„Кога партнерот ја користи љубовта како средство за контрола, тоа е сериозен сигнал за дисфункционална врска“: Разговор со психолог Ѓурѓица Нечева

Добивај вести на Viber

Во современите емотивни врски, љубомората и посесивноста често се сметаат за „нормални“ изрази на грижа или љубов. Но, кога овие чувства преминуваат во контрола, закани и ограничување на слободата, тие можат да станат почетен сигнал за психолошко, па дури и физичко насилство. Статистиките покажуваат дека голем дел од жените кои стануваат жртви на насилство во партнерски врски, тоа го доживуваат токму од љубоморни и посесивни партнери, а понекогаш трагично завршува со сериозни повреди или смрт.

На оваа тема, разговараме со Ѓурѓица Нечева, лиценциран психолог-консултант, која ќе ни помогне да ги препознаеме предупредувачките знаци на љубоморни и посесивни партнери, да разликуваме кога треба да се вклучи „црвениот аларм“ во врската и кога е вистинското време да се побара професионална помош. Ѓурѓица ќе ни објасни и дали ваквите врски можат да се променат и како да се заштитиме од потенцијални ризици пред тие да ескалираат.

ЖМ: Што точно значи кога велиме дека некој е „посесивен“ или „љубоморен“ во врска? Дали има разлика помеѓу овие два поими?

-Љубомората и посесивноста често се користат како синоними во секојдневниот говор, но од психолошка перспектива, тие имаат различно значење и импликации.

Љубомората е емоција која се јавува кога човек чувствува закана дека ќе изгуби нешто што го смета за важно – обично партнерот, врската или вниманието од блиска личност. Таа може да вклучува комбинација од емоции како страв, несигурност, гнев или тага. Во умерена форма, љубомората може да биде нормална и дури и очекувана реакција во одредени ситуации.

Посесивноста, од друга страна, е однесување кое произлегува од идејата дека партнерот „припаѓа“ на личноста, и дека тој треба да биде под нејзина контрола. Посесивните луѓе не само што чувствуваат љубомора, туку често реагираат со ограничување на слободата на партнерот, прекумерна контрола, обвинувања или манипулација. Тоа не е само емоција, туку начин на однесување и поврзување што може да биде деструктивен.

Значи, љубомората може да биде минлив емоционален одговор, додека посесивноста вклучува постојан модел на контрола, несигурност и потреба за доминација врз партнерот.

ЖМ: Дали љубомората е нормална емоција во врските? Каде е границата помеѓу „здравата“ и„токсичната“ љубомора?

-Љубомората, како и секоја друга емоција, е природна и дел од човечкото искуство. Таа се јавува кога чувствуваме загрозеност на нашата поврзаност или страв од губење на партнерот. Во здрава врска, повремено чувство на љубомора може да укаже на тоа дека некој ни е важен, и може дури да поттикне комуникација и зајакнување на довербата.

Меѓутоа, проблемот настанува кога љубомората станува хронична, непропорционална и води до деструктивно однесување, како што се следење, контрола, обвинување без причина, ограничување на комуникација со други луѓе или инсистирање на целосна транспарентност без почит кон приватноста.

Границата меѓу „здрава“ и „токсична“ љубомора е во тоа како личноста се справува со неа. Дали се изразува преку отворен разговор и разбирање, или преку критика, напади и ограничување? Дали личноста ја користи љубомората како поттик за само рефлексија, или како изговор за контрола на партнерот?

Научните истражувања укажуваат дека токсичната љубомора е често поврзана со несигурен стил на приврзаност, ниска самодоверба и нерешени психолошки конфликти. Затоа е важно да се обрне внимание не само на чувството, туку и на начинот на кој се манифестира и обработува љубомората во врската.

ЖМ: Како се развива посесивното однесување кај некои личности? Дали потекнува од несигурност, трауми или нешто друго?

-Посесивното однесување не се појавува одеднаш – тоа обично е резултат на длабоко вкоренети психолошки модели, кои може да потекнуваат од различни извори: рани искуства, стил на приврзаност, семејни динамики и лични трауми.

