Ни трага, ни патоказ до местото каде што е пронајден Адам од Македонија: Закопано археолошко богатство со години чека откопувања од државата

Адам од Македонија, познат и како Адам од Говрлево, е едно од највредните археолошки откритија на македонската неолитска култура.
Станува збор за мала керамичка фигура на машко торзо во седечка положба, пронајдена во 2000 година на археолошкото наоѓалиште Церје, кај скопското село Говрлево.
Со ископувањата раководел археологот Милош Билбија од Музејот на Град Скопје, кој овој артефакт го пронашол токму на последниот ден од теренските истражувања во октомври.
Фигурината датира од средината на VI милениум п.н.е. и претставува еден од десетте највредни археолошки наоди во светот. Поради својот уникатен изглед и реалистична уметничка изведба, Адам веднаш по пронаоѓањето беше прогласен за „милениумско откритие“.
Првично беше именуван како „Адам од Говрлево“, а потоа, заради создавање на културен бренд, беше преименуван во „Адам од Македонија“.
Фигурината претставува машко тело во седечка положба со нагласена анатомија — јасно дефинирани мускули, вовлечен стомак, видлив ‘рбет и скршен фалус. Нејзината реалистична форма сведочи за високо развиена уметничка изразност на тогашните жители на овие простори.
Иако Адам денес може да се погледне во поставката на Музејот на Град Скопје, каде е сместен затоа што археологот Билбија работел токму таму, од местото каде што е пронајден – нема ниту трага, ниту патоказ.
Кога ќе се упатите во село Говрлево, денес нема никакво обележје или видлив знак дека токму таму било едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во Македонија.
Мештаните нудат различни верзии – некои велат дека локалитетот бил во близина на гробиштата, други дека бил кај манастирот „Св. Кузман и Дамјан“. Но на ниту една од тие локации нема ништо што укажува на некогашното археолошко богатство.
Доколку ги прашате мештаните за локалитетот, често ќе ве погледнат со недоверба, бидејќи со години кружат легенди дека каде што некој копа – таму има злато. Токму оваа митологија е една од причините поради кои се избегнува поставување на трајни обележја, со цел да се заштити местото од диви ископувања. Но, тоа никако не може да биде оправдување.
Во многу европски земји со богато археолошко наследство, вакви локалитети се претвораат во едукативни паркови или музеи на отворено. Македонија има можност да го направи истото – да постави макети, информативни табли или дури да изгради објект кој ќе го реферира пронајдокот и ќе стане туристичка атракција.
Покрај Тумба Маџари, Говрлево се смета за едно од најзначајните наоѓалишта во земјата, каде се пронајдени и остатоци од бронзеното време. Иако Адам денес е безбедно чуван во музејска поставка, никој не може со сигурност да каже што сè уште се крие под земјата на ова место.
Овој контраст – светски познат археолошки симбол од една страна и целосно заборавено место на пронаоѓање од друга – ја отвора големата тема за односот на државата кон културното наследство. Говрлево не смее да остане само локација од сеќавање и преданија.
М.С.К
Прочитајте повеќе ТУКА