Ана Бунтеска: Тури претури

Добивај вести на Viber

Тури претури

Од ваму таму

Оттаму ваму

Извади лажичка болка

Дотури среќа

Измешај како чај да е

Стави и малку мед да се разблажи

И повторно во устата ти горчи

Земаш уште една чаша

И си играш цел ден

Тури претури

Од ваму таму, оттаму ваму

Се обидуваш од водата киселина да извадиш

За уште да си ни вода ни киселина

Зејтинот си плива угоре

Водата е застоена удолу

Со три прсти талог од тага

Тури претури

Од срцето нешто подизвади

На душата троа напласти

Гребни ваму, живо место оздола

Додај онаму

Уште еден слој мрсна боја

Та си заклучуваш внатре сон

Кој едвај го памтиш

Ама по себе знаеш дека убав бил

Ставаш уште еден катанец

На и онака ‘рѓосаната железна порта

И клучот го фрлаш зад себе

Во високата трева за да не го најдеш

Градиш куќа на стаклени нозе

Кои се кршат на првиот потрес

Па си велиш во умот

Дека секако очекувано беше

Само не знаеш зошто толку боли

Зошто ти е душата како на ренде помината

Тури претури

Извади од овде, додај онде

Земи од онде, стави нешто во сегашноста

И има мигови кога се прелажуваш

Толку умешно и добро се прелажуваш

Што почнуваш да веруваш дека добро си

Или да сонуваш дека добро ќе бидеш

Ги врткаш чашите низ прсти

Во едната вода која накиселува

Во другата киселина со точки маснотија

Во третата зејтин во кој се давиш

Тури претури

Од болката извади

Од љубовта дотури

И пак на болна љубов завршуваш

Како првпат да ти е си се прелажал

Како да не дробело од порано, па си заборавил

Заклучи ја вратата

Железниот звук ти одекнува во градите

Повеќе не ни посакуваш да си надвор

И чудно те смирува тоа да тураш и претураш

Тури претури

Од ваму таму

Оттаму ваму

Испиј ја горчината и легни си

Велат, утре ќе е нов ден

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска