Двоен триумф за македонскиот филм „Лена и Владимир“: Сара Климоска и Тони Наумовски наградени за најдобри актери

Добивај вести на Viber

Македонската актерка Сара Климоска ја освои наградата за најдобра женска улога за улогата на Лена во филмот „Лена и Владимир“ на јубилејното 50. издание на фестивалот „Мојковачка филмска јесен“ во Црна Гора. Наградата за најдобра машка улога му беше доделена на актерот Тони Наумовски, кој во истиот филм го толкува ликот на Владимир.

Филмот „Лена и Владимир“ е во режија на Игор Алексов, со сценарио на Александар Русјаков, и премиерно беше прикажан во 2023 година.

Во оваа емотивна драма, Климоска ја игра Лена – млада девојка израсната во дом за сираци, која преживува физичка и психолошка траума и која никогаш не ја почувствувала вистинската љубов. Наумовски, пак, го портретира Владимир – маж кој ја загубил љубовта и се повлекол во осаменост. Приказната се развива откако нивните животи се судираат и се создава неочекувана врска меѓу двајца луѓе обележани од болката на минатото.

Филмот ја истражува темата на траума, простување и можноста за емотивно заздравување, при што се создава интимен портрет на две скршени души кои преку меѓусебна блискост ја пронаоѓаат силата за нов почеток. Дејствието е сместено во осамено шумско светилиште, каде што се развива нивното патување кон искупување и човечка блискост.

На свеченото затворање на фестивалот беа доделени и други награди, а специјалната награда „Спасоје Пајо Грдиниќ“ за најдобар филм според изборот на публиката му припадна на филмот „Дражен“.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм