„Затворени фиоки, склучување договори во четири очи со привилигирани поединци, ќе завршат еднаш засекогаш“: Разговор со Сотир Лукровски

Локалните избори 2025 година во јавноста изнедрија нови лица кои досега не сме ги гледале во политички контекст. Политичките партии се чини го усвоија критичкиот наратив на електоратот, па наместо „едните исти лица“ за највисоките позиции од локалната власт предложија сосема нови профили без минато на политичката сцена.
Колку е тоа пофално останува предмет на дискусија и релативизација. Но, факт е дека „промени“ е еден од најповторуваните зборови во јавниот дискусрс изречен од граѓаните или нивните претставници.
ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори, ја креираше својата стратегија како „она што извира од народот“ или е блиску до народот. Нивните слогани во кои ја нагласуваат човечноста, етиката, доблестите на нивните кандидати станаа фокус на кампањата. Се чини дека владејачката политичка партија свесно бега од етикетите дека се елита и се претставува како партија која ги рефлектира потребите на народот, изгледот на просечниот граѓанин, неговиот јазик и интереси.
Во јавноста се создава слика дека „прво човек, а потоа градоначалник“ е важен распоред на нештата, а промените кои го отсликуваат интересот на народот - дел од кампањата на локалните избори. Сотир Лукровски е еден од кандидатите за градоначалнци кои најмногу го привлекоа јавното внимание, како лице кое досега не било дел од јавниот интерес, ниту има политичка историја. Дел од граѓаните тоа го прифатија со воодушевување, а дел со скепса.
А што вели Лукровски на тема - асоцијативното врзување на неговото име со значењето на терминот промени и како ги разбира хуманите и етичките компоненти на управување на кои инсистира партијата што го делегира во кампањата прочитајте во интервјуто на Сотир Лукровски за „Фактор“.
1. Иако сте партиски кандидат и самиот на неколку јавни настапи истакнавте дека немате голема историја во смисла на партиска припадност. Дали сметате дека тоа што досега сте биле, да речеме, непартиски вклучени, ве доближува повеќе до народот и граѓаните, бидејќи досега проблемите и решенијата сте ги гледале од аспект на обичен граѓанин, а не од аспект на политичар?
- Апсолутно, да, бидејќи јас сум човек кој потекнува од народот, кој го живее секојдневието на своето семејство и својата општина. Со години, лично ги чувствувам проблемите на граѓаните, кои секој ден се соочуваатсо сообраќајниот метеж, недостатокот на паркинг-простор, недоволната осветленост на улиците и недостигот од зелени површини кои некогаш беа гордост на Карпош. И сето тоа ме фрустрира и револтира, исто како и моите соседи, пријатели и сограѓани.
Моето и незадоволството на карпошани, го живееме, не го, восприемаме преку административните извештаи и „убаво аранжираните ПР кампањи на досегашните градоначалници”. Токму тоа искуство стекнато како обичен граѓанин, ми овозможува да ги согледам реалните потреби на поединците и да понудам решенија кои се применливи и издржани, а не само декларативни заложби со предизборен рок на траење.
Притоа морам да нагласам и дека, моето скромно политичко портфолио, успешно го компензирам со богатото професионално искуство, знаење и во менаџирање на значајни општествени процеси, кои сум ги стeкнал во реалниот сектор. Во кој за да успееш и опстоиш на врвот, треба да умееш да управуваш со тимови, да работиш под притисок, со рокови и јасно дефинирани финансиски средства, и на крај да покажеш видливи резултати. Истото планирам да го практикувам и кога ќе застанам на чело на општина Карпош.
2. „Прво човек, а потоа градоначалник“ — гласи слоганот со кој се претставувате на овие локални избори како партија. Кои се тие човечки карактеристики што секој носител на градоначалничка функција треба да ги покаже?
Пред сè да биде човек со интегритет, чесност и чувство за одговорност. Да има емпатија кон потребите на граѓаните, да знае да слуша и да умее да делува. За мене, лидерството не се мери со функцијата, туку со способноста да се биде пример во одговорноста, трудот, транспарентноста и во посветеноста кон јавниот интерес.
Да се биде човек, прв меѓу еднаквите, значи да го задржите човечкиот однос кој мора да има двонасочна димензија, па и тогаш кога ги носите најтешки одлуки. Вистинскиот лидер според мене, е човек кој служи на народот, а не личност која владее со одредени народни добра.
3. Етика и политика — во перцепцијата на јавноста досега се исклучуваа, како контратни страни. Колку е важно човекот што го гласаат граѓаните за градоначалник да биде етичен, и кои етички начела се најважни за добро владеење со градоначалничката позиција?
Личната етика при обавувањето на градоначалничката позиција, преставува основен темел на секое добро управување. Без морални принципи, ниту една функција нема вистинска вредност. За мене како човек, клучни етички начела се чесноста, одговорноста, транспарентноста и почитта кон јавниот интерес.
Граѓаните имаат право на градоначалник, кој нема да се крие зад политички фрази и флоскули, туку ќе работи исклучително отворено и отчетно. И секогаш да биде меѓу народот. Само преку етичко владеење може да се врати довербата во институциите и да се создаде амбиент во кој граѓаните повторно ќе веруваат дека локалната власт е во функција на нивните интереси и потреби, а не привилегија и бенефиции на сметка на поединци.
4. Досега не сте обавувале јавна функција. Колку е тоа предност, а колку недостаток — во смисла на идеализам и реално поставување на работите?
Веќе напоменав во првото прашање дека, тоа што до сега не сум бил дел од јавниот систем на управување, го гледам како лична предност, а не како маана и недостаток. Доаѓам од реалниот сектор, каде нема простор за идеализам.Таму резултатите се мерливи, а секоја одлука има конкретна последица.
Тоа искуство ме научи на ефикасно, рационално планирање и тимска работа. Мојот идеализам ниту е наивен, ниту е надреален. Туку напротив, истиот е поткрепен со три децениско практично менаџерско искуство, кое е евидентирано преку видливи и ефективни резултати.
Секако, секој процес има свои предизвици, но сигурен сум дека со професионален пристап, макотрпна работа и поддршка од квалитетен тим, сите проблеми се решливи.
5. „Промени сега“. Јавноста очекува промени и тоа е една од асоцијациите со кои јавноста ве врзува. Ново лице, нова надеж, промени. Имате ли идеја од каде треба да се почне со промени и кое е на вашата висока листа на приоритети?
Промените мора да започнат прво со воспоставување ред и систематичност во решавањето на проблемите кои се од приоритетно значење за граѓаните кои живеат во Карпош. Општината мора и ќе се врати на патот на вистински урбан развој и хумано живеење.
Но, еден од највисоките приоритети на мојата агенда е редефинирање на хигиената во Карпош, која во моментов за жал е во очајна состојба. Општината, мора и ќе биде чиста и уредна, како што била некогаш. Затоа ќе воведеме редовно и ефикасно чистење на контејнерите, како и систем на ноќно миење на улиците, за да обезбедиме почиста и поздравa животна средина за моите сограѓани.
Чисти улици и јавни простори се сликата на општината и основата на достоинствено живеење на карпошани. Ве уверувам, дека, со јасно утврдена динамика на одржувањена хигиенските услови во кои го минуваме нашето секојдневие, ќе успееме во тоа. Со ред, посветеност и јасен план за одржување на хигиената, секое утро ќе го започнуваме во почист, поуреден и се разбира поубав Карпош, ќе фатиме чекор со современите европски трендови.
Паралелно со тоа, се разбира, приоритет ми е и решавањето на сообраќајниот хаос преку изградба на нови паркинг места и катни гаражи со соларни панели, воведување на еднонасочни улици и подобрување на сигнализацијата. Истовремено, ќе работиме на ревитализација на зелените површини и враќање на општината во нејзиниот природен баланс.
6. Јавноста често сведочи на разочарувања кога оние што ги поставуваат стандардите, први ги прекршуваат. Со каква одговорност вие ја прифаќате задачата на потенцијален градоначалник? Треба ли да бидете пример за другите?
Апсолутно, да. Градоначалникот мора и ќе бидам пример во секој сегмент од општественото живеење, почнувајќи од отворен однос кон граѓаните, до транспарентност во носењето на одлуките и личното почитување на законите и процедурите.
Јас ја прифаќам оваа обврска да раководам со општинскиот систем, со целосна одговорност и свесност дека довербата што ќе ми ја дадат граѓаните не е политичка награда, туку работен ангажман кој бара многу работа и труд, откажување од многу удобства на личен план и сл. Само така ќе поставиме стандарди на општествена одговорност кај сите подеднакво. Од градоначалник, па до обичниот граѓанин.
7. Жените се голем дел од гласачкото тело. Дали во вашата програма предвидувате урбани решенија за мајки со мали деца, бесплатен паркинг за бремени жени, финансиска поддршка за родителите?
Секако. Во мојата програма предвидуваме серија мерки насочени кон олеснување на секојдневието на младите семејства. Затоа, ќе обезбедиме отворање на 200 нови места во градинките, со што ќе се намали притисокот и неизвесноста кај родителите за згрижување на нивните најмили, додека тие ги извршуваат своите работни обврски.
Планираме и уредени пешачки патеки, каде безбедно и удобно ќе се движат мајките со мали деца и бремените жени, како и изградба на детски игралишта со највисоки безбедносни стандарди, каде семејствата ќе можат да поминуваат пријатни часови во забава и игра. Дополнително, ќе обезбедиме и бесплатен паркинг за бремени жени во близина на јавни установи, како дел од нашата заложба за поголема грижа и разбирање кон мајчинството.
Особено внимание ќе посветиме и на поддршката на жените претприемачи. Општината ќе создаде програми и услови за нивен напредок, преку обуки, менторство и финансиска поддршка за мали и средни бизниси, предводени од жени. Верувам дека економската еднаквост започнува и се поттикнува со охрабрување и поддршка на жените кои сакаат да создаваат, да се развиваат и да придонесуваат во заедницата.
Дополнително, со цел, поттикнување на наталитетот и грижата за младите семејства, општината ќе воведе еднократна финансиска помош за секое новороденче во Карпош, како симболична, но значајна поддршка за новиот живот и иднината која ја носат со себе нашите поколенија во нашата општина.
Жените, особено мајките, се столбот на секое современо и хумано општество, и преставуваат наша должност да им обезбедиме услови за достоинствен, безбеден и исполнет живот.
8. „Урбаната мафија“, популарно кажано, е еден од најгорливите проблеми за секоја општина, а се чини дека Карпош е на врвот на листата на најзасегнати општини од градење без урбанистички планови — на сметка на граѓаните, нивната безбедност и здравје. Имате ли начин да се борите против корупцијата и урбаното безредие?
Секако дека имам и начин и волја да се борам против хаосот и корупцијата кои очигледно владеат со години во општина Карпош. Време е нашата локална заедница да се врати на граѓаните! Затворени фиоки, „склучување договори во четири очи“ со привилигирани поединци, после 19 октомври, ќе завршат еднаш засекогаш.
Ќе воведеме апсолутна транспарентност при донесувањето на деталните урбанистички планови. Граѓаните, стручната јавност и невладиниот сектор ќе имаат директна улога во креирањето на најдобрите решенија, кои ќе ја запрат неконтролираната урбанизација на општината и уништувањето на општинските добра. Затоа, ќе формираме јавно претпријатие „Карпош план“, кое легализацијата и градежните активности ќе ги стави под строга контрола, во согласност со правилата и законите.
Карпош нема и не смее да биде повеќе плен на корумпирани интереси. Урбанизацијата ќе биде во служба на јавниот интерес, а секој кој ќе се обиде да го прекрши редот, ќе одговара. Време е Карпош да стане симбол на уреденост, безбедност и достоинствен живот за сите! Така и ќе биде!
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов