Родителите на загинатите во „Пулс“ повикуваат на мирен протест во Скопје: „Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка“
Родителите на младите кои го загубија животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно ја креваат својата борба за правда. Тие ги повикуваат сите граѓани на Македонија да им се придружат на мирен протест во Скопје, во сабота, на 15 ноември, со почеток 20 часот и 16 минути, кој ќе започне од Плоштад Македонија и ќе продолжи кон Основното јавно обвинителство.
Организатор на протестот е Здружението на граѓани „16 март, 2015“, кое веќе неколку години се залага за целосно расветлување на настаните и за утврдување на одговорноста за трагедијата што им ги одзеде децата.
„Маршираме од Плоштад Македонија преку Собранието кон Основниот кривичен суд. Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка“ порачуваат родителите во своето обраќање до јавноста.
Тие потсетуваат дека нивната борба за правда трае повеќе од 6 месеци, но институциите сè уште немаат дадено конкретни одговори.
„Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тој топол априлски ден чекоревме сами, додека градот молчеше. Баравме институциите да нè видат и да нè сослушаат, а добивме само празни ветувања и лажна емпатија,**“ велат родителите, додавајќи дека иако во меѓувреме триесет пати марширале во Кочани, тоа не било доволно за да се чуе нивниот глас.
Затоа сега повикуваат на масовен граѓански собир во главниот град:
„Драги сограѓани, ве повикуваме во сабота масовно да излеземе на скопските улици. Да се погледнеме. Да се запознаеме. Да не чуете одблизу. Без посредници, без извртувања, без лаги и манипулации. Ние сме родителите на ангелите, и за нас единствено што остана е борбата за правда — а неа не можеме да ја водиме без вашата поддршка.“
Од здружението нагласуваат дека се подготвени на долг и тежок пат, но веруваат дека со единство може да се изврши притисок врз системот и конечно да се добие правдата што ја заслужуваат.
„Свесни сме дека патот до правда ќе биде исполнет со отпор и искривени намери. Но ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот.“
Родителите завршуваат со порака полна со надеж и решителност:
„Веруваме дека Македонија има совест. Дека знаеме да се сплотиме кога најмногу боли. И дека сме подготвени, заедно, да се исправиме против најголемото зло — корупцијата што им го одзеде животот на нашите деца. Се гледаме на маршот!“
РЖМ