Кога жената е своја

Добивај вести на Viber

Нема ништо поубаво, посекси и попривлечно од жена која знае како да си го носи карактерот и која не се плаши да биде она што е. Таквите жени дишат со љубов кон себе која не е самобендисаност, самоувереност која воопшто не е надменост и смиреност која никојпат не е рамнодушност. Токму тие и таквите жени се секогаш со крената глава, без оглед дали денот им почнал со смеа или со солзи и без оглед дали живеачката им е мед и млеко или се соочуваат со проблеми од било кој вид.

Се сеќавам на еден специфичен момент кога станав свесна дека постојат жени кои се свои, жени кои достоинствено и храбро си ги носат годините, своите мисли и желби. Тоа беше кога во средно нè носеа на екскурзија низ Југославија и кога бевме во Загреб. Отприлика, некаде пред 37 години имав прилика да видам жени кои кај нас ги немаше или беа реткост да се видат. Стросани од глава до петици, со држење како да му пркосат на светот, облечени во модерни мантили (беше доцна есен) во бои од окер до темно кафена, со кондури и чанти кои беа во иста боја, со марами и шешири. Тоа ми остана како синоним за она што се вели “види каква дама”.

Не дека беа сите убави, ако мислите дека зборувам за некаква си класична убавина, по некакви си измислени стандарди. За мене, никогаш тие стандарди не биле пресудни за да можам да кажам дека е некоја жена убава или не. Убоста им ја гледав во начинот на кој ја носеа облеката на нив, држењето и ставот, сигурноста и спокојот во чекорот. Тоа беа жени на кои им се гледаа годините на ликот, но секоја од нив ги носеше со смиреност и со прифаќање. Во тоа време, не дека кај нас во Македонија немаше стросани дами и не дека нашите жени биле помалку убави од другите, но некако како да постоеше еден момент на тивка осуда дека ако пазиш на себе, тогаш си суетна и недомаќинка. Од мала ја паметам баба ми од Битола дека беше секогаш со црвениот кармин, во едно облечена по дома, па пресоблечена во друго за надвор. Ама во позадина секогаш стоеше тоа дека иако беше дотерана и дама, сепак беше поважно да не ја окарактеризираат дека не се грижи доволно за домот и семејството. И да, нашите жени овде беа учени на понизност, на некаква си лажна скромност која честопати беше и главна причина да им се убие амбицијата или да им се оспори да имаат успешна кариера.

Потоа, времињата почнаа да се менуваат. Она што на времето го видов и ме фасцинираше во Загреб, на моја голема радост го гледав и кај нас. Полека, жените како да се будеа од некаков си наметнат имиџ на стуткана домаќинка која е ок да е неугледна сè додека домот е чист, трпезата наместена и нема прашина на површините. Да, секогаш сум за тоа дека треба човек да се грижи за просторот во кој живее, оти и тоа е дел од себељубењето. Секогаш сум за тоа дека секој треба да знае да си спреми барем десетина јадења, ама кога велам секој мислам и на ќерките и на синовите. Но никогаш не сум била и никогаш нема да бидам поборник на тоа дека треба да се става на кантар амбицијата и домаќинлукот, па да се мери и премерува. Има денови кога ниту ми се готви, ниту ми се чисти. И не, не се чувствувам нималку виновна за тоа, оти никаде не пишува дека жената мора по секоја цена да биде расположена за да замеси нешто или да зготви за 3-4 дена однапред. Нашиот кантар беше поприлично изместен за некои работи. Ако за маж е нормално да не знае да готви, за жена е нормално да мора да знае. Ако за маж е нормално дека мора да знае да плетка нешто во струја, за жена е нормално дека не треба да има врска со струјата. А јас па знам веќе повеќе семејства во кои мажот е виртуоз во кујната (дури имам и другар кој вели за жена му “не бе, нема што да ми се меша во кујна” ), но знам и жени кои ги бива повеќе за ситни поправки по дома, отколку што ги бива нивните партнери.

Правилата се одамна подизместени и фала му на универзумот за тоа. Сега, нам жените не ни треба дозвола да бидеме она што сме и што сакаме да станеме. Не ја ни бараме повеќе дозволата ниту од нашите партнери, ниту од општеството, ниту од соседите. Едноставно, сè повеќе стануваме свесни дека единствената дозвола која треба да ја бараме за да сме свои и среќни е од нас самите. Тоа не значи дека сме себични и дека не нè интересира ништо друго освен нашата среќа и исполнетост. Тоа значи дека стануваме многу посвесни за себе и за тоа дека ако во суштина не сме внатре ок со себе, нема да сме ок ниту дома, на работа, со партнер, деца, пријатели.

Да се биде своја не е определено со дефиниција за начин на облекување, шминкање, претставување пред другите. Да се биде своја е да се има контакт со жената која е позади ликот, фризурата, облеката и формата на телото. Таа жена која е внатре во секоја од нас е онаа која ни излегува од очите, која ни е проткаена во енергијата која ја емитираме. Со таа жена, која е во секоја од нас нема пазарење, нема лажење, нема подбивање и подигрување. Ако ја почитувате и негувате, ќе ви врати со спокој и сила. Ако ја шуткате наваму-натаму, ќе ви возврати со немир и со тага.

