„Уредник комплетно ми напиша политички прилог и ми го даде јас да го прочитам - одбив бидејќи не беше мој текстот“: Разговор со Александра Вуксановиќ

Колегите за неа велат дека нема тема која не може да ја одработи од оригинален аспект, со свој автентичен пристап кон проблематиката. Како што во новинарството е своја и слободна, така е и во модата. Таа е нејзината втора куќа од професијата.
Кога се работи за хоби ги има многу. Ја сака уметноста и од секој агол ја следи и во форма на книжевност, филм, дизајн. Една од помладата генерација на новинарки која за своите гледачи и читатели ги подготвува најубавите прилози со многу љубов.
Надвор од камери е весела и опуштена девојка, која со многу скромност и пријателство им пристапува на сите. Сепак иако е љубезна, во професионален контекст неретко знае да постави јасни граници, дури и да одбие задачи, ако тоа ја компромитира нејзината новинарска етика. Со тоа поставува стандарди во својата професија.
За случки кои ја изградиле како новинар, но и нејзините почетоци во новинарството - говори Александра Вуксановиќ за „Женски магазин“.
1. Колку е важна креативноста во современото новинарство? Дали креативноста е пресудна за некој да ја работи оваа работа?
Бидејќи кога ќе размислиме подобро, честопати, токму таа, креативноста, ни овозможува да ја пронајдеме темата, или на пример да сфатиме дека ако некоја дадена ситуација или нечија животна приказна ја раскажеме на јавноста можеме некому да помогнеме.
Затоа верувам дека секој новинар, без разлика од кое време е, мора да ја поседува креативноста во себе како алатка која ќе го издвои од толпата, ќе го направи препознатлив по своето перо, во спротивно нека си направи услуга и нека го остави микрофонот или тастатурата.
2. Како започна со новинарството и во кој правец сакаш да се движиш понатаму? Кои се твоите амбиции?
- Тукушто дипломирана новинарка, еден убав сончев ден, забележувам на ФБ (тогаш немаше други социјални мрежи), оглас: „Потребен ни е радио водител – Студент ФМ“. За да ја доловам суштината, морам да нагласам дека од дете многу сакав да бидам водителка.
Редовно, училишните лекции ги читав на глас како да презентирам вести, дури и со сценографија. Потајно во мене и во средношколските денови и додека студирав си тлееше оваа голема желба. И знам сега ќе ме прашате зошто не се запиша тогаш на новинарство?! Поради советот на мојот татко, кој ми рече: „Со право можеш да бидеш новинар, со новинарство не можеш да станеш правник“.
Се покажа дека тато бил во право. И да се вратам на сончевиот ден, им пишав порака во инбокс,„ Дали огласот важи за заинтересирани со огромна желба, но без искуство? “
Ја добив магичната порака со датум за интервју. Се работеше за пракса, со скромен финансиски надоместок, но цената на три и пол години поминати во оваа магична кутија беше основата на мојот понатамошен новинарски пат, каде го калемев занаетот меѓу професионалци и млади луѓе полни со елан, бевме една добра екипа.
Водев утринска програма, во живо, на радио, а потоа имав и авторска емисија „Мода на Студент Фм“, единствената емисија за мода на радио, на што сум посебно горда.
Овде морам да ја споменам личноста којашто ја запознав таму, а многу ми помогна да се изградам како новинарка, денес моја драга пријателка или како што ја нарекувам „кариерна мајка“, Александра Јуруковска, која во Студент ФМ ми беше ментор и уредник.
Тоа се моите први денови во етерот и веќе знаев дека на ова му нема крај. Тој што застанал пред радиски микрофон знае за што зборувам. Што понатаму? Немам конкретни планови, но амбицијата во мене постои и давам сè од себе мојот професионален пат да оди во нагорна линија.
3. Дали можеш да се сетиш на еден пример во кариерата кога си била горда што си новинарка и пример во кој ти било непријатно во име на професијата да изнесеш некој став?
-Гордо се чувствувам секогаш кога сум на непознат терен, овде мислам на пример кога работам област, тема којашто не ми е многу позната, тогаш условно речено не спијам за да се подготвам добро. Или кога треба да водам некој поголем настан. И откако сè ќе заврши, ќе се емитува прилогот, или објави текстот, интервјуто чувствувам гордост, секако доколку сум го реализирала добро. Имало такви денови кога поради работата сум си легнала со насмевка на лицето.
