Малку знаеме за неа, но оваа Македонка држи лекција по коорпоративно лидерство во Брисел: Марија Кумбароска Ванбесин ја внесува Македонија на врвот на светската бизнис листа

Добивај вести на Viber

Во време кога светот бара нови модели на лидерство и корпоративна одговорност, една Македонка успешно ја претвора својата визија во реалност – и тоа на меѓународно ниво.

  Марија Кумбароска Ванбесин, сениор директорка за извршно пребарување и советување за одбори во глобалната консултантска куќа Korn Ferry, е доказ дека професионалноста, етиката и знаењето не познаваат граници.

Со повеќе од петнаесет години искуство во Брисел, Луксембург и Амстердам, Марија денес соработува со врвни извршни директори, инвеститори и управни одбори ширум светот, но останува цврсто поврзана со своите македонски корени. Низ платформата Board Ready, што неодамна ја основа, таа внесува нова енергија во корпоративниот свет на Балканот, помагајќи им на компаниите да градат поефикасни и инклузивни одбори, усогласени со европските и глобалните стандарди.

Нејзината приказна е инспирација за сите што веруваат дека македонското знаење и талент можат да стојат рамноправно со светските имиња во бизнисот. Ова е разговор со жена која не само што ја менува корпоративната култура во регионот – туку создава стандарди што ја ставаат Македонија на мапата на современото лидерство.

1. Кога првпат почувствувавте дека имате сила и знаење да креирате нешто што ќе влијае на корпоративната сцена? 

-Искрено, чувството дека можам да придонесам и направам промена на корпоративната сцена не се појави одеднаш. Тоа беше долг процес кој се градел со години, секој нов проект, секоја успешна трансформација на компанија и секој предизвик што го сработив ми носеше дополнителна самодоверба и верба во сопствените способности. Работејќи во водечки глобални консултантски компании, секојдневно се соочував со комплексни ситуации и лидери кои бараа вистински, применливи решенија. 

Преку соработката со Стопанската комора на Македонија, како и преку директна работа со компании од различни индустрии, сфатив дека знаењето и искуството што го поседувам може да биде катализатор за промени не само во една организација туку и на пошироко ниво. 

Токму таа свест и желбата да создадам нешто со пошироко влијание ме мотивираа неодамна да ја основаме платформата Board Ready (boardreadynow.com). Идејата произлезе од реалната потреба да им се помогне на управните и надзорните одбори подобро да го искористат човечкиот потенцијал и да изградат одржливи стратегии за раст и трансформација.

За мене, Board Ready е резултат на години искуство, меѓународна изложеност, експертиза и страст кон лидерството. Сакав да создадам нешто што ќе биде мост меѓу најдобрите глобални практики и реалноста во која функционираат компаниите кај нас во Македонија и пошироко во регионот. Со други зборови, да се овозможи пристап до алатки и процеси кои се докажани на светско ниво, но се адаптирани на специфичностите на домашниот контекст и локалните предизвици.

Повеќегодишниот ангажман во Korn Ferry во Бриселкојa e водечка глобална консултантска компанија со седиште во Лос Анџелес, САД, со над 10.000 вработени и годишен обрт од 3,5 милијарди долари, уште повеќе ме мотивира да се решам да го создадам Board Ready. Korn Ferry е единствена по тоа што нуди целосни решенија за лидерство, организациски развој и човечки капитал, базирани на наука, податоци и децениско искуство. 

Во оваа средина имaм можност да работам со врвни експерти и да бидам дел од глобални проекти кои бараа иновативност, ригорозен пристап и највисоко ниво на професионалност.Токму сега, кога светот е во постојана трансформација, кога предизвиците се глобални, а одлуките мора да бидат брзи и прецизни, верувам дека мојата улога е да создадам платформа што ќе ги поддржи лидерите да го искористат човечкиот капитал на најдобар можен начин. Не се работи само за експертиза, туку и за страст, упорност, оптимизам и желба да се остави траен белег, да се создаде средина каде што луѓето се мотивирани, поддржани и инспирирани да го дадат најдоброто од себе.

2. Што ве инспирираше токму да се насочите кон советување за управни одбори — сектор кој често се смета за „машки свет“?

