Близнаци со оштетен вид од Валандово градат мостови во општеството: Приказната за Даниел и Давид ќе ви ги стопли срцата (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Даниел и Давид, 21-годишни браќа близнаци од Пирава, Валандово, имаат посебен однос со светот – и тоа не само преку музиката која ја создаваат, туку и преку нивната желба за помош и поддршка на другите. Тие се двајца млади луѓе со оштетен вид, кои и покрај животните предизвици, успешно ги комбинираат своите професионални амбиции со огромната љубов кон музиката.

Даниел свири на пијано и хармоника, додека Давид ја носи ритмиката со својата тартабука, инструмент кој им дава уникатен звук и енергична динамика на секоја изведба. Заедно започнале редовно да посетуваат часови по музика во Домот на култура во Валандово, каде што веќе двапати неделно го негуваат своето музичко знаење и талент.


Покрај страста за музиката, Даниел и Давид се посветени на остварување на својата самостојност. Тие со голема поддршка се обидуваат да се интегрираат во својата заедница, но и да понудат нешто повеќе. Нивниот живот не се сведува само на професионалните амбиции, туку и на љубовта и радоста која ја носат од нивното мало внуче, дете на нивната сестра. Тоа е нивниот најголем извор на среќа и мотивација.

Нивната посветеност и желба за развој на личните вештини ги отворија и нови врати. Со помош на здружението „Ичекор“ од Валандово, браќата беа дел од Еразмус проект, каде што заминаа на обука во Унгарија. 

Наскоро тие ќе започнат да волонтираат во Здравстевниот дом Валандово како физиотерапевти, а во меѓувреме ќе бидат дел и од културните активности на КУД „Гоце Делчев“ Валандово.

Даниел и Давид не се само пример за храброст и труд, туку и за љубовта која ја носат не само во музиката, туку и во секојдневниот живот. На крајот, нивната приказна е доказ дека кога талентот и хуманоста се комбинираат, можно е да се постигне се што е зацртано, без оглед на сите пречки и потешкотии.

Извор: Радио Валандово
Фото: Принтскрин/ Видео