Одлучив да не набројувам примери, за да не изоставам некој ненамерно, па потоа да се изнервирам. Кога се работи за нелагодност на работа ќе издвојам еден момент, нема да спомнувам имиња ниту медиум. Ме пратија во влада да следам прес-конференција и потоа да направам прилог од тоа. Додека бев таму ми стигна СМС порака какво прашање да поставам, прашањето ми беше нејасно. Многу се налутив, бидејќи не сакав да го поставам прашањето, затоа што прво не го разбрав, второ се спомнуваа некои ликови коишто не ми беа познати. Во исто време не сакав да не си ја извршам задачата и да го навредам претпоставениот.
Станав се претставив и реков имам прашање од уредниците и го поставив. Се вратив бесна и кажав во иднина или да не ме праќаат или ако веќе ме пратат да ме остават со своја глава да го покријам настанот. Слична ситуација имав и во друга прилика кога уредник комплетно ми напиша политички прилог и ми го даде јас да го прочитам како да е мој. Реков дека ова не е мој текст и дека нема да го прочитам. И во едниот и во другиот случај бев добро разбрана.
4. Дали сметаш дека новинарките имаат двојно поголема одговорност бидејќи креираат јавно мислење?
-Апсолутно. Треба да бидеме посебно внимателни што зборуваме, споделуваме, па и како се однесуваме. Би рекла, да бидеме мудри и паметно да ги користиме нашите јавни појавувања макар и на приватните профили на социјалните мрежи.
Пожелно е преку нашата можност и доверба којашто сме ја стекнале од нашата публика да ја шириме добрата мисла, угледното однесување и ематијата.
5. Дали сметаш дека на денешните новинари им е потребно поголемо општествено вклучување во релевантни теми?
- Да, бидејќи се почесто луѓето сериозни проблеми решаваат откако ќе се обратат на некој медиум. Новинарите се важна фела за едно општество и не треба да бидат сфатени само како гласило, туку како силна врска помеѓу народот и институциите, сила којашто може да направи клучни промени.
Жалам што нашата професија се помалку се вреднува, како финансиски, така и од страна на јавноста, често забележувам понижувачки однос, наместо почит кон новинарите. Многу се испомешаа работите...
6. Покрај новинарството модата е твоја голема страст, како ги избираш модните парчиња кои ги носиш?
- Благодарам за оваа шармантна забелешка. Јас сум голем љубител на модата пред се како уметност, а потоа и како начин на лично изразување. Иако порано бев далеку по маркантна со мојот стил, со текот на времето моќта на умереноста, едноставноста ме совлада, но верувам дека е фаза и дека по некое време одново ќе се вратам во старата кожа на ексцентричност каде чинам ми беше најудобно.
Прачиња одбирам од различни места, не сум поборник на марки, ниту на масовно производство, па затоа не ретко ќе ме видите во стариот фустан на мама, џемперот на тато, блузата од баба кога била девојче или добрата бела кошула на сопругот искомбинирана со модерни фармерки или облека нарачана од Тему, ама серизоно...
7. Што освен модата најмногу те фасцинира? Дали си љубител на уметност?
- Прво што ми паѓа на памет е како ме вика сестра ми, „филмоманче мое“. Сакам филмови, стандардно гледам серии на Нетфликс, со споругот во петок ќе не најдете на кино, обожувам да читам книги, еве по завршувањето на ова интервју со задоволство му се враќам на Кундера. Уживам во музика, сакам концерти, сакам да гледам опера, театарот ми прави убаво чувство. Ја сакам уметноста во сите нејзини форми и облици.
8. Дали и за тебе важи правилото дека новинар е 24/7 на работна задача или имаш поставено јасна граница помеѓу приватниот и професионалниот живот?
-Важи да, но не би рекла дека е правило, тоа е веќе начин на живот. Кога гледаш нешто дека се случува пред тебе и не треба да си новинар за да извадиш телефон и да го документираш, веќе секој го прави тоа.
Разликата е во тоа што кај нас новинарите тоа е одговорноста за која што погоре зборувавме, совесен новинар пред да го објави нештото ќе се запраша: што, кога, каде, како и зошто?
Секако дека улогата на јавните личности треба да биде и делување со добри дела и постапки, со акцент на инфлуенсерите омилени за младите. Некој сериозно треба да поработи на тоа.
9. Дали имаш личности кои те инспирираат и дали сметаш дека на Македонија ѝ се потребни поголем број на јавни лица кои ќе мотивираат (освен што сме нели познати како народ по „кукањето)?
- Да, ме инсиприраат вредни и посветени луѓе, на кои од очите им извира страст и љубов за тоа што го прават, не се фалат, ами нивната работа зборува за тоа. Ме инспирира мојата мајка со својата неуморност, ведрина, сила!
10. Ако има една мисла која го опишува твоето секојдневие и со која се будиш секој ден – сподели ја со нас?!
- „Насмеј се, утре може ќе те нема“
Фото извор: Приватна архива
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов













