Ана Бунтеска: „Плачам, значи постојам”

Добивај вести на Viber

Плачењето е чистење, однатре. Порано знаев да плачам, многу одамна. Потоа, заборавив или си забранив да плачам. Не се ни сеќавам повеќе, само знам дека наеднаш и како со нож пресечено, во мене нешто секна. Ми течат солзи од сонце (скарани сме малку, имаме неурамнотежена врска со  “те сакам-не те сакам”), ми се насолзуваат очите од ветар или кога долго седам на лаптоп, ама плачење јок. 

И кога веќе муабетиме за плачење, мислам на она плачење со рикање, мрсули, очи подуени, нос како на Рудолф и после сето тоа, чувство на исцедена крпа. А сакам, не можам да ви опишам колку сакам да се исплачам, што за себе, што за другите, што за она што сме имале, што за тоа што ќе немаме. Најблиску до плачење ми е музиката или филмот, кога ги чувствувам контракциите на нешто што е во мене, кај градите. И ми се создава топка, кога не се голта, ми се прави грутка кај грлото и ме боли. Болење до коска, болење како некој да ми зарил вилушка кај грлото. 

И толку, не оди повеќе. Да има продавница во која може да се купи дозвола за плачење, па да си ја активирам како пакет на мобилен, би ми завршило едно чудо работа. Ама нема, исто како што нема полесен пат или учење од туѓо искуство. Она што останува или преостанува е да зберам храброст и еден ден да седнам карши сите мои стравови, да си помуабетиме, да се разбереме како луѓе дека вака веќе не оди.

Плачењето е благослов кој не го цениме онолку колку што заслужува. Се срамиме од него, се криеме, го потценуваме, го потиснуваме. Да се плаче е поголем грев од оној да се краде. Да се плаче е поголем срам од лажењето. Некако како да испревртевме наопаку и грнчиња и капачиња. Во свет во кој има сè повеќе калкулации и сè помалку емоции, плачењето стана одвишно. “Не покажувај емоции”, “не се лигави”, “не ми кенкај” се само дел од изразите со кои се саботираме и со кои од децата правиме емоционални инвалиди. Она што ме чуди е како, каде и кога е прогласено дека силата на еден човек лежи во неговата умешност да ги сокрие емоциите, па и солзите. Кога, каде и како е прогласено дека емотивните луѓе се канцер на општеството во кое сè помалку има искреност во чувствата на сметка на извагани односи. На кој ли кантар натежна суровоста наспроти кревкоста?

Неколку пати имам слушнато небулози од типот:

1.  Не плачи, ти си силна жена

2.  Не цмиздри, никој не смее да види дека си повредена

3.  Оди и направи фризура, одма е подруго...батали солзите

4.  Абе и да умираш во себе, секогаш да си насмеана

“И да умираш во себе, секогаш да си насмеана”?!!!!!! Само затоа што е многу важно каков впечаток ќе имаат другите за нас? Затоа што е многу, многу важно како ќе нè перцепираат луѓе кои по ниту еден критериум не ни се блиски, во ништо и за ништо. За кого да сум насмеана кога умирам во себе? За комшиите во лифт, за оние со кои стојам паралелно на семафор, за до гранапче, за на работа! А за себе што? Како? Па јас и да заштрафам насмевка на лице, по очите ми се познава каде сум зацапана.

Интересно е како имаме енергија (макар ги трошеле и последните атоми сила) да го задржиме имиџот на силни. Зарем силата е во себеказнувањето со неплачење (пукни Ано) и отсуство на емоции?

Уште поинтересно е што мажите имаат психолошка тортура кога е плачењето во прашање:

1.  Не биди пи*ка (иако забораваат како се раѓаат деца)

2.  Лигуш, не си маж ако плачеш

3.  Абе маж не плаче, тропа со рака на маса

4.  Маж си, мора да си силен

Емоционална кастрација за навек. Ако има емоции не чини, оти емотивноста е врзана за жените. Кај го пишува тоа? Да, различни сме ама исти работи нè болат, радуваат, ни го светнуваат денот или прават да сме како во дупка. Кој прогласи и каде (како за жените погоре) дека мажите не треба и не смеат да плачат? Емоциите не се ексклузивно право на одреден пол, ниту смее така да биде. Сега веќе сите се под пресија дека покажување емоции е многу страшна работа (Баба Рога). Сега мора да сме практични, сурови, со отсуство на емпатија, да газиме пред себе за да успееме. Потисни чувства додека не ти експлодира душата. И што е успехот? Да натрупаме пари кои в гроб не се носат. Да изнакупиме станови и куќи кои ќе се пепел од еден силен земјотрес.

Што е успехот воопшто? Не е ли успех да се научиш себеси (и пак: пукни Ано) да исповраќаш сè што ти се напластило, а те поболува. Не е ли успех да си ги научиш децата дека по ниту една цена не смеат да потиснуваат емоции оти на 40 ќе ги стегне срце. Не е ли успех да се биде спокоен и среќен, наместо ѓон кој ќе гледа од високо на сите луѓе кои се емотивни.

Не, не сакам и никогаш не сум сакала мажи кои не се соочуваат со сопствена емотивност. Таквите, никогаш нема да ја разберат и прифатат мојата. Не сакам мажи кои на солзите гледаат како да се отров. Знам дека еден ден ќе има некој карши мене пред кого ќе можам да плачам додека не се изронат сите солени гребени кои сум ги создала однатре. Тогаш ќе знам дека е ТОЈ и дека можам да бидам токму она што сум, без страв пред него, но и пред себе.

Знам дека ние жените сме способни да се грижиме сами за себе. Нам не ни треба “тато” во партнерот, туку ни треба љубов која ќе се движи цело време, која ќе циркулира и нема да стане жабокречина, застоена и засмрдена. Знам дека љубовта кон партнерот е преќутно давање слобода да биде она што е, некогаш затворен, некогаш меланхоличен, некогаш плачлив.

Градам куќа со луѓето кои ми значат и со кои сум во својата најсирова форма...не вистинска (барем не засега), туку така го замислувам односот со нив. Градам внатрешна куќа во која има доверба, поддршка и илјадници ситни нешта кои ни ги спојуваат душите. Во таа куќа е сè дозволено, затоа што е мала ама доволно голема за да ни ги збере душите. Дозволено е сè затоа што внимаваме едни на други и си го чуваме грбот едни со други, во радост, но и во тага. Во смеа, но и во солзи.

Најдете ја фреквенцијата на луѓето со кои ќе можете да плачете. Не тропам напамет, знам од искуство дека човек кога не знае, кога не може, кога не си дозволува солзи, се абе однатре, како да му се тенчи кожата.

Фреквенцијата на која ќе бидете со оние кои ви значат е токму таа која ќе ве излечи кога ви е болно телото, ама и мекото кај градите. Да се слуша вибрацијата на душата пред и после плач е како да сте влегле во лековита и топла вода, после цел ден на студено.

Јас не знам многу работи за многу работи. Некои ќе ги научам, некои не. Некои ќе мислам дека сум ги научила (а не сум), некои ќе мислам дека никојпат нема да ми се блиски (а ќе ги живеам). Но, од сите работи што не ги знам и оние кои ги знам...сигурна сум во едно нешто. Плачам, значи постојам...жива и однатре и однадвор.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Јас пак и нејќам силна да сум

Ниту да ми е душава ко бунар

Та фрлај сѐ внатре демек бери

Оти и бунарот крај има

Полни, полни и ќе прелие

Исто ко човечката душа

Та после си отишол човекот

Ама арен беше со здравјето

Што така наеднаш горнион го зел?!

Е не бил!

Само молчел и во себе збирал

Голтал и се давел во чемер

И се саклетисувал за ова и за она

Дур не му пукнало срцето

И болести не го навјасале

Нејќам

Еве јас да се прашувам

Сосем поинаква би била

Би пуштала солзи за секоја болка

Би ја исплакала секоја неправда

Море би се удавила во сопствениот плач

За сѐ што сум одмолчила

И за сѐ за што сум се насмевнала

А ми идело да врескам

И не

Повеќе не мислам оти е сила

Очите суви со децении да ти бидат

Дур еден ден не ти пресушат

Како езера во жега

И не

Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст

Оти човек треба да вика

Ама до небо да се слуша ко не му е арно

Да се изнавика и изнапцуе

И ништо во себе да не држи

Да плукне и на силата

Да плукне на божемното достоинство

Врескај!

Врескај колку гласот те држи

Дур не ти испопукаат гласните жици

Дур не засипнеш та со денови сетне збор да не

проговориш

Ама врескај ко мака ти е

Ко те боли душата

Ко ти крвави срцето

Небаре некој за вечера ти го прави

Та со ножот парче по парче откинува

За да го зготвина пареа

Викај човек!

Викај толку силно што ќе се вџашат комшиите

И ич гајле да не береш

Тие и онака те озборуваат за нешто

Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе

За да не из’рти во болест

Да не ти метастазира до умот

Да не биди сетне оти

„арен беше, ама ете така си отиде“

Оти најбрзо си одат тие кои молчат

И кои тагата во себе ја чуваат

Во срцето

Во душата

Во телото

Во тој музеј на тага