Македонец го искуси системот за влез во ЕУ: „Ставаш четири прста...“

Добивај вести на Viber

Македонскиот авантурист и љубител на патувања, Драган Тапшанов, е меѓу првите граѓани на Република Северна Македонија кои го искусија новиот Европски систем за влез/излез (EES), кој од 12 октомври 2025 официјално започна да се применува на надворешните граници на Европската Унија.

На граничниот премин меѓу Србија и Хрватска, Тапшанов сними видео и накратко го објасни процесот, кој е дел од новата регулатива на ЕУ – Регулатива број 017/2226.

„Нема веќе влез преку лентата за Европска унија. Секој стои во лентата во која е застанат, без разлика на државјанството,“ вели Тапшанов.

„Само што ја поминав границата, и моментално системот за регистрирање и скенирање работи директно на граничните премини – апликација сѐ уште нема. Доаѓате, ставате четири прста, ве сликаат – има апаратче поставено во самата кабина кај полицаецот – и тоа е тоа.“

Системот, моментално работи во „рандом“ режим, што значи дека не секој патник мора да помине низ процедурата, барем не засега.

„Јас денес не се сликав, бидејќи девојката (службеното лице) ми кажа дека системот работи само два часа во текот на денот, рандом. Ако те погоди – те погоди. Таа рече – на почеток ќе има малку гужва, додека се навикнеме и ние и вие, и потоа ќе биде полесно “ додава Тапшанов.

View this post on Instagram

A post shared by Dragan Tapshanov (@dragantapshanov)

Што претставува EES?

Според соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Европскиот систем за влез/излез (EES) е нов автоматизиран ИТ-систем на ЕУ за регистрирање на податоци за патници од трети земји (вклучително и од Македонија) кои патуваат во Шенген-зоната за краток престој.

Системот ги заменува традиционалните печати во пасошот и регистрира:

*Време и место на влез и излез од Шенген-зоната

*Биометриски податоци (фотографија и отисоци од прсти)

*Податоци од патната исправа и видот на патната исправа

*Дозволена должина на престој (максимум 90 дена во период од 180 дена).

Системот е дел од пошироката стратегија на ЕУ за дигитализација на граничната контрола и подобра безбедност.

Иако во иднина се очекува патниците однапред да можат да се регистрираат преку мобилна или веб-апликација, таа опција сѐ уште не е достапна. Засега, целиот процес се одвива физички, на граничните премини.

Со имплементацијата на EES, македонските граѓани кои често патуваат во ЕУ треба да очекуваат промени во граничната процедура, но и потенцијално побрз и потранспарентен влез во иднина.

 Овој систем ќе се воведува постепено во 29 европски држави во период од шест месеци на сите надворешни граници на Шенген-зоната, со целосната функционалност до април 2026 година, Системот ќе се имплементира на граничните премини во следниве земји: Бугарија, Хрватска, Унгарија, Романија, Словенија, Грција, Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Шпанија, Шведска, Швајцарија.

На кого се однесува

Системот ЕЕС се однесува на државјаните на земјите кои не се дел од шенген зоната, кои патуваат во Шенген-зоната без визи, туристички  (краткорочен престој 90 дена во период од 180 дена)

Што значи ова за патниците

Нема да се стави печат на пасошите при влез/излез – податоците ќе се евидентираат електронски;

Патниците ќе мора да поминат биометриска регистрација при првиот влез;

Системот автоматски ќе следи дали некој ја надминал дозволената должина на престој во Шенген зоната.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/ Инстаграм