Холивудски шарм во Мала Македонија: Милош Биковиќ се појави во Берово

Познатиот српски актер Милош Биковиќ деновиве престојуваше во Берово – родното место на неговиот дедо, од каде потекнува дел од неговото семејство. Посетата не беше само од личен карактер, туку поврзана и со конкретна иницијатива: инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во овој мал, но живописен град во источниот дел на Македонија.
Биковиќ, кој неколкупати досега јавно истакнал дека има македонско потекло, ја искористи посетата за да оствари средби и разговори поврзани со реализација на најавениот инвестициски проект. Според неофицијални информации, актерот веќе започнал прелиминарни консултации со локални претставници и потенцијални соработници за развој на туристичката понуда во регионот.
Во своите претходни изјави, Биковиќ често зборуваше за своето македонско потекло. Тој потекнува од семејство чие оригинално презиме е Биковски, а за време на поранешна Југославија, неговиот дедо и братот на дедо му го смениле презимето – едниот станал Биковиќ, а другиот го задржал презимето Биковски. „Едниот одлучил да биде Србин, другиот Македонец“, изјави Биковиќ во интервју пред неколку години, додавајќи дека сè уште не го посетил Берово, но има силна желба да го стори тоа – што сега и се реализира.
Интересот на актерот за Македонија не е нов. Тој во повеќе наврати ја посетувал земјата, а една од неговите последни посети беше во 2023 година, кога заедно со Белградското драмско позориште ја изведоа претставата „Лагата“ на фестивалот „Охридско лето“. Биковиќ тогаш истакна дека е воодушевен од природните убавини, македонската храна и гостопримливоста.
Посетата на Берово отвора можности не само за лична поврзаност со корените, туку и за конкретен економски и туристички развој на регионот, доколку инвестицијата добие конкретна форма. Останува да се види како ќе се развива иницијативата и дали Биковиќ ќе стане дел од нов бран на странски инвеститори кои гледаат потенцијал во македонскиот туризам.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Фејсбук