Младата кантавторка ја освојува Европа: Дина Јашари ќе ја претставува Македонија на „Еуросоник Нордерслаг“
Една од највпечатливите млади авторки на современата македонска музичка сцена, Дина Јашари, во 2026 година ќе го носи македонскиот звук на едно од највлијателните европски музички случувања — шоукејс фестивалот „Еуросоник Нордерслаг“ (ESNS). Тридесет и осмото издание на фестивалот ќе се одржи од 15 до 18 јануари во Гронинген, Холандија, а Дина е официјално избрана да ја претставува нашата земја.
Овој настап не е само уште едно појавување на странска сцена, тоа е силен чекор напред во нејзината кариера и значајно признание за македонската — но и пошироката регионална — музичка приказна. ESNS е место каде младите артисти се среќаваат со влијателни луѓе од светската музичка индустрија, а шансата да се настапи таму доаѓа само за оние што навистина привлекуваат внимание со оригиналност и квалитет. За Дина, ова ќе биде можност да ја претстави својата препознатлива естетика пред интернационална публика и да го зајакне сопствениот творечки печат на европската сцена.
Фестивалот „Еуросоник Нордерслаг“ важи за платформа која ги открива следните големи музички имиња — токму таму, пред пошироката публика првпат блеснаа артисти како Дуa Липа, Џејмс Блејк, Розалија и многу други. Секоја година низ фестивалските локации поминуваат повеќе од 40.000 посетители, меѓу кои и влијателни куратори, менаџери и издавачки куќи.
Дина Јашари, која во последните години го освои регионот со препознатливите хитови, интернационални настапи и албумите „Дома“ и „Растенија без корен“, природно се наметна како една од централните фигури на новиот музички бран. Нејзиниот албум беше поздравен како искрено, интимно и современо дело кое носи свежа енергија на сцената и ја потврдува нејзината авторска специфичност.
Настапот во Гронинген ќе биде петто македонско учество на ESNS — по Кирил Џајковски, „Бернајс пропаганда“, „Фанк Шуи“ и „Луфтханза“. Овојпат, Дина е таа што ќе ја претстави нашата земја на големата европска сцена и ќе ја продолжи традицијата на македонски артисти кои оставаат впечаток пред највлијателните музички центри.
РЖМ