емпатија тешко може да се изгради доверба. Луѓето кои растеле во блискост со баби и дедовци обично имаат повеќе разбирање и топлина во односот со постари лица, па комуникацијата им доаѓа полесно и поискрено.
3. Дали овој сегмент од социјалната работа го препорачуваш на младите и дали сметаш дека треба да е поактуелен одошто е во моментот во Македонија?
-Да, го препорачувам. Ова е работа што создава чувство на исполнетост и смисла. Во Македонија сè уште не е доволно ценета и актуелна, но со оглед на стареењето на населението, сметам дека ќе стане се поважна и младите треба да ја гледаат како предизвик и можност за професионален и личен раст.
4. Дали оваа работа е доволно платена со однос на тоа дека многу млади луѓе истата работа ја работат во странство и се задоволни од заработувачката?
-Работата со стари лица кај нас е платена во рамките на стандардите кои ги нуди нашата држава. Иако споредбата со странство секогаш изгледа неповолна, важно е да се потенцира дека секоја земја има различни економски можности и приоритети. Кај нас оваа професија добива надомест кој е усогласен со националните услови и стандарди на живеење.
Секако, секогаш постои простор за подобрување, но најголемата вредност на оваа работа се гледа и во нематеријалните аспекти – почитта, благодарноста и чувството на смисла што ги носи секојдневната грижа за постарите лица.
5. Дали сметаш дека Дом за стари лица е иднината на домувањето и дека повеќе треба да се изнвестира во овој тип на згрижувачки комплекси?
-Да, домовите за стари лица се дел од иднината, особено затоа што семејствата се помали, а темпото на живот е побрзо.
Потребно е да се инвестира во современи и топли комплекси кои не наликуваат на институции, туку на домови во кои старите лица ќе се чувствуваат безбедно, почитувано и прифатено.
6. Си се соочила ли со предрасуди за твојата работа од средината досега или наидуваш на поддршка?
-Имало и предрасуди, затоа што некои луѓе мислат дека оваа работа е „помалку вредна“ или „тешка и неблагодарна“. Но, многу повеќе сум добила поддршка и признание од луѓе кои ја разбираат важноста и значењето на оваа професија.
7. Лесно ли е да се најдат колеги и луѓе што сакаат да ја работат таа работа или младите повеќе ја избегнуваат?
-Искрено, не е лесно да се најдат млади кои со ентузијазам ја прифаќаат оваа работа. Повеќето ја избегнуваат поради тежината и емотивниот напор што ја следи. Но, оние кои ја избираат – обично се луѓе со големо срце, емпатија и посебна посветеност.
8. Дали старите луѓе во тебе гледаат извор на сигурност, помош и поддршка - каков е вашиот меѓусебен однос?
-Да, старите луѓе често во мене гледаат личност на која можат да се потпрат – и за практична помош, и за разговор, и за охрабрување.
Но тоа не е само моја заслуга, туку и на целиот наш тим кој со посветеност и срце ја работи оваа задача.
Нашиот однос со нив е искрен, полн со почит и доверба. Старите лица од нас добиваат чувство на сигурност, а за возврат тие не учат на мудрост и трпение. Заедно со моите колеги им возвраќаме со грижа, внимание и топлина.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов