Што сонуваш како утеха и среќа?
Често сонувам, скоро секоја ноќ. Некогаш тешко
заспивам (дали е од климаксот или потсвесно си имам некоја мака, не знам), но и
тие половина час или час-два-три кога спијам, сонувам. Нема ништо поубаво и
пострашно (барем за мене) од сонувањето. Можеби затоа што соновите ми се толку
многу реални што не знам да ги разграничам од јавето, можеби затоа што
наоѓањето утеха во нив ми е како потсвесна желба за спокој кој не баш секогаш
го имам. Верувам дека секој сон си има значење, но не сум суеверна за да
толкувам дека нешто лошо ќе се случи. Уште од мала, кога ќе имав некој кошмар,
баба ми ми велеше “ајде, ајде, ти бил газот отскриен”. Верувам дека соништата имаат симболика, знаци,
патокази, некогаш се дури и соочување на свесното со потсвесното. Ми се има
случено да станам како поболена сабајлечки или лесна како пердув, со песна во
градите. Ми се има случено после интензивен сон да ми се наместат сите коцки за
проблем кој долго ме мачел и сум мислела дека немам ама баш никакво решение.
Како стареам, ги сонувам сите кои нешто ми значеле во животот а сега ги нема. Ги сонувам баба ми и дедо ми од Битола, во куќата која одамна е срушена и на чие место сега има зграда...впрочем како многу модерни згради кои се изградија насекаде, за сметка на старите куќи кои дишеа во еден друг ритам, во едно друго време. И сè е токму онака како што памтам од детството. Како да имам замрзната слика во глава која не бледее, која не се поткинува како стара фотографија. Го паметам секој детал, мирис, вкус. Звукот на железната порта додека влегував во дворот, испарувањето на “чиментото” откако ќе се навадеше градината, високите трендафили и мирисот на бор, од чии иглички правев ѓердани и алки кои пожолтуваа за ден-два. Во очите на децата магијата е насекаде, отпосле ја губиме полни со себе и со (дури и срамна, дегутантна) гордост дека растеме, дека знаеме отповеќе, додека ни умира она што единствено може да се нарече среќа. Најмногу ја сакав визбата, чиј распоред беше како горниот дел од собите. Големиот железен кревет со расфрлани перници, наредени дрва за да се истурка зимата, застаклените ормари со старите, порабени со чипка фустани од прабаба ми Антигони и белата лулка (со напукнат лак) чиј душек го имаше задржано обликот на моето тело кога бев бебе, а која по смртта на баба ми и дедо ми беше фрлена на некоја депонија, заедно со многуте мои спомени.
Ги сонувам најчесто сам по сам, не двајцата истовремено. Не знам дали е тоа некое непишано правило да е така, или потсвеста ми вели дека вака ќе ми траат подолго сите сеќавања, дека вака ќе можам на раат со секој од нив да се видам. Никојпат не ми зборуваат, ниту ме допираат. Само се гледаме, дофрламе по некоја насмевка во која има јаз меѓу животот и смртта. И сè е бескрајно чисто, бело, убаво. Исти се како тогаш, како кога бев дете, иста е куќата, исто ми мириса газиената ламба и стариот капут од дедо ми, во кој го нурнував лицето за да врескам а никој да не ме слуша кога почина...тивко, каков што беше и тој. Како минуваат годините, знам дека болките немаат рок на траење, немаат испарувања кои ја намалуваат нивната жестокост и сила. Само се потиснуваат во безбедни делови од умот, таму каде што најмалку патуваме и си го чекаат редот за да удрат повторно со сета сила. Ги чекаат соништата во кои ќе ги привикаме, во кои (сигурна сум) дека има зошто ни треба да ги проживееме или преживееме, барем уште еднаш.
Некогаш ја сонувам баба ми, но овојпат мајката на татко ми. Седната на ниската фотеља со дрвени рачки, со весникот в раце, очилата ниско спуштени на носот и раката завитката во завој. Рак на кожа, така рекоа. Не сакаше да ја ампутира, само рече дека ќе замине онака како што дошла на светот, со две раце и две нозе. Така и беше. И нејзиниот мирис стои во бараката во Тафталиџе, помеѓу две книги во собата каде што спиеше, а во крцкавиот звук на паркетот има нота од нејзината смеа. Нејзе ја сонувам понаретко, иако личам на неа повеќе отколку на другата баба. Во сонот, бршленот во дворот уште е тука, мислите ми се заплеткуваат во него додека седам, скоро и без да се помрднам од фотељата на баба ми. Не знам каде почнува, а уште помалку знам каде завршува зеленилото во кое ги барам сите одговори на прашањата кои ме измачуваат, а во последно време веќе не сум сигурна и дали сакам да знам било што. Погледот ми застанува на исеченото стебло на црешата која се оболе. И дрвата оболуваат и боледуваат како нас, но нив ги кастриме. За себе бараме чаре дури и тогаш кога знаеме дека не постои.
Во соништата некогаш имам тага која трае сè подолго а која доаѓа сè поначесто, иако знам дека ниеден сон не трае со часови. Можеби е само носталгија, тажење по себе во едно друго време. Има сон кој го сакам повеќе од сè на светов, во кој се раѓам, умирам, се раѓам, се ослободувам, се раѓам, ме нема, се раѓам, станувам бесмртна.
