„Линдита побегна од дома на Велигден“: Љубовната приказна на новиот градоначалник на Кичево и неговата сопруга Албанка
Д-р Александар Јовановски од редовите на политичката партија ВМРО- ДПМНЕ, е новиот избран градоначалник на општина Кичево, кој во наредните 4 години ќе го води градот.
Јовановски во интервју за Женски магазин во 2021 година зборуваше за неговиот живот, семејството, професијата и сопругата Линдита.
Во јавноста привлече внимание поддршката која ја доби Јовановски од сопругата која инаку по националност е Албанка, а тие двајца се доказ дека љубовта не познавата ниту националност, раса и вера.
Линдита Лимани Јовановска е магистер и професорка по англиски јазик во О.С.У. „Дрита“. Заедно ги одгледуваат трите деца – Јана, Живко и Дафина.
Медицина – семејна традиција и животен повик
Љубовта кон медицината Јовановски ја наследил од своите родители. Мајка му била специјалист трансфузиолог и основач на Службата за трансфузиологија во Кичево, а татко му специјалист педијатар.
„Од мали нозе бев опкружен со бели мантили. Иако имав интерес и за општествени науки, особено историја, сепак медицината беше мојот природен избор,“ раскажува тој.
Како млад, Јовановски бил присутен на сите спортски терени во Кичево, а голема страст му била и музиката.
„Мечтаев да имам свој рок-бенд. Со брат ми свиревме – тој гитарист и композитор, јас пејач. Имавме еден настап на гитаријада во Кичево, иако авантурата траеше кратко.“
За него младоста била мешавина од лудост и одговорност: „Кога требаше да се лудува – лудував, но кога требаше да се биде одличен – бев одличен.“
![]()
Љубов што руши предрасуди
Љубовната приказна со неговата сопруга Линдита започнала во О.С.У. „Мирко Милески“, каде Александар предавал медицински предмети, а таа англиски јазик.
„Кога ја видов првпат, ми личеше на пеперутка. Лесно и грациозно се движеше. Беше љубов на прв поглед,“ се присетува тој.
Иако во почетокот се соочиле со предрасуди поради различната етничка припадност – тој Македонец, таа Албанка – нивната љубов ги победила сите пречки.
„Имаше отпор, но моето семејство ме поддржа. Упорноста ми е најсилната страна – верував дека љубовта ќе победи. Така и беше,“ раскажува Александар.
Одлуката на Линдита да побегне од дома на Велигден го означила почетокот на нивниот заеднички живот. Со раѓањето на првото дете, односите со нејзиното семејство се нормализирале – денес живеат во склад и почит.
„Нашето семејство е како „Македонија во мало“ – имаме различни вери и култури, но заедно ги славиме сите празници. Љубовта и почитта се најважни“.
Целото интервју може да го прочитате тука:
*Забрането преземање авторска содржина од Женски магазин