Скопско село во кое има лековита вода што служи за подмладување: На самиот извор е изградена една од најубавите мали цркви

Добивај вести на Viber

Во срцето на скопското село Говрлево, на само неколку километри од главниот град, се наоѓа малечка, но многу значајна црква посветена на светите бесребреници Кузман и Дамјан. 

Иако изградена во 1936 година, оваа црквичка крие зад себе многу постари преданија и легенди што со децении ја привлекуваат љубопитноста на верниците и посетителите.

Во самата црква извира извор со лековита вода, кој според народното верување помага при различни болести. Се раскажува дека на местото каде што денес стои црквата, еден човек имал сон – дека токму таму, каде што извирала водата, треба да се изгради божји дом. Според сонот, водата ќе биде благослов за луѓето, а црквата ќе стане светилиште за сите што бараат исцеление и надеж.

Фото: РЖМ

Легендите, пак, ја враќаат приказната уште подалеку во минатото. Една од нив вели дека уште во 6 век византискиот император Јустинијан Први токму тука го нашол лекот за својата болест. Оттогаш, водата од изворот се смета за божји дар, кој им помага на сите што со вера и надеж доаѓаат во ова свето место.

На само неколку метри од црквата се наоѓа уште една чешма, меѓу локалното население позната како „вода за подмладување“. Луѓето веруваат дека токму благодарение на оваа вода, жителите на Говрлево во минатото живееле долго и најчесто умирале од старост, а не од тешки болести.

Денес, црквата Свети Кузман и Дамјан претставува вистинска атракција за љубителите на културното наследство, за верниците и за сите кои бараат духовен мир. Секоја година, особено на денот на светците, голем број луѓе доаѓаат да запалат свеќа, да се помолат и да наполнат сад со лековитата вода.

Иако мала по големина, оваа црква носи голема духовна сила и претставува редок пример на спој меѓу верата, природата и народните преданија. За многумина, Говрлево не е само село, туку место на надеж, исцеление и долговечност.


М.С.К