Небото е оловно сиво, со тешки облаци. Како да се тазе испрани алишта кои се неисцедени и тежат в раце. И во сето тоа сивило има една толку неверојатна бистрина и јасност на боите, што е дури и нестварно. Сивото небо не е само сиво, ами и со нијанса на сребро. Дува ветар кој ја крши тишината на ситни делови и кои ми ѕунат во ушите, заедно со шумолењето на тревата која ми е до половината. Ја знам оваа земја, го знам овој народ иако никогаш не сум стапнала овде. Сè ми е познато, сè е толку многу мое како да е пресликан дел од она што сум го носела во душата, векови и векови наназад. Зад мене има куќа од камен, ниска и заградена со дрвена ограда. Во неа се мешаат мирисите на минатото и сегашноста, без никакво наговестување на оној од иднината. Знам дека е тоа мојот дом, го познавам патот оттаму до ивицата на карпата на која стојам, ама не го знам патот за назад. Нема логика во ниту еден сон, колку и да е сè кристално јасно, нели? На себе имам бел и долг фустан, од селско платно, едноставен и лесен. Косата ми е како сега, долга и пуштена, развиорена на ветрот, немирна, скоро како да е жива сама по себе. Боса сум, во сите мои соништа сум боса. Ја чувствувам земјата под нозе, секоја нерамнина, секое камче, мравките меѓу прстите. Пред мене е чист простор, долу амбис, а напред синило на вода и небо кои стануваат едно. Тоа е таа слика на небото и водата која ме асоцира на бесконечна, вечна љубов во која не се знае каде едниот почнува, а каде другиот завршува. Гледам удолу, гледам како брановите удираат во карпата на која стојам. Ништо не ме плаши, ништо. Ниту висината, ниту желбата да одам удолу, ниту што ќе оставам зад себе, по себе. Го чувствувам ветрот како ми буричка во коса, како ми се пика под фустанот под кој не носам ништо. Знам што треба да сторам, секогаш во сите соништа знам точно што треба да сторам. Полека се поднаведнувам, ги ширам рацете и се пуштам. Ветрот ми свири во ушите, воздухот ми го пресекува дишењето. Паѓам брзо, паѓам полека, паѓам долго, паѓам за секунда, паѓам на сите можни начини, кршејќи го времето до негово непостоење. Во моментот кога ја сечам водата и тонам во неа, повторно се вивнувам угоре и летам, за пак да застанам на карпа, со камена куќа зад себе и необјасниво чувство на слобода пред себе.
Многу сакам да сонувам, многу. Дури ги сакам и оние сонови во кои знам дека љубам, знам дека сум љубена, знам декатаа припадност е единствената реалност во тој миг...а потоа ме дочекува онаа другата, не баш толку убава реалност. И ако можам да бирам, сакам да си заминам во сон за да однесам со себе спокој каков што наоѓам кога спијам.
Обидете се да се сетите што сте сонувале, особено да посветите внимание ако ви се повторуваат некои соништа. Мозокот е чудесна, прекрасна и чудесна работа. Си наоѓа свој начин за да ви каже нешто, застанете и слушнете го. Ќе се изненадите од тоа колку решенија за големи проблеми ќе ви излезат пред очи.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ќе станеш утрото
Како секогаш, уморна од соништа
Оние кои мачни и долги се
Иако си спиела едвај еден час
Полека ќе се измолкнеш од креветот
Обидувајќи се да не ја гледаш
Празната страна која е секогаш студена
Се исправаш кроце, многу кроце
Како да ти натежнал светот на рамена
Како да ти седнал ѓаолот на тилот
Повторувајќи си во умот
Оти и овој ден ќе мине
Ете, некако и нему крајот ќе му дојде
Клаваш на себе боја
Од карминот со прстот зафаќаш
За да ги нарумениш образите
И со прсти косата ја зачешлуваш
Местејќи го патецот по сеќавање
Оти си го избегнуваш погледот во огледалото
Ја оставаш зад себе вчерашнината
И сиот хаос во куќата
Која одамна не ја чувствуваш како дом
Си мрмориш
Повторно си мрмориш
Дека добро е
Дека добро ќе биде
Та на 1, 2, 3 ја отвораш ширум вратата
И го загризуваш денот
Како друг да не ќе осамне
Монтирана ти е насмевката
Румена си во образите
И со очи светнати, демек од смеа
Љубезна си
Разговорлива
И на сите им велиш дека добра си
Уште пред да те прашаат
Уште пред да изустат
Го џвакаш денот полека
Ја плукаш горчината од стравот
Оти повторно сама ќе легнеш
На страната која нема твој мирис
И во која неговиот се впил
Одмавнуваш со рака, налет мислите
Ја креваш главата угоре
Небото има боја на море
Иако мириса на снег
Се потсмевнуваш кришум
И знаеш дека добро си
И дека добро ќе бидеш
До мигот кога на огледалото во автомобилот
Не си го фатиш погледот
И очите во кои читаш
Кого лажеш
Кого лажеш...