-Мојата инспирација отсекогаш доаѓала од луѓето, од нивните животни приказни, од потенцијалот што го носат во себе и од силата што човечкиот капитал ја има во успехот на секоја организација. Иако формално сум магистер по бизнис економија од реномираниот Католички универзитет во Лувен, Белгија, уште од студентските денови ме привлекуваше суштината на човечките ресурси и нивната улога во корпоративниот успех. 

Како најдобар студент во генерацијата, имав можност да ја започнам кариерата во Европскиот парламент, но одлучив да го следам срцето и да се насочам кон советување за лидерство и executive search.Сметам дека е голема заблуда да се мисли дека советувањето на управни одбори е резервирано само за мажи. Жените носат уникатна комбинација на емпатија, одлучност и интегритет, квалитети што се клучни за долгорочен успех. 

Во мојата кариера, највлијателните и најуспешни советници што ги сретнав беа токму жени. Во првата фирма каде што работев речиси 10 години, бевме три жени партнери, а и во сите следни компании, жените беа двигатели на промените. Верувам дека женската перспектива не само што ја збогатува динамиката на одборите, туку носи и поголема одговорност, грижа и визија за иднината.

3. Како изгледаа почетоците — кои беа најтешките, а кои највозбудливите моменти?

-Почетоците секогаш носат неизвесност и предизвици, особено кога ќе одлучиш да се запишеш на факултет во странство и да се преселиш во нова држава, далеку од семејството и сè што ти е познато. Моето прво искуство во Холандија, како студент на IBMS (International Business and Management Studies) на приватниот факултет Fontys, беше вистински тест за мојата издржливост и способност за адаптација. Секојдневието бараше повеќе енергија, повеќе љубопитност и постојана отвореност кон нови култури и начини на размислување. 

Најголем предизвик беше да се собере храброст да се зачекори во непознатото, да се прифати различното и да се научи како да се балансираат вредностите и да се извлече најдоброто од двата света – западниот и домашниот.Во текот на мојата кариера се соочив со две големи кризи, финансиската криза во 2009 и ковид-кризата во 2020 година. Двете беа пресвртници, но и важни лекции за отпорност, креативност и лидерство под притисок. 

Највозбудливите моменти беа токму тие кога, по големите предизвици, се појавуваа нови можности како поканата да се приклучам на победничкиот тим на Korn Ferry во Белгија, каде што мојата експертиза беше препознаена и ценета. Тие моменти на признание и успех се најголемата мотивација да продолжиш напред, да се развиваш и да инспирираш други.

4. Како вашето искуство во странство ве обликуваше како лидер и претприемачка жена?

- Дваесет години живот и работа во странство ме научија на дисциплина, јасна цел, одлучност, оптимизам и фокус. Домашното воспитување ми помогна да останам автентична, со висок морал и етика, но и да бидам приземјена и сигурна во себе. Моето семејство, кое ми е незаменлива поддршка, ме научи да се стремам кон успех, да имам силна работна етика и да бидам самоуверена личност. 

Имав среќно и безгрижно детство, што ми даде стабилна основа за живот исполнет со радост и верба во себе.За мене, претприемништвото не е само професионален избор, туку начин на живот, постојано барање нови можности, неприфаќање на откажување, креативност, преземање одговорност и грижа за луѓето околу мене. Лидерството го гледам како способност да се води со пример, да се слуша и разбира, да се гради доверба и да се инспирира тимот да го даде својот максимум. 

Жената лидер е таа што знае да балансира помеѓу стратегијата и извршувањето, да биде емпатична, но и одлучна, и да создава средина каде што секој се чувствува вреден и мотивиран.

5. Колку е важно жените да бидат присутни во управни структури и како тоа ја менува динамиката во компаниите?

-Присуството на жени во управните структури е клучно за балансирана, иновативна и одржлива корпоративна култура. Жените носат нова перспектива, емпатија и мудрост, што ја збогатува динамиката и води до подобри, поинклузивни одлуки. Иако во Европа и светот се бележи раст на женското лидерство, јазот сè уште постои, особено на Балканот, каде што социолошките и културните бариери се уште се силни.

Сметам дека жените не треба да бидат конкуренција на мажите, туку нивни партнери и заедно создаваат непобедлива комбинација за секоја компанија. Женската перспектива носи поголема грижа за луѓето, појасна визија и способност да се препознаат и решат комплексни проблеми. Тоа е моќ што треба да се негува и поддржува.

