Актуелно // Insta вести
Македонската песна одекнува среде Австралија: За сѐ е заслужна нашата пејачка и чуварка на македонската традиционална музика во дијаспората
Пејачката Татјана Лазаревска, која повеќе од една деценија живее во Австралија, останува верна на своите корени и на најубавиот дел од македонската традиција – народната песна.
И покрај далечината, таа никогаш не се откажа од својата мисија да ја чува и пренесува македонската култура на новите генерации во дијаспората.
На една неодамнешна свадба во Мелбурн, Татјана повторно го привлече вниманието со својата ведрина, глас и позитивна енергија. Облечена во традиционална облека, таа со македонска песна и насмевка ги крена гостите на нозе, претворајќи ја прославата во вистинска македонска свадба — со оро, радост и многу емоции.
„Колку и да сум далеку од татковината, срцето секогаш ми е во Македонија. Песната ми е мостот што ме поврзува со мојот народ,“ изјавила пејачката во неколку наврати.
Татјана со години е дел од македонската заедница во Австралија, каде настапува на бројни настани, концерти и семејни прослави. Нејзиниот глас и присуство се потсетник дека македонската песна не познава граници — таа живее таму каде што живее љубовта кон татковината.