На пример, личности кои во детството искусиле емоционална нестабилност, занемарување или напуштање, често развиваат анксиозен стил на приврзаност. Тие имаат зголемена чувствителност на одбивање и постојан страв од губење на блиската личност. Овој страв може да прерасне во контролирачко однесување, бидејќи личноста чувствува дека само така може да задржи „безбедност“ во односот.

Исто така, претходни негативни искуства – како неверство, емоционално предавство или длабока несигурност – можат да предизвикаат потреба за прекумерна потврда и контрола во следните врски.

Во некои случаи, посесивноста може да биде дел и од одредени личносни нарушувања, како граничното или нарцистичкото нарушување, каде што постои нарушена слика за себе, зголемена чувствителност и тешкотии со регулирање на емоциите.

Важно е да се нагласи дека овие модели не се фиксни – со свесност, поддршка и психотерапија, личноста може да научи како да се поврзува на поздрав начин, без да ја компромитира автономијата на партнерот.

ЖМ: Кои се психолошките карактеристики на личност која е склона кон посесивност?

-Обично имаат ниска самодоверба, страв од напуштање, и силна потреба за контрола. Тешко се справуваат со неизвесност и често се анксиозни во врските. Може да бидат емоционално зависни и да имаат проблем со граници.

ЖМ: Дали често ваквото однесување е поврзано со анксиозност, ниска самодоверба или некои пореметувања?

-Да. Истражувањата во клиничката психологија покажуваат дека посесивноста и екстремната љубомора често се поврзани со анксиозен стил на приврзаност, каде личноста има длабок страв од губење на партнерот. Дополнително, ниската самодоверба, недостаток на сигурност во сопствената вредност и минати трауматски искуства играат значајна улога. Во некои случаи, посесивноста може да биде симптом и на личносни нарушувања како гранично или нарцистичко нарушување, каде има нарушена слика за себе и тешкотии во регулирање на емоциите.

ЖМ: Како детството и семејната динамика можат да влијаат на развој на љубоморни или контролирачки модели во односите?

-Моделите на поврзување се формираат рано во животот, главно преку релациите со родителите или примарните негуватели. Деца кои растат во непредвидлива, занемарувачка или прекумерно контролирачка средина, често развиваат несигурен стил на приврзаност. Тоа значи дека како возрасни, имаат тенденција да се плашат од одбивање, да станат зависни или да бараат прекумерна контрола во интимните односи – како начин да ја „заштитат“ врската од повторна загуба.

ЖМ: Како посесивноста и љубомората влијаат на здравјето на врската?

-Долгорочно, посесивноста и хроничната љубомора ја еродираат емоционалната безбедност во врската. Кога еден партнер се чувствува контролиран, следен или обвинуван, се губи довербата, се намалува интимноста и се јавува стрес. Ова може да доведе до емотивна дистанца, чести конфликти, па дури и прекин на врската. Покрај тоа, ваквото однесување има негативно влијание и врз менталното здравје на двајцата партнери.

ЖМ: Кои се раните знаци дека партнерот покажува контрола или нездрава љубомора?

-Најчестите предупредувачки знаци се: постојано проверување на телефони или социјални мрежи, ограничување со кого може да се комуницира, љубомора кон пријатели или дури семејство, барање за целосна достапност и негативна реакција кога партнерот бара време за себе. Иако понекогаш се маскирани како „грижа“, овие однесувања укажуваат на контролирачка динамика која може да стане сериозен проблем.

ЖМ: Дали ваквото однесување секогаш води кон емоционално или физичко насилство?

-Не во секој случај, но контролата и посесивноста често се рани компоненти на емоционално насилство. Ако не се препознаат и адресираат навреме, може да се ескалираат во вербално, психолошко или дури физичко насилство. Затоа е важно да се третираат сериозно и да се преземат соодветни чекори уште при првите знаци.

ЖМ: Кои се „црвените знамиња“ што некој треба да ги препознае кога е во врска со посесивен партнер?

