Реномиран светски магазин за храна ја прогласи Македонија за „гастрономска кралица на предјадењата“: Дури три наши специјалитети во топ листата

Глобалниот гастрономски водич TasteAtlas ја објави листата на најдобрите прилози на светско ниво, а на првото место се најде ајварот – традиционален македонски специјалитет кој одамна ужива меѓународна слава.
Ајварот, намаз од печени црвени пиперки, одамна е тема на балкански расправи бидејќи секоја земја од регионот го смета за дел од сопственото кулинарско наследство. Но, неговата популарност одамна ги надмина регионалните граници.
На платформата TasteAtlas беше објавена листа од 19 најдобри светски прилози, меѓу кои индиски чатни, различни туршии и македонски пинџур, но титулата „најдобар“ му припадна токму на автентичниот македонски ајвар.
За луѓето од Балканот, ајварот никогаш не бил само храна. Тој е дел од семејната традиција и незаменлив знак за почетокот на зимата, кога низ дворовите и терасите се печат тони пиперки и се приготвуваат залихи за цела година.
Се јаде во секоја прилика – за појадок, како прилог до месо или риба, за свечени трпези, но и едноставно, намачкан на леб. Поради разновидноста и богатството на вкусот, често го нарекуваат и „веганскиот кавијар на Балканот“.
Зборот „ајвар“ доаѓа од турскиот „хавијар“ – кавијар. Со текот на времето, станал дел од речиси секое домаќинство и ресторан.
Денес, покрај своите длабоки корени во македонската традиција, ајварот совршено се вклопува во модерните трендови на исхрана – природен, без глутен, погоден за вегетаријанци и вегани. Сè почесто се појавува на менијата на современи европски ресторани како автентичен и здрав специјалитет.
Фото: Wikipedia
М.С.К