Порано имав уплав да сум своја. Бев убедена дека никој нема да ме сака заради она што сум, дека не вредам доволно, дека не заслужувам внимание. Онаа Ана која ме правела да бидам тоа што сум ја имав така добро измалтретирано, чувано во ќош и потиснувано, што во еден момент и не знаев повеќе која сум. А однадвор бев совршена, костумосана, со фризура, со фасада која беше тип-топ. И не дека е тоа лошо кога е фасадата преубава, туку е лошо кога носите однадвор нешто што не сте однатре. Кај мене беше токму тоа, однадвор совршена, однатре шупливо. И полека почнав да се менувам, полека и болно отстранував сè што ме правеше она што не сум. Жал ми е само што нема одење прекутрупа за некои работи, па да ги стокмев порано. Ама еве ме, на скоро 54 години конечно сум своја. Не се плашам да кажам тоа што мислам, да побарам тоа што ми треба, да кажам некому “факју” или да предам како маче. Немам суета, ама имам достоинство кое не го продавам за ситни парички. Да, незгодна сум за многумина оти не давам никој да ме манипулира, ама барем главата ми е мирна. Имам луѓе до себе за кои дел од душата си давам и кои за мене би сториле сè...не се многу, ама се алтан до алтан. Тие и таквите ме прифаќаат и сакаат токму ваква, своја и бескомпромисна во тоа да останам своја.

Сакам да гледам убави жени, им се восхитувам. Сакам да гледам жени кои се нашминкани, ненашминкани, кои се накитени, кои се без ниту едно парче накит на себе, кои имаат совршени фризури и онакви кои се со фатена коса во лабава пунџа. Сакам да гледам жени кои знаат како да чекорат во високи потпетици и жени кои носат Мартинс или балетанки. Сакам да гледам жени кои возат велосипед, исправени и елегантни, но и жени кои возат автомобили и пцујат во гужвата. Сакам да гледам жени кои секоја брчка си ја носат гордо и жени кои велат без око да им трепне “имам закажано за ботокс следна недела”.

Со еден збор, сакам да гледам жени кои се свои. И многу сум горда на секоја од нив, без оглед колку се различни една од друга. И ги препознавам кога се такви какви што се од што така им се сака, а кога се такви оти некој очекува од нив. Првите ме прават среќна оти знам колку требало да минат и колку фурни леб изеле за да дојдат до себе. Што се однесува до вторите, знам дека еден ден ќе зберат храброст и ќе кажат “ок, доста беше”. Не губам надеж и имам верба дека секоја од нас ќе се најде себеси во овој хаос во кој честопати сме.

Пак ќе речам..нема поубав и посекси жена од онаа која е своја, која знае што сака и која знае што не сака. Нема поубава и посекси жена од онаа која знае како да побара од себе да биде среќна и која е спремна да го заврти грбот на сè што ја ремети во нејзините зацртани цели. Целата мудрост на живеачката чинам дека е сведена на таа едноставна работа, која воедно е и најтешка за живеење...да се биде своја. Оти жена која е своја е среќна жена, убава жена, спокојна жена. А секоја од нас го заслужува најдоброто.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Те учат силна да си

Плеќите од челик да ти бидат

Чунки светот на нив ќе ти стои

Натежнат од чоечки маки

Те учат

Ете така сиот живот те учат

Оти треба усни да поткасаш

И да премолчиш

Да голтниш чемер

Како питко вино да е

И да го изџвакаш сиот бол

Поттурнувајќи го со чаша вода

Синкир вкусна погача е

Спремена со радост и ќеиф

Те учат без глас да бидиш

И занемено сите неправди

Молкум да ги истрпиш

Оти така им чини

Оти така демек треба да биди

Те учат однатре да се јадиш

Со суви очи да си ја закопаш иднината

Да не пререкуваш никому

И да угодуваш секому

И тераш така дур еден ден

Нешто во душата не ти напукни

Како камен од вода сронет

Та ги пушташ солзите

Да ги измијат сите јадови

Да ти се зачисти однатре

Да светниш однадвор

И сите во мајчината ги тераш

Заедно со тоа што те учеле

И исплакуваш години и векови

Себе и она што сторено ти било

За да ти направи рана на срцето

И плачиш небаре последно ти е

Дур не сетиш како ти олеснува

Како пердув да ќе се сториш

И плеќи исправаш 

За да го тргниш светот од нив

Поземаш слатко од смокви

За ти се заблажи горчината

Од оние кои те учеле оти ако жена си

Не треба своја да си

И знаеш

Знаеш оти ако женско чедо имаш

Ќе го научиш да плачи и вика

Оти силата во молкот не е

Ниту некојпат ќе биди

Туку во гласот кој го имаш

Кој е твој

Кој си ТИ