Ана Бунтеска: Среќа по порачка

Добивај вести на Viber

Порачуваш насмевки во поштенско сандаче

Кои ти стигаат со задоцнување

(секогаш тогаш кога ќе кренеш раце)

Стрпливо ги распакуваш од картонската кутија

На која пишува FRAGILE

Легнати на издробен стиропор

Наместени за да не се удираат една од друга

Ги гледаш и се чудиш

Ги префрлаш од рака в рака

Оти се или еден број преголеми за твојата уста

Па изгледаш како кловн

Кој повеќе ги плаши, отколку што ги смее децата

Или се еден број помали од она што треба

За да ти стојат добро на лицето

Та се чини како зелена мушмула да си каснал

И како шутрак седиш пред огледалото

Ги пробуваш сите една по една

Заштрафи, стегни

Олабави, отштрафи

На секоја ставаш лепенка и озгора пишуваш

За да знаеш за каде е, да не ги измешаш

За пред непознати

За на гости

За до гранапче

За во болница

За добредојде

За збогум

Ги сортираш и редиш

Ги подредуваш и прередуваш

Додека не ти светне во умот мисла

Дека за себе немаш, ете така...немаш

Ниту една за тебе не останала

Не за друго, туку да се најде

Тогаш кога ќе немаш со кого збор да скршиш

А треба денот да го преживееш

Не за друго, туку да се најде

Тогаш кога ти се чини дека тонеш

А нема кој рака да ти подаде

Порачуваш насмевки во поштенско сандаче

Упорно и со голема посветеност

Иако веќе знаеш дека џабе е

И дека кога ќе правиш големо чистење

Кутијата ќе ја фрлиш без да му ја мислиш

И секој пат си велиш

Зошто земаш нешто што не е за тебе

Нешто што ниту навистина го сакаш

Вртиш по страници кои нудат дребулии

“не, фала....само гледам”

Има убаво спакувана СРЕЌА

Со купони за попуст во живи бои

Од кои очите те болат

Стискаш на горниот десен агол на мониторот

Страницата се затвора како да ти е лута

Не ти преостанува ништо друго

Освен среќата да ја бараш во себе

Заедно со насмевката која ќе ти пасува