„На маж, посебно на Македонец, не му е прифатливо дека жена може сама да заработува“: Ана Стојанова со апел по навредите на интернет
Откако македонската фитнес тренерка Ана Стојанова објави видео дека се преселила на еден месец во Дубаи, социјалните мрежи буквално „се запалија“. Наместо поддршка и убави желби, објавата предизвика бран навредливи и сексистички коментари упатени од корисници и од машка и од женска популација.
Под видеото се појавија пораки како:
„Кажи им што работиш. Но правата онаа, баш правата легитимна работа“,
„За колку пари“,
„Прво Украинки, па Србинки, сега и Македонки... да не им е досадно на Арапите... не е сапун да се потроши“,
„Се прашувам како тоа одат само згодни девојки, пејачки, модели... Што ли работите таму, иако е јавна тајна, сите знаеме“,
„Сега ќе те наполнат со пистачо крем“ — коментари кои предизвикаа бурна реакција во јавноста.
По лавината негативни реакции, Ана реши да одговори — прво со објава, а потоа и со видео во кое искрено и јавно проговори за интернет насилството и осудата со која се соочуваат жените.
Во својата прва реакција таа напиша:
„Прости им Боже не знаат што прават. Од мене само љубов и разбирање и засекогаш од страната на ЖЕНИТЕ. Ич да не ви е гајле која што прави, што работи и со кого е!“.
Стојанова со видео пораката, упати силен апел за поддршка и разбирање:
„Сторињата за денес беа повеќе жални, отколку што беа смешни, ама таа е вистината за нас жените. На маж, посебно на Македонец, не му е никако прифатливо дека една жена може сама да заработува во денешно време и може да си се однесе каде сака. Обавезно мора да стои некој спонзор зад неа, за таа да патува. Тие што ме следат, тие што ме познаваат, знаат дека јас често патувам и знаат со кого сум тука. А и не е ни битно можам да дојдам и сама. Намерно, намерно не го снимав. Има девојки коишто доаѓаат сами, не се во врска, не се во брак. Дали и тие ви должат објаснување?
Јас можев лесно да покажам со кој сум и да се оправдам, ама не е тоа поентата. Прекинете, ама стварно прекинете да ги осудувате девојчињата. Живееме во дигитално време и само во Македонија е уште чудно дека може да работиш од било каде во светот. Поздрав!“.
Со оваа порака, Ана не само што ја брани својата приватност, туку и јавно проговори за феноменот што сè почесто ги погодува жените на социјалните мрежи — онлајн насилството и сексистичките напади.
Во време кога секоја објава може да стане причина за омраза, осуда или понижување, случајот на Ана Стојанова е потсетник дека жените во денешно време сè почесто стануваат жртви на интернет насилство, феномен кој бара јавна свест, одговорност и промена во однесувањето на општеството.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм