УСПЕШНА ОПЕРАЦИЈА НА ТУМОР НА ХИПОФИЗА Ѝ ГИ ВРАТИ ВИДОТ И РАМНОТЕЖАТА НА 58-ГОДИШНАТА ПАЦИЕНТКА ВЕРКА АНДРЕЕВСКА
На Одделот за неврохирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно беше изведена сложена, минимално инвазивна интервенција – ендоскопска трансназална транссфеноидална екстирпација на макроаденом на хипофиза, со користење систем за невронавигација кај 58-годишна пациентка.
Симптомите кај Верка Андреевска се појавиле пред половина година, кога почнала да го губи видот, да има значителни главоболки и губење на рамнотежата.
„Почетоците на мојата болест беа пред 5-6 месеци, пред да ја откријам дијагнозата. Почнав многу бргу да го губам видот и затоа барав решение на офталмологија. Бев кај повеќе лекари, но не се работеше за диоптрија или глауком. Кога почнав да ја губам рамнотежата, да имам нагони за повраќање и уште поголемо намалување на видното поле, ќерка ми веднаш ми закажа магнетна резонанца на главата. Истот ден го добивме одговорот за моите маки – аденом на хипофиза со значителни димензии. Тоа за мене и моето семејство беше огромен шок, па веднаш закажавме преглед кај проф. Дамјановски“, објаснува пациентката Верка Андреевска.

Кај неа амбулантски бил дијагностициран макроаденом на хипофиза – бениген тумор кој се појавува во подрачјето на хипофизата, жлезда сместена на основата на черепот што има клучна улога во регулирањето на повеќе хормонални функции во организмот.
„Во конкретниот случај, туморот предизвикуваше постојани главоболки и намалување на видното поле – симптоми што често се јавуваат кога аденомот врши притисок врз оптичките нерви. По детални радиодијагностички и лабораториски испитувања беше поставена индикација за оперативно лекување“, објаснува проф. д-р Слободан Дамјановски, специјалист по неврохирургија.

По прегледот и деталните испитувања, била закажана итна операција.
„Поради сложеноста, операцијата траеше околу пет часа. За мојата сегашна состојба, голема заслуга имаат и д-р Александар Лазаревски и асистентката по неврохирургија д-р Ирена Лазарева. Нивната грижа не траеше само за време на операцијата и престојот во ‘Аџибадем Систина’, туку продолжи и по заминувањето дома – со контроли и прегледи секој месец, следење на мојата здравствена состојба, хормони, контрола на видот и синусите. Голема благодарност до целиот тим на болницата, кои ми го спасија и продолжија животот“, вели Верка.

Современа и минимално инвазивна техника
Целиот оперативен зафат бил реализиран во тимска соработка и со мултидисциплинарен пристап со колегите од Одделот за оториноларингологија, поради потребата од прецизна анатомска ориентација и внимателна навигација.
„Интервенцијата ја изведовме со ендоскопски трансназален транссфеноидален пристап, што претставува најсовремена и минимално инвазивна метода за третман на овој тип тумори. Пристапот до хипофизата се прави преку носната шуплина и сфеноидалниот синус, без потреба од класична краниотомија, односно без отворање на черепот. Дополнително, користевме софистициран систем за невронавигација, кој овозможува реална тридимензионална ориентација и контрола на анатомските структури во секој момент од операцијата. Тоа значително ја зголемува безбедноста, ја намалува можноста за компликации и овозможува целосно и прецизно отстранување на туморот, со максимално зачувување на околните структури“, објаснува проф. Дамјановски.
Одличен постоперативен исход
По операцијата, уште во првите постоперативни денови кај пациентката било забележано значително подобрување на видот, а потоа и целосна нормализација на видното поле.
„Контролните хормонални анализи покажаа уреден ендокринолошки статус, без знаци на хормонален дефицит или хиперсекреција – што значи дека функцијата на хипофизата е зачувана. Денес, пациентката се чувствува одлично, без главоболки и без визуелни испади, така што продолжува со редовни контроли“, додава професорот.
Мултидисциплинарен пристап во современата неврохирургија
Проф. Дамјановски објаснува дека овој случај е одличен пример како современата неврохирургија, во интердисциплинарна соработка и со примена на најнова технологија, може да постигне извонредни резултати – со минимален ризик и брзо закрепнување на пациентот.
„Нашата цел секогаш е пациентите да добијат најсовремено лекување со најминимално инвазивен пристап и најбрзо враќање кон секојдневните активности. Благодарение на современата опрема и тимскиот пристап, денес тоа е возможно и кај сложени состојби, како што се туморите на хипофизата“, потенцира проф. Дамјановски.
Верка Андреевска вели дека сега се чувствува одлично и полека, но сигурно, се враќа на своите секојдневни обврски.
*ПР објава