-Некои јасни знаци вклучуваат: чувство дека треба да се оправдуваш за сè, изолација од блиски луѓе, намалување на личната слобода, прекумерна љубомора, обвинувања без основа, и постојан притисок да се биде достапен. Кога партнерот ја користи љубовта како средство за контрола, тоа е сериозен сигнал за дисфункционална врска.

ЖМ: Како да се разликува вниманието и грижата од контролирање и манипулација?

-Вистинската грижа се заснова на емпатија, почитување на автономијата и поддршка. Контролата, иако понекогаш се маскира како грижа, вклучува ограничување, сомнеж и емоционален притисок.

Манипулацијата често се манифестира преку создавање вина, страв или конфузија. Разликата е јасна: грижата ве поддржува, контролата ве задушува.

ЖМ: Што би им препорачале на оние кои се во врска со посесивен партнер? Како да започнат разговор за тоа?

-Разговорот треба да биде смирен, јасен и структуриран околу личните чувства – на пример: „Се чувствувам ограничено кога...“. Важно е да се избегне обвинителен тон и да се остане фокусиран на конкретни ситуации. Ако партнерот реагира одбранбено или одбива дијалог, тоа може да биде показател дека е потребна стручна помош.

ЖМ: Како може партнер кој има љубоморни тенденции да работи на себе?

-Првиот чекор е свесност за сопствените реакции, следен од работа на емоционална регулација и развој на доверба. Психотерапијата игра клучна улога во идентификување на корените на љубомората (често поврзани со страв, срам или траума), и во градење поздрави механизми за поврзување.

ЖМ: Кога е време да се напушти врската, а кога вреди да се бара стручна помош или терапија?

-Ако постои емоционално или физичко насилство, закани, или чувство на страв, тоа е јасен сигнал дека врската не е безбедна и треба да се напушти. Ако постои взаемна волја за промена и конструктивен дијалог, терапијата може да биде ефективна алатка за трансформација надинамиката.

ЖМ: Како може психотерапијата да помогне кај индивидуи кои се или соочуваат со љубомора, или живеат со партнер кој е посесивен?

-Психотерапијата нуди поддршка и простор каде личноста може да ги истражи причините за љубомората и посесивноста, кои често се поврзани со несигурност, страв од напуштање или непредвидливи искуства од минатото. Со психотерапевтска работа, се развиваат алатки за подобро препознавање и управување со емоциите, намалување на анксиозноста и градење на поздрави и почитувачки односи. За оние што се во врска со посесивен партнер, терапијата може да помогне во препознавање и поставување на лични граници и подобрување на емоционалната добросостојба.

ЖМ: Дали се препорачува индивидуална или пар терапија во вакви случаи?

-Одговорот зависи од конкретната ситуација, но во поголем број случаи индивидуалната терапија е почетната и препорачлива форма на интервенција. Причината е што во односи каде постои посесивност, често има и дисбаланс на моќ, манипулативни механизми или дури емоционално насилство. Во такви услови, терапија за парови може дури и да не биде ефикасна, и да го засили чувството на вина или конфузија кај жртвата. Индивидуалната терапија овозможува личноста да се зајакне психолошки, да ја разбере динамиката во која се наоѓа и да направи автономни избори за себе и за врската. Доколку се процени дека има здрава основа, дека нема активни форми на злоупотреба и дека двајцата партнери се подготвени да соработуваат, тогаш терапијата за парови може да биде следен чекор.

Во клиничката пракса, се покажува дека најдобри резултати се добиваат со комбинирана работа: прво индивидуално за секој партнер, па дури потоа во пар доколку постои потенцијал за реконструкција на односот.

ЖМ: Колку време е потребно реално да се направат позитивни промени?

-Позитивните промени се резултат на систематска и свесна работа на себе, вклучувајќи развивањена самосвест, управување со емоции и градење на здрави релации. Процесот бара посветеност и подготвеност за внатрешна промена, како и поддршка од стручна страна. Промена не е линеарен процес, туку динамичен и индивидуален, кој вклучува напредоци, но и повремени предизвици. Клучно е да се одржи континуитет и флексибилност во пристапот кон личниот развој и односите. Потребното време е различно кај секоја личност и зависи од многу фактори.

Габриела Додевска Глигоровска