6. Што би им порачале на младите жени кои се плашат да навлезат во високи позиции и одговорности?

-На младите жени би им порачала да не се плашат од предизвиците, секој успех започнува со мал чекор и голема самодоверба. Важно е да се избере вистинскиот момент, кога ќе се почувствуваат доволно силни и поддржани од околината. Не мора да бидете совршени во сите улоги истовремено, балансирајте ги амбициите со внатрешниот мир и не жртвувајте ја женственоста. 

Научете да делегирате, да барате поддршка и да се грижите за себе. Само така ќе бидете успешни и среќни, и ќе дадете најдобро од себе за компанијата и општеството.

Денес жените се под голем притисок да бидат сè:  мајки, сопруги, професионалци, пријателки, но вистинскиот успех е во тоа да се најде балансот и да се приоритизира она што е најважно во даден момент. Успешна жена е таа што знае кога да даде сè од себе, а кога да се повлече и да се грижи за сопственото здравје, среќа и семејство.

7. Како се балансира личниот живот со водење на ваков тип на бизнис и постојан ангажман со лидери?

-Балансот меѓу личниот и професионалниот живот е мојата дефиниција за успех. Научив дека не мора да се биде „супер жена“ во секој момент, делегирам задачи кои не се приоритет, се фокусирам на она што е најважно и секогаш наоѓам време за себе и за најблиските. 

Мојот сопруг е мојата најголема поддршка, тој ја разбира мојата амбиција и посветеност, но знае и да ме опушти и да ми даде чувство на сигурност и љубов дома. Тој е одговорен за сите убави, мали и големи работи што го прават животот интересен и вреден за живеење.

Кругот на луѓе околу мене е мал, но исклучително значаен – тоа се луѓе од кои црпам енергија, знаење и конструктивен фидбек. Тие ме потсетуваат на моите вредности и ми помагаат да останам приземјена, без разлика на успехот или предизвиците што ги носи работата. 

Балансот, исто така, значи душевен мир и самоспознавање, кои се одразуваат во држењето, изгледот и енергијата што ја зрачиме. 

Токму овие квалитети придонесуваат за создавање личен печат и кредибилитет во консултантскиот свет, бидејќи клиентите препознаваат и вреднуваат автентичност, стабилност и интегритет.

8. Што ви носи најголемо задоволство кога гледате резултати од работата на Board Ready

-Најголемо задоволство ми носи моментот кога ќе видам дека клиентите се навистина задоволни, одборите работат поефективно, а новите членови носат вистински промени. Кога сведочам дека и кај нас дома, можеме да работиме по европски и светски стандарди и сме направиле чекор напред, оставајќи ги зад нас оние стереотипи од нашето секојдневие кои ги слушаме најчесто од луѓето околу нас. 

Кога мојата работа придонесува за подобрување на корпоративната култура, за зголемена ефективност и динамика, и кога компаниите и економијата напредуваат, тоа е мојата најголема награда.

Особено ме радува кога нов член на менаџментот или одборот останува на позицијата и носи позитивни промени. Тоа е доказ дека сме направиле вистински избор и дека сме помогнале во создавањето на поуспешна и поодржлива организација.

9. Кое е вашето лично мото или вредност што ве води низ секој бизнис предизвик?

-Моето мото е: „Секогаш верувај во себе, не се откажувај, но биди мудар во изборите.“ Верувам во автентичноста, оптимизмот, континуираното учење и стремежот кон подобро. Секој ден е нова можност да се биде подобра верзија од себе, да се работи на себе и да се учи од секој предизвик.

Не прифаќам совети од луѓе кои не го поминале мојот пат и верувам во искуството, во вредностите, во доблесноста. Да се биде добар човек е најголемата доблест, а успехот доаѓа како резултат на труд, посветеност и интегритет.

10. Ако се вратите на почетокот — што би си порачале себеси како жена која штотуку ја започнува оваа мисија?

-Би си порачала да не се плашам од ризик, да не чекам совршен момент, бидејќи таков не постои. Да бидам силна, одлучна и да имам самодоверба да го направам првиот чекор. Сè што следува е помалку страшно отколку што изгледа од далеку. Секој неуспех е само лекција, а секој успех е поттик за нови предизвици. Да останам верна на себе, да ги следам своите вредности и да не заборавам дека животот е патување, а не